„Кога со посниот подвиг ги заузда сите телесни нагони, ја покажа храброста и цврстината на твојата душа; сакајќи да го видиш крстот Господен, самата себе се распна за светот, сечесна. Оттука и желбата твоја да живееш живот ангелски, себлажена. Моли Го Христа Бога да им дарува прошка на гревовите на оние што со љубов го слават твојот свет спомен“ (седален на преподобна Марија Египетска).

Светата Црква во Петтата недела од Великиот пост го прославува споменот на преподобната Марија Египетска, чиј подвиг останува врежан во црковните записи како еден од најголемите подвизи и жртвувања од љубов кон Бога. Во оваа Петта недела, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереј Игор Никовски, свештеник Никола Христоски и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Митрополитот Тимотеј ги причести малите дечиња и им подели нафора на верните, а кон сите се обрати со зборовите:

Best jordan Sneakers | balerínky

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Во денешното неделно евангелско четиво, слушнавме како Господ Исус Христос, искачувајќи се кон Ерусалим, им кажува на Своите ученици и апостоли: „Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабожците. И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне“ (Мк.10. 33-34). Сето ова Господ Исус Христос им го кажува  на апостолите со цел да ги подготви и да ги утврди во Неговата Богочовечка мисија на земјава. Тој неколкупати и пред тоа, иако во понејасна форма, им најавува дека се наближува период кога Он треба да настрада, да биде распнат, но и дека ќе воскресне.

Сето тоа било потребно за да ги зацврсти во нивниот дух, па кога ќе настапи овој период, да не се поколебаат, туку да знаат дека Господ Исус Христос тоа доброволно го прави и со Својата слободна волја пристапува кон овие измачувања, понижувања и распнувања. Но, и дека сето тоа го прави со единствена цел - откуп на човечкиот род. Тоа може да се види и од фактот што Господ Исус Христос одел пред учениците како нивен Учител, зашто ако Тој сакал, би ги избегнал Голготските маки и не би одел во Ерусалим. Истовремено, Христос им кажал дека на третиот ден ќе воскресне. Од една страна, тоа било силна утеха за апостолите, а од друга и силно уверување во Неговата наука и во Неговата искупителна задача, за којашто и слегува од небеските висини и прима човечко тело, а сега и доброволно оди на страдање.

И покрај тоа што Господ Исус Христос многу јасно и многу гласно и без никаква двосмисленост им укажува на апостолите дека оди на страдање, на понижување, но и дека ќе воскресне, апостолите не ја разбрале неговата порака. Затоа двајца од апостолите, браќата Заведееви, Јаков и Јован, Му бараат: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја” (Мк. 10,37).  Овие апостоли не го разбрале  Неговото воскреснување во правата смисла на зборот. Тие сè уште верувале дека Христос зборува за земно царство. Двајцата апостоли поитале што побрзо да си обезбедат достоинствено место, први до Христа, едниот од десната, а другиот од левата страна. Преку седнувањето на овие почесни места, тие очекувале  да бидат првите што ќе господарат со Христа  во Неговото овоземно царство. Но, Христос им одговара: „Не знаете што барате. Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштевањето, со кое се крштевам Јас?“ (Мк. 10,38).

Оптоварени со помислата за земно првенство, тие воопшто и не ги разбрале  зборовите што Господ Исус Христос сакал да им ги каже. Учителот поточно ги прашува: дали  вие можете да страдате и да бидете понижувани, како што ќе страдам Јас? Не знаејќи го тоа, одговараат: „Можеме“ (Мк. 10,39). Затоа, пак, Христос дополнува: „Но, да позволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за  кои е приготвено“ (Мк.10,40). Господ Исус Христос всушност им вели: седнувањето од десната и левата страна се постигнува само со труд, со мака, со дела и тоа е возвишено и за самите небесни ангели. Преку тоа сака да им укаже на овие двајца ученици, но и на сите нас, дека за влегување во Царството небесно не е доволно само да бидеме крстени или да ги исполнуваме формално нашите обреди: да ги крштеваме нашите деца, да ги венчаваме, да ги погребуваме нашите блиски со црковни обреди и слично. Сето тоа е потребно и пожелно, но не е и доволно. За да влеземе во Царството небесно и да се најдеме од десната страна на Престолот Божји, потребно е многу повеќе труд, многу повеќе добри дела, пропратени со молитва, пост, отсекување на секаква страст и грев и уподобување на Божјите угодници. Зборовите „Тоа не зависи од Мене”, значи дека Господ Исус Христос како праведен Судија не суди предвреме и не дава достоинства само од љубов кон едни, туку кон сите и токму  затоа е праведен. Она што го барале двајцата апостоли е подготвено за оние што се подвизуваат и за оние што ќе го достигнат тоа достоинство. Праведниот Цар ќе го постави на највисоко место оној, кој со своите подвизи го заработил тоа, бидејќи венецот е подготвен за победниците.

Кога слушнале десетте други апостоли, почнале да негодуваат против Јакова и Јована, за тоа како тие несправедливо сакаат да ја исползуваат блискоста на Христа и да бидат први во царството. Тогаш Христос ги повикува сите и уште појасно им кажува за Царството небесно, кое се разликува од сите други царства: „Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив. Но, меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите“ (Мк. 10,42-44). Ова е начинот на кој се доаѓа до вистинското достоинство и слава пред Бога. Ако така постапува човек, тогаш тој ќе чувствува вистински празник во душата, а тоа е пример за вистинска љубов за еден кон друг, искажана и со почит и на дело.

Господ Исус Христос побарал да служат не само еден на друг, туку да се подготвени да умрат за Оној Кому Му служат. Тоа е најдобро за апостолите. Тоа претставува одење по примерот на нивниот Учител. Господ Исус Христос ја завршува Својата проповед со зборовите: „Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина” (Мк. 10,45). Со овие зборови, Христос, поаѓајќи од поголемото кон помалото, методолошки покажува пред апостолите како се служи и како Христос доаѓа за да им служи на луѓето. Преку овие зборови Христос ги поучува сите кои сакаат да бидат вистински христијани, како треба да бидеме подготвени на смиреност, на кроткост, на понизност, да искажеме љубов и почит кон секој човек којшто носи образ Божји. А сето тоа ќе можеме да го постигнеме преку пост, покајание и исповед.

За тоа ќе може да ни послужи и светата Марија Египетска, чиј спомен светата Црква го слави во оваа Петта недела од Великиот пост. Таа, пак, од голема грешница, преку пост и покајание, се удостоила да биде од десната страна во Царството Божјо. И ние да се угледаме на неа и на нејзините подвизи, а не на нејзините гревови, па со покајание и исповед, очистени и измиени, и телесно и духовно, да се удостоиме радосно да го дочекаме и светлото Христово Воскресение. Амин!

Петта недела од Великиот пост
21.04.2013 год.
храм „Свети вмч. Горѓи“ Охрид

5NEDVELPO2013

5NEDVELPO2013 2

5NEDVELPO2013 4

5NEDVELPO2013 6

5NEDVELPO2013 8

5NEDVELPO2013 10

5NEDVELPO2013 12

5NEDVELPO2013 14

5NEDVELPO2013 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1