„Ти, Кој од небесата слезе на земјата и, како Бог, со Себе го воскресна Адама кој лежеше долу во адот, со Твоето Вознесение, Христе, откако го издигна на небесата, направи да седи со Тебе на престолот на Отецот, како милостив и Човекољубец“ (седален на Утрена на Вознесение Христово).

Нашиот Бог и Творец никогаш не го заборавил човекот, и низ целата историја промислувал за него и го избавувал од патиштата што водат до адот. Кога се исполнило времето, Он Го испраќа и Својот Единороден Син, Господ Христос, Кој ќе пострада, но и ќе воскресне. Христос не само што го избавува човековиот род од канџите на смртта, туку му дава можност и тој да совоскресне со Него. Денеска, пак, Он ја воздигнува човековата природа во неискажливите височини и ја става од десната страна на Бога Отецот.

affiliate tracking url | Nike - Shoes & Sportswear Clothing

На овој свет ден, кој оваа година го прославивме на 13.06.2013 година, во манастирот „Вознесение Христово“ во с. Г. Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, свештениците Никола Христоски, Кирил Јованоски, Горан Ставрески и Владо Недески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а потоа, Митрополитот Тимотеј го освети и камен-темелникот на новиот конак, кој ќе биде изграден на северната страна од манастирот. Многубројните верници, заедно со свештенослужителите, го завршија празнувањето со свечена литија околу манастирот и околните свети места.

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска нашата света Црква го прославува Вознесението на Господа Исуса Христа. Овој празник се вбројува во 12-те големи Господови празници. Самиот празник е посебен бидејќи тој нè воведува и нè допира од една страна со земното, но во исто време, и со небесното. Тој ги поврзува историските настани со вечните, есхатолошките, затоа што Христос воскреснувајќи, останува Богочовек со прославено тело, и после воскресението престојува во земниот живот со нас луѓето.

Самиот празник е воспоставен во чест на настанот на Вознесението, и ни го открива и значението на доаѓањето на Спасителот во светот. Тој доаѓа во светот не за да нè напушти, туку да престојува со нас. Тој би можел да се јави на учениците после воскресението, а потоа да исчезне. Но, Господ ја напушта оваа земја на видлив начин. И тоа не го направил видливо само за Него, туку тоа можеле да го видат и учениците и тоа го направил со сведоштво на два ангела, кои им се обраќаат на учениците со зборовите: „И додека гледаа кон небото, кога се вознесуваше Он, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека, и рекоа: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото” (Дела 1, 10-11).

Во овие зборови се содржи смислата на Христовото доаѓање. Он ги спасува луѓето со Својата крв, со Своите страдања, но и со Своето воскресение. Христос ја покажал можноста за соединување на земното со небесното и временото со вечното. Учениците природно дека се израдувале кога Го виделе својот Воскреснат Учител, после Неговото страдање, биење, понижување и распнување, а сега со вознесението тие се утврдиле во Неговите зборови дека Тој ќе престојува со нив. Претходно тие си поставувале разни прашања и разни двоуменија, но, сега, со вознесението, сите тие нејаснотии им стануваат јасни во нивните срца. Секој збор на нивниот Учител се покажал вистинит и близок до нивните срца. Секој збор се покажал остварен и исполнет пред нивните очи и тоа допрело до нивните срца и нивните души. Тие се вратиле да го чекаат исполнувањето на уште едно ветување, кое Христос им го дал пред Своето вознесение, велејќи им: „нема да ве оставам сами туку ќе ви го испратам Духот Утешителот, кој ќе ве воведе во секоја вистина“ (Јн. 14,16).

Тоа ветување Бог ќе го исполни на светата Педесетница, кога ќе ја утврди и основа Својата света Црква. Во тоа и се состои големината на вознесението Христово. Господ Исус Христос се вознел на небото, но Он остана со нас и помеѓу нас. Со Неговото вознесение земјата и човековата природа се издигнаа во бескрајните висини на Божјите неискажливи тајни. Никогаш човекот и човековата природа го нема доживеано тоа што го има доживеано во тајната на Христовото вознесение.

Господ Исус Христос се вознесе на небото, но истовремено остана помеѓу нас и со нас, бидејќи ни има ветено: „Нема да ве оставам сами” (Јн. 14, 18). Светиот Дух е Тој Кој дава полнота и смисла на нашиот живот. Она што е сонцето за природата околу нас, тоа е силата на Духот Божји за нас и за нашата природа. Со силата на Светиот Дух расте сè, како создание Божјо. Со силата на Светиот Дух живееме и дишеме и се подготвуваме за идниот свет, сето тоа го постигнуваме со благодатта Божја преку Светиот Дух.

Драги браќа и сестри, човекот е создаден за вечен живот. Но, не е лесно да се проникне и сфати во што се состои смислата на вечниот живот и тоа е голема тајна. Вечниот живот не е само продолжување на нашиот прекинат живот преку смртта на нашето тело. Според учењето и сфаќањето на светите отци на Црквата, вечниот живот е ново раѓање, духовно раѓање, кое нашата Црква го празнува како слегување на Светиот Дух врз апостолите. Светиот Дух на оние кои Му ги отвораат своите срца им дава полнота на мудроста и благодатта Божја. Според старозаветното учење и сфаќање, Бог е недостапен за нашето сфаќање. Но, со овоплотувањето Христово Бог постанува човек и од тогаш Он е Богочовек. „Оти во Него телесно живее сета полнота на Божеството” (Кол. 2, 9). Таа полнота ние грешните луѓе не можеме да ја оствариме. Но, можеме да постанеме духоносни, ако на Бога Му го откриеме нашето срце, со неговата благодат и со наш труд, со пост и молитва, и живеејќи во Бога и со Бога. На кого Бог му ги открива своите големи тајни? Некои мислат дека само на високообразованите или учени луѓе. Но, ние знаеме дека Господ Исус Христос кога ги избираше Своите апостоли за Свои ученици, не ги бараше помеѓу учените книжевници и фарисеи и помеѓу оние кои го познавале законот и пророците, туку помеѓу простите луѓе, работниците, неуките рибари и покајаните цариници. Он не избра премудри луѓе од овој свет, туку напротив, непознати и неуки луѓе од народот.

На денешен ден, кога го прославуваме Неговото вознесение, Господ Исус Христос ни го упатува на сите Својот повик и ние да се обидеме да се вознесеме кон Бога со наш пристоен и на Бога угоден живот, исполнет со надеж, љубов, кротост, воздржување, трпение и подготвени за правење на секоја добродетел. Па Семилостивиот Господ Исус Христос, во одредениот ден, да нè вознесе од земјава на небото и да нè награди со вечен живот во царството небесно. Амин!

Денешниот празник драги браќа и сестри ќе го одбележиме со започнувањето со изградба на нов манастирски конак од северната страна. Има периоди кога се гради, доградува, уредува, но, за жал, има и периоди кога се разградува и разрушува. Да бидеме благодарни на Господа Бога, бидејќи сме генерација која гради и ги разубавува овие светињи. Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите луѓе за сè што сториле за овој манастир, а истовремено упатувам и апел и кон сите православни христијани: секој да помогне колку што може, бидејќи црквите и манастирите се од народот и за народот. Благословот Божји нека престојува на сите вас. Амин!

13.06.2013 година
Вознесение Христово
манастир „Вознесение Христово“ с. Г. Лакочереј

SPAS2013

SPAS2013 2

SPAS2013 4

SPAS2013 6

SPAS2013 8

SPAS2013 10

SPAS2013 12

SPAS2013 14

SPAS2013 16

SPAS2013 18

SPAS2013 20

SPAS2013 22

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1