„Радувај се, свештена двоице, која нè озари со светлината на Богопознанието: Кириле, живоносен извору на мудроста духовна, кој ги напои словенските народи кои од жед се топеа: Методие, чесно живеалиште на молитвата! Прилежно молете се на Христа, пред Чија слава стоите, заедно со вас да Го величаме и да Го превозносиме во сите векови“ (стихира на Слава... на стиховни стихири на Вечерна на свети Кирил и Методиј).

На 24.05.2013 година ги прославивме светите рамноапостолни Кирил и Методиј, сесловенските просветители. Во нивна чест, во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Игор Никовски, свештениците Никола Христоски, Димче Азески, Горан Ставрески и Ѓорѓи Блажевски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Sport media | Altra Timp 3 Review , Best Trail Running Shoes 2021

Митрополит Тимотеј

Христос воскресе!

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри,

Нашата света православна Црква денеска го прославува споменот на светите браќа Кирил и Методиј. Тие се приклучуваат кон многубројните мажи и жени, кои Му угодија на Бога. Светите браќа, како и останатите Божји угодници, уште додека биле на овој свет биле блиску до Бога, а откако го напуштиле земниот живот, тие станале уште поблиски до Него. При животот тие биле носители на Божествената светлина. Преминувајќи од овој свет, пак, преку нивниот подвиг на верата и на Богопреданоста, постанале наследници на Царството на светлината. При животот биле синови и ќерки на светлината, затоа и Отецот на светлината ги примил во Своите Небеса, за да бидат наши силни и светли ѕвезди. Додека биле на оваа земја, се молеле на Бога за луѓето, а и сега се наши молитвеници и застапници пред Бога. Во нивните животи и подвизи има нешто општо, а тоа е стремежот да се биде Богоугоден. Токму такви се и светите Кирил и Методиј.

Пожелно е да се задржиме на поуката од нивниот Богоугоден живот, која ќе биде корисна за нас, бидејќи и ние сме должни да постанеме Богоугодници. Тоа може да го постигнеме само ако се трудиме да ја исполниме Божјата волја, а доколку, пак, се обидуваме да си угодиме на сопствената волја или на туѓа волја, тогаш не може да ја реализираме или да ја постигнеме задачата и целта на која нè повикува Божјата волја. Честопати, ние луѓето, раководени од најразлични побуди, се трудиме да си ја задоволуваме личната волја. Задоволувајќи ги овоземните телесни задоволства, ние отстапуваме од вистинскиот пат за кој сме создадени и на кој сме повикани да одиме. Совршен пример и образец на сите светии и угодници е нашиот Господ Исус Христос, Кој Себеси се жртвува и прима страдање и распнување, за да нè избави од гревот и за повторно да нè соедини со Бога. Во Светото Писмо се вели: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мт. 5,48).

Ние треба да им угодуваме и на луѓето и себеси, но и да се раководиме според златното правило, а тоа е: правејќи добро на себе и на луѓето, да не се спротивставуваме на волјата Божја. Сè може да правиме, но, истовремено, тоа дело да е угодно на Бога и да не се коси со основните христијански принципи.

И светите браќа Кирил и Методиј ги сакале луѓето, им помагале, се жртвувале во мисионерската дејност, се труделе да ги преведат боогслужбените книги и Светото Писмо, а сето тоа за да им помогнат на нашите предци да се запознаат со Словото Божјо и да ги спасат нивните души. Сето тоа Му било угодно и на Бога. Така и ние треба да правиме добри дела на луѓето, да ја исполнуваме Божјата волја и да ја негуваме нашата вера. Ние од Светото Писмо знаеме дека без вера не е можно да Му се угоди на Бога (Евр. 11, 6). Верата нè учи и ни покажува што е добро, а што е зло и нè утврдува во доброто. Верата нè насочува кон вистинската волја Божја. Таа нè насочува кон целта на нашето постоење и нè носи на патот на добродетелите. Верата ни ја открива Божјата волја, нејзината чистота, длабочина и возвишеност. Преку верата ние ја примаме волјата Божја како закон на нашиот живот, закон според кој треба и да живееме.

Без вера не е можно да Му се угоди на Бога. Таа вера, пак, треба да е проникната со љубов кон Бога и кон луѓето. Само таквата вера може да нè постави на патот на Богоугодноста. А Богоугодноста се состои во исполнувањето на Божјата волја и законите, дадени преку нашиот Искупител, Господ Исус Христос, а напишани во Книгата над книгите, Светото писмо - Библијата.

Од нашата света вера и од нашата учителка на верата - Црквата Христова, ние знаеме дека Библијата е свештена книга. Од неа, пак, започнува нашето сесловенско просветување, токму преку делото на светите браќа Кирил и Методиј, кои ги внесле словенските народи во друштвото на останатите просветлени христијански народи. Овие двајца големи Божји угодници, правејќи им добро на луѓето и просветлувајќи ги словенските народи со Словото Божјо, станале вистински извршители на Божјата волја. Да се обратиме со искрена молитва кон светите браќа, тие да бидат наши молитвеници пред Бога, та и ние да можеме да ја исполнуваме Божјата волја и да бидеме наследници на Царството небесно. Амин!

24.05.2013 година
свети Кирил и Методиј
храм „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ Охрид

SVKIRMET2013

SVKIRMET2013 2

SVKIRMET2013 4

SVKIRMET2013 6

SVKIRMET2013 8

SVKIRMET2013 10

SVKIRMET2013 12

SVKIRMET2013 14

SVKIRMET2013 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1