„Излевајте, гори, радост слатка; и вие, ридови, играјте како јагниња, зашто од Елисавета се роди оној што со нас ќе остане - Господовиот Претеча, кој со раѓањето ја разреши безгласноста на таткото. Затоа и ние му викаме: Крстителу Христов, моли се да се спасат нашите души“ (литиска стихира на Вечерна на Раѓање на св. Јован Крстител).

На 07.07.2013 година, го прославивме великиот празник на раѓањето на чесниот, славен, пророк, претеча и Крстител Јован, со чие раѓање започнува искупувањето на човековиот род од оковите на гревот и смртта. Претечата, подготвувајќи се со пустински подвиг, го навестува доаѓањето на Спасителот во светот. Тој го подготвува патот Христов, и затоа ќе се нарече: „најголем меѓу родените од жена“.

latest jordan Sneakers | Converse Chuck 70 National Parks - Red Bark / Malted / Gold Dart – Spartanova

Празнувањето на рождеството на последниот старозаветен пророк, започна со Вечерна богослужба во манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигорски, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на архимандрит Партениј, игумен на манастирот, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо и Ефросиниј, свештеникот Никола Христоски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. На Вечерната богослужба присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. По сеноќното бдение и краткиот одмор, торжествата продолжија со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Иларион, Епископот Велички Јосиф, архимандритот Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо и Ефросиниј, свештеникот Никола Христоски, протоѓаконот Саше Ристов и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски.

Празничниот ден стана уште поторжествен кога Митрополитот Тимотеј ги положи своите раце на ѓаконот Николче Ѓурѓиноски и го произведе во чин протоѓакон. Митрополитот се заблагодари и го пофали новиот протоѓакон за неговите петгодишни заложби за Дебарско-кичевската епархија, особено за управувањето со нејзиниот имот.

По завршувањето на Литургијата, беше осветено Коливото, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска, светата православна Црква го прославува раѓањето на свети Јован Крстител и Претеча Господов. Свети Јован, како предвесник и подготвител на патот Господов, бил навестен преку старозаветниот пророк Исаија: „Гласот на оној што вика во пустината говори: Подгответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустината патеките за нашиот Бог, секој дол да се исполни, секоја планина и рид да се снизат; кривините да се исправат, и нерамните патишта да бидат израмнети и ќе се јави славата Господова, и секоја плот ќе го види спасението од Бога“ (Иса. 40, 3-5). Според зборовите на свети Лука, раѓањето на свети Јован било примено од сите луѓе со голема радост и надеж дека се приближило спасението на луѓето.

Да се задржиме на ликот на големиот угодник Божји, Претечата и Крстителот Господов, свети Јован. За него, Самиот Господ Исус Христос вели: „Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител“ (Мат. 11,11). Тој од најмала возраст ќе остане сирак, бидејќи Ирод, кога ќе сака да ги убие сите деца помали од три години, ќе го убие и татко му Захариј во Ерусалимскиот храм, а мајка му Елисавета брзо потоа ќе почине од тага за својот маж. Јован, уште како мало детенце ќе остане во пустина и таму ќе остане да живее и да се подвизува. Во пустината ќе се храни со див мед и скакулци, ќе се облекува со кожа и ќе се препашува со појас, колку да ја покрие својата голотија, но Божјата благодат секогаш била врз него. Тој живеел во пустина и израснал во суров подвижник. Тој како отшелник, односно самец, се подготвувал за големото дело да ги приготви луѓето, за тие да Го примат Господа Исуса Христа, Спасителот на светот. Бог благоизволил да го избере Претечата како предвесник на ветениот Месија, и затоа тој уште се нарекува: голем пророк, силен со духот, истраен подвижник, земен ангел, светилник на светот, деница на незаодното Сонце, глас на оној кој вика во пустината и ангел во тело.

Претечата Јован со сета ревност и со силен глас го проповедал покајанието и ги обраќал срцата и душите на заблудените Јудејци. Тој го изобличувал гревот и пороците, како кај обичните луѓе, така и кај најсилните луѓе од овој свет, крштевајќи ги со покајно крштение во водите на реката Јордан. Тој остро ја изобличувал неправдата и заради тоа маченички настрадал. Црковната иконографија, во т.н. претстава Деисис, го преставува свети Јован Крстител прв после Пресвета Богородица, со која заедно претстојат пред Господа Исуса Христа, Спасителот Наш. Тие се наши постојани молитвеници пред Царот на Славата. Тој е последен пророк во Стариот завет и прв пророк - маченик во Новиот завет и најблизок пријател на Господ Исус Христос.

Црквата верува во неговата молитва и затоа постојано прибегнува кон него. Кога ние христијаните го празнуваме овој или оној празник и молитвено го чествуваме оној или овој светител, ние не само што вознесуваме кон него пофалба и прозба, туку се трудиме, а во краен случај и должни сме да го подражаваме. Најдобра пофалба кон прославениот светител е нашата стремеж да го подражаваме во неговите добродетели и да ја подражаваме неговата вера, надеж и љубов.

Се поставува прашањето: во што можеме ние да го подражаваме оној кој е најголем од оние што се родени од жена? Пред сè, потребно е да просиме негова молитвена помош во обидот да стигнеме до нашето совршенство, проникнувајќи во животот и подвизите на светоста на големиот претеча Христов. Ние не можеме да бидеме ангели во тело, зашто сме многу слаби и немоќни. Но, ние можеме да се бориме, како што и тој, живеејќи во пустина, се борел со неговите порочни мисли. Словото Божјо вели: „Од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, кражби, лажи сведоштва, хули, тоа го осквернува човекот“ (Мат. 15, 19-20). Ние ќе го подражаваме Претечата, само ако се бориме со нашата гордост. Како што знаеме, гордоста го има симнато ангелот од небесата во адот преисподен. Таа го унижува и убива секој човек. Да се бориме со гордоста, значи дека треба да се воспитуваме себеси со Претечевата смиреност, бидејќи таа го возвишува и спасува човекот. Ако сакаме да го подржуваме Претечата, потребно е воздржување на нашиот јазик, да бараме и да просиме од Бога од нашите усти да не излегува ниту еден лош збор на неправда, на навреда, на осуда, непристојни зборови или, пак, клевети.

На секоја човечка заложба кон доброто, кон возвишеното, кон чесното, кон благочестивото, и содејствува Божјата помош преку Неговата благодат и помошта на прославените Божји угодници. Да се помолиме на семилостивиот Бог, Кој го просветува и осветува секој човек кој доаѓа во овој свет, и по молитвите на Претечата свети Јован и Крстителот Господов, Тој да ја закрепи нашата вера и да ни помогне да ги победиме сите суети и гревовни наклонетости и да бидеме достоинствени деца на нашата света Црква, па да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!

07.07.2013 година
Иванден
манастир „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир

ivan2013

ivan2013 2

ivan2013 4

ivan2013 6

ivan2013 8

ivan2013 10

ivan2013 12

ivan2013 14

ivan2013 18 1

ivan2013 20

ivan2013 22

ivan2013 24

ivan2013 26

ivan2013 28

ivan2013 30

ivan2013 32

ivan2013 34

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1