„Оној што некогаш ја затвори бездната, сега мртов се гледа и, завиткан во смирна и плаштаница, Бесмртниот како смртен во гроб се полага; а жените, плачејќи горчливо, дојдоа да Го помазат со миро, викајќи: Оваа сабота е најблагословена, зашто во неа Христос, заспан, по три дена ќе воскресне“ (кондак на Утрена на Велика Сабота).

Христос се спушти со својата нераспадлива и божествена душа во адот, и им ја соопшти радосната вест на сите, кои Го очекуваа спасението. И адот се избезумува, чувствувајќи ја преголемата Божја сила, зашто во него дојде Оној, Кој има власт над сета вселена. Во него слегува Оној, Кој дојде да ја разруши силата на смртта и вратите на адот.

На овој Велик ден (02.05.2013 година), Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј богослужеше во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереите Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Свештенството и многубројниот верен народ едногласно го испеаја Опелото на Распнатиот Христос, и со жална поворка околу Божествениот храм, Го погребаа Распнатиот за светот Христос. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Sports Shoes | adidas

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска нашата света православна Црква го чествува погребението на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Самиот збор погребение во неговата суштина е страшен. Тој ни ја претставува состојбата во која се нашол Христос, поради Неговата љубов кон нас луѓето. Но, ниту подвизите на Господа Исуса Христа, ниту страшните маки, ниту раните од клинците, ниту биењето и понижувањето не се толку страшни, колку што е страшна една друга димензија - одделеноста од Бога.

Примајќи го врз себе човечкото тело,  Христос влегува во нашиот живот, а преку тоа и во нашата оддалеченост од Бога. Тој го прифатил ова дело, за Неговата жртва да биде совршена и спасоносна за целиот човечки род. Влегол во една таква состојба, во која го почувствувал Божјото отсуство, а за тоа ни сведочи Неговата молитва: „Боже, Мој, Боже Мој,  зошто си Ме оставил?“ (Мр. 15,34). Гревовите на луѓето Го оддалечуваат од Бога и тие се најтешкиот товар врз Неговите плешки. И кога ние ја споменуваме Гетсиманската ноќ, нè поразува барањето на Синот Божји, Кој како човек ја гледа смртта пред очи и ја гледа чашата што треба да ја испие. Но, свесен е дека доколку Отецот се оддалечи од Него и доколку Он се оддели од Бога, човештвото ќе отиде во сигурна смрт.

Христос ја испил полната чаша со страдања. Во таа чаша, пак, се наоѓаат сите зла од овој свет. Тука е и колебливоста на Неговите апостоли, како и обвинувањата и гонењата од Неговите најголеми непријатели, грубоста и свирепоста на војниците, злобата и пакоста на мачителите, како и толпата народ, која вика: „Распни Го, распни!“ И над сето тоа се појавува една огромна провалија, една бездна која Господ ја чувствувал и ја искажува во зборовите: „Боже Мој, Боже Мој зошто си ме оставил“. Оваа бездна Го делела од смртта, но имало потреба да се мине таа граница. Господ Исус Христос ја поминал таа граница, ја примил смртта и погребението, и тоа само поради нашето спасение.

Господ Исус Христос, заради нас и нашето спасение, претрпел такви маки, страдања и преживувања, што ние не можеме нити да ги замислиме, а камоли да ги поднесеме. Ние се раѓаме во овој живот, за во него да растеме за вечен живот. Спасителот, пак, се раѓа и доаѓа на земјата, од вечен живот, од севкупната полнота. Он постанува човек, за ние да постанеме синови Божји. Го прима човечкото тело на Себе и влегува во ограничената човечка судбина на земјата. Христос живее во овој грешен свет, постанувајќи во сè сличен на нас, освен во гревот. Он го поминува крстниот пат, затоа што ние сме се оддалечиле од правиот пат и од Бога. Он страда, за да ни даде можност ние да живееме во блажен живот. Он сè прима без роптање, за да нè врати во послушноста кон Отецот Небесен. Он го исполнува сиот тој подвиг до крај и со тоа му дарува можност на целиот човечки род да се врати од богоотстапништвото во прегратките на Отецот. Им дава на луѓето можност да најдат прошка за престапите и гревовите и да постанат небесни синови.

Сите ние сме должни да се покориме на Неговата смрт. Гревовите на луѓето повторно Го распнуваат Христа животодавецот. Дури и само ако еден човек погрешил и отстапил од Бога, Синот Божји и за него повторно би дошол, за да го спаси, зашто во евангелскиот расказ се вели  дека ќе ги остави деведесет и деветте овци и ќе појде да ја побара загубената овца.

Многу е тешко да се спореди денешното прославување на плаштаницата, од една страна, и ужасот кој го опфатил тогашниот човечки род и секое создание, од друга страна. Кога небото потемнело, земјата се затресла, зашто сета вселена сочувствувала за смртта и погребението на Господа Исуса Христа во тој неповторлив петок. Ние денеска учествуваме во смртта на Нашиот Спасител, но, во исто време, во неа гледаме и воскресение. Самиот Крст Христов, кој тогаш бил орудие за спроведување на најсрамната казна, сега блеска со победа и ги весели нашите срца во светот и ја крепи христијанска надеж. Тогаш ништо од тоа не постоело. Божјата Мајка се сораспнувала со нејзиниот Син и соумирала со својата единствена надеж. Двајцата тајни ученици, Јосиф и Никодим, измолиле да го земат измаченото и мртво Тело Христово и заедно со други го предале на чесно погребение. И многу жени кои не се исплашиле, заедно со апостолите и Божјата мајка, го погребале телото на Спасителот. Но, во исто време ја погребале и надежта за правда и Божја победа во светот. И затоа за нив тој петок бил пострашен од секоја казна и смрт. Тоа бил последен ден, ден кој не гледал во иднината.

Кога ние го извршуваме погребението на Христа Спасителот, ние знаеме дека после денешниот Велики Петок настапува посветла иднина. Утре е Велика Сабота, во која Господ одморил од своите дела, односно од своите победи над злото, гревот и смртта. Ние уште сега, на овој ден на погребението Христово, со запалени свеќи, го гледаме и Неговото Воскресение. Ние знаеме дека во сабота вечер ќе настапи Велигденската ноќ и заедно со ангелите ќе го прославиме светлото Христово Воскресение. За разлика од нас, Христовите следбеници од тоа време немале ништо. Тие биле обземени од ужасот, темнината и безнадежноста. Никој не може да го преживее тоа што го доживеале Божјата Мајка, светите апостоли и благочестивите жени, кои ниту за момент не Го оставиле Христа.

Драги браќа и сестри!
Да проникнеме во денешниот празник со чувство на благодарност и со длабока побожност да испросиме од Пресветата Богородица, таа да ги принесе своите мајчински молитви за нас грешните пред нејзиниот Син. Семилостивиот, пак, да ни даде разум да ја запознаеме вистината и правдата и да го видиме нашето отстапување од Бога, за да се вратиме на вистинскиот пат и да Го прославиме распнатиот Христос, та да вкусиме радост и во животворното општење со Него, сега и во вечниот живот. Амин!

03.05.2013
Велики Петок
храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ - Охрид

VELPETVEC2013 1

VELPETVEC2013 3

VELPETVEC2013 5

VELPETVEC2013 7

VELPETVEC2013 9

VELPETVEC2013 11

VELPETVEC2013 13

VELPETVEC2013 15

VELPETVEC2013 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1