„Откако во целиот свет Црквата Твоја се украси со крвта на мачениците, како со багреница и свила, преку нив таа Ти вика: Христе Боже, испрати им ги Твоите добрини на Твоите луѓе, мир на Твојот народ дарувај му, и на душите наши – милост голема“ (тропар на Сите светии).

Во првата недела по Педесетница, го прославуваме споменот на сите светии од целиот свет, кои Му угодиле на Бога со нивните врвни добродетели, а многумина од нив и со своите животи. На овој светол ден, кога се потврдува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, а преку нив и на сите светии, кој оваа година го прославивме на 30.06.2013 година, во манастирот „Сите светии“ во с. Лешани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Темелко Донески, еромонах Вартоломеј, протоереј Стево од Преспанско-пелагониската епархија, свештеник Владо Недески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата беше осветен новиот крст, кој беше поставен на кровот од капелата, а беше извршен и чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

trace affiliate link | Nike Air Max 270

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашата света православна Црква секој ден во годината молитвено прославува некој Божји угодник, а некогаш, пак, и по неколку во ден. Но, за да им даде должно почитување на сите светии, во првата недела по Педестницата, односно по својот роденден, Црквата определила да се чествуваат сите светии, кои од памтивек Му угодиле на Бога.

Со воспоставување на овој празник, светата Црква сака да ги издигне нашите срца горе на небото, за да можеме да ги видиме многуте светии, да се поучиме од нивните примери и да го зацврстиме делото на нашето спасение. Колку светии има на небото? На ова прашање никој не може да даде точен и прецизен одговор. Свети Јован, како најсакан ученик на Христа, вели: „Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое што никој не може да го преброи, - од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и Агнецот, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете“ (Откр. 7, 9). Дали можеме да си го преставиме тоа мноштво на светии? Доволно е само да си преставиме колку маченици има, кои ги дале своите животи за Господа Исуса Христа и за Неговата света Црква. Но, исто така има огромно мноштво угодници Божји, кои сведочат за тоа дека им се открило небото. Неизбројни се оние кои  ја стекнале светоста, се разбира со Божја помош, но само затоа што имале желба и стремеж кон тоа совршенство - светоста. Еден од великите Божји угодници, големиот богослов блажени Августин, честопати сакал да си го поставува прашањето: „Ако можеле да се спасат тие и другите, зошто ти Августине не можеш да го направиш тоа?“

Што го спасува човекот? Што го има спасено тоа многубројно количество на светии, кои торжествуваат на небото во славата на својот Отец Небесен? Луѓето, пред сè, ги спасува благодатта Божја. Секој човек може да ги повтори зборовите на свети апостол Павле: „Со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат која е во мене не остана празна, но повеќе се потрудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат која е со мене“ (1 Кор. 15, 10). Таа благодат со која Бог нè спасува, му се дава на секој човек без исклучок. На тоа нè уверува словото Божјо: „Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината. Зашто еден е Бог и еден е посредникот помеѓу Бога и луѓето, човекот Христос Исус“ (1 Тим. 2, 4-5). Но, дали ќе ја примиме таа благодат, зависи од нашата подготвеност, нашата желба, нашата издржливост и грижливост. Од сето тоа зависи дали ќе ја исползуваме таа благодат која ни се дава и ни се нуди, или, пак, нема да ја исползуваме.

Честопати ќе слушнеме како некои, а за да се оправдаат себеси, велат: „ние живееме во поинакви околности и не можеме да се спасиме“. На таквите луѓе треба да им ги споменеме зборовите на апостол Павле: „Сè можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи“ (Филип. 4, 13). Други зборуваат: „јас сум сè уште млад за да размислувам за спасение; да им го оставиме тоа на постарите“. Во тој случај, треба да се потсетиме на соборот на угодниците Божји, помеѓу кои има многу млади момчиња и девојки, но, исто така, и деца. Трети, пак, се повикуваат на своите слабости и неможности, на економските кризи или на разни болести. Ним, како пример, треба да им послужи параболата за богатиот човек и сиромавиот Лазар, кој лежел во гнојни рани и презрен од сите. Пример треба да им бидат и евангелските ликови на раслабениот – парализираниот, слепиот, хромиот и уште многу други болни. Честопати луѓето, за да се оправдаат, се повикуваат на секојдневната зафатеност и не им останува време да се посветат на своето спасение. И ова оправдување не е вистинско, бидејќи ние наоѓаме Божји угодници од најразлични слоеви, и тоа: прости и многу познати, богати и сиромаси, цареви и слуги, мирјани и свештеници. Честопати може да се слушнат оправдувања и дека брачната заедница му попречува на некого за да посвети соодветно внимание на спасението. Но, таквите треба да ги потсетиме дека во многубројните светии има луѓе кои биле со брачни обврски и не само што претрпеле страдања, туку биле подготвени и нивните животи да ги дадат за Христа.

Драги браќа и сестри, се поставува прашањето: во што се состои изворот на блаженството и вечното вбројување на жителите на небото? На ова прашање најдобро дава одговор апостолот Павле, со зборовите: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние кои Го сакаат“ (1 Кор. 2, 9). Изворот на вечното блаженство и радоста е блискоста со Бога, гледањето на лицето Божјо и животот со Него. Ние чувствуваме посебно чувство на радост и задоволство при средбата со таткото, после многугодишна разделеност. Но, многу повеќе среќа и радост се доживува при средбата со Бога. Отецот Небесен, како Семилостив Бог, го прима секој човек на оваа средба со особена радост. Небесните жители имаат радосна средба со Христа Спасителот, Кој нè искупува од гревот и вечната смрт.

Од Светото Писмо, ние знаеме колку биле восхитени апостолите, но и другите свети луѓе, кога им била откриена славата Божја. Така, во една прилика, апостолот Петар воскликнал: „Господи, при кого ќе одиме? Ти имаш зборови за вечен живот“ (Јов. 6,68), додека, пак, апостолот Тома, пред Христовото страдање, извикал: „Да отидеме и ние да умреме со Него“ (Јов.11, 16). Апостолот Петар, на гората Тавор, гледајќи го отворено Царството Небесно, вели: „Наставниче добро е овде; да направиме три сеници: за Тебе една, за Мојсеја една, и за Илија една!“ (Лк 9,33). Сето ова сведочи дека блискоста со Бога е блаженство, чест и радост.

Божјите угодници на небото се сретнуваат со Светиот Дух, и по нивна молба, Светиот Дух нè осенува со благодатната сила на верата, крепоста и надежта, и ни дава силна љубов кон Бога. Преку нивните молитви Бог нè укрепува на патот на нашето спасение, нè вдахновува и нè поучува на покајание. По молитвите на светите Божји угодници ние црпиме крепост и сила и секогаш ја полагаме нашата надеж во Бога. По нивното застапништво, на Семоќниот Бог - Света Троица, Му принесуваме слава и поклонение и просиме милост и спасение. По молитвите на сите светии, Бог нека ги чуе нашите молитви, да нè помилува и да нè спаси. Амин!

30.06.2013 година
Недела на Сите светии
манастир „Сите Светии“, с. Лешани, Охрид

SISVET2013

SISVET2013 2

SISVET2013 4

SISVET2013 6

SISVET2013 8

SISVET2013 10

SISVET2013 12

SISVET2013 14

SISVET2013 16

SISVET2013 18

SISVET2013 20

SISVET2013 22

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1