„Откако од небото го прими позивот на Христа, се јави проповедник на Светлината, и со благодатта на учењето ги озари сите, бидејќи служењето на писмото во Законот го избриша, и со разумот на Духот ги озари верните. Затоа беше издигнат и до третото небо и во рајот стигна, Павле апостоле! Моли Го Христа Бога, да им даде прошка на гревовите на оние што со љубов го слават твојот чесен спомен“ (седален по втора катизма на Утрена на светите апостоли Петар и Павле).

На 12.07.2013 година, денот кога го прославивме споменот на светите славни, сефални и првоврховни апостоли Петар и Павле, во храмот посветен на овие двајца темеле на Црквата Христова во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереите Војне Ристески и Стевчо Тошевски, свештеникот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Authentic Nike Sneakers | Jordan Ανδρικά • Summer SALE έως -50%

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска, нашата света православна Црква ги прославува првоврховните апостоли Петар и Павле. Во денешното Евангелие на светата Литургија, ги слушнавме зборовите на Господа Исуса Христа: „На тој камен ќе ја изградам Црквата и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Мт. 16, 18). Тој камен е нашата вера, цврста и непоколеблива, и подготвеноста ако е потребно за неа и животот да го положиме. Таква вера имале и денешните апостоли, чиј спомен го празнуваме, а нивната вера тие ја посведочиле и со маченичка смрт.

Сите ние сме духовно родени во светата Црква и сите сме крстени во името на Светата Троица. Уште од рано детство сме биле водени од нашите родители, а потоа, и доброволно пристапуваме кон светите тајни Христови. Ние ги исполнуваме црковните обреди и одиме во Црквата Божја. Сето тоа е неопходно за христијаните, но сепак, тоа не нè прави вистински деца на нашиот Небесен Отец. Кога ќе отидеме кај Господа, Тој ќе ни каже: Покажи ми ја твојата вера од твоите дела (Јак. 2, 18), зашто како што телото без душа е мртво, така и верата без дела е мртва (Јак, 2, 26).

Вистинската вера не се состои само  во празно исповедање на вистината, туку и во живото убедување на нашето срце, од кое треба да се раководат нашите мисли и желби. Вистинската вера се појавува како раководна сила во севкупниот наш овоземен живот. Може да се исполнуваат сите православни обреди, а истовремено да се биде лош христијанин, дури полош и од незнабожците. Вистинската вера сведочи за нашиот добродетелен живот. Потребно е нашата вера да сведочи за нашите добри дела во нашиот живот и тие треба да светат пред луѓето, онака како што заповедал Господ Исус Христос: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Небесен“ (Мт. 5, 16).

Ние веруваме во Господа Бога како Творец на видливиот и невидливиот свет. Верувајќи во оваа догма, ние знаеме дека на секого од нас животот му е даруван од Господа и тој се наоѓа во Неговите раце. Тогаш кога Му е угодно на Бога, Тој може да го прекрати нашиот живот и да ја земе бесмртната душа од распадливото тело и да ја пушти во вечноста. Ако веруваме во тоа, ние сме должни постојано да се трудиме во овој краток земен живот, да не ни поминува ниту еден ден без добри дела, а со тоа да спечалиме вечен живот, на којшто нè повикува нашиот Отец Небесен. Вистинскиот христијанин и верник цврсто е убеден дека сè што тој ползува во овој живот: сончевите зраци, воздухот и водата, но и сè друго, е дар Божји и сето тоа ни го подарува Небесниот Отец. Но, и Господ очекува да возвратиме на таа љубов. Во името на таа Господова љубов, Он бара достојно однесување на секој вистински христијанин, кое не се огледува во надворешното исполнување на обредите, туку во сиот живот, во љубовта, незлобивоста, сострадалноста, чистотата и смирението. Он бара да го оттргнеме своето срце од земјава и од овоземните работи, и да размислуваме за небесните, возвишените и спасоносните нешта.

Ние веруваме во промислата Божја и во тоа дека и најмалото нешто кај луѓето не се случува без Божјо допуштение. Веруваме дека и ние така треба да ги примаме сите нешта во нашиот живот. И радостите и жалостите, и тажните и тешки моменти, и маките и болестите во овој живот треба да ги примаме како допуштение на Божјата волја. Таквата вера ќе нè спаси од очајанието и ќе нè поддржи во минутите кога треба да понесеме тежок крст врз нашите плешки. Верниот човек не се прилепува премногу за овоземното богатство кога тоа се умножува и збогатува, но, исто така, не плаче и не паѓа во малодушност кога тоа бега од неговите раце.

Ние веруваме во тоа дека Бог е секаде присутен и дека сè гледа. Ние знаеме дека Господ не ги гледа само нашите постапки во нашиот живот, туку ги гледа и нашите желби, и тоа уште во нивното зародување во нашето срце. Тој ги гледа и нашите намери, и тоа на самиот почеток, кога тие се формираат во нашиот ум. Затоа сè што правиме, треба да го правиме пред очите на Сезнајниот и Севидниот Господ. Во моментите на радост, но и во моментите на жалост, сета наша надеж треба да ја положиме во Господа. Таквиот христијанин чесно го чува своето срце, и не дозволува тоа да постане место на пороци, туку место на Божјо престојувалиште.

Ние веруваме во Господ Исус Христос, Кој претрпе најстрашни маки и Кој беше распнат за нас на крстот, за да нè ослободи од вечната смрт и од власта на гревот и ѓаволот. Ние сме должни секогаш да паметиме каква цена платил Синот Божји, за да нè направи наследници на Царството Небесно и за да ни се простат гревовите. Вистинскиот христијанин Го сака Господа Исуса Христа со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја помисла. Ние веруваме и во Светиот Дух, Кој живот твори, и Кој со Својата благодат ги очистува грешните срца од гревот и ни дава сила да ги надминеме нашите слабости и крепост во борбата со гревот. Да не ги заборавиме зборовите на светиот апостол Павле: „Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас... зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие“ (1 Кор. 3, 16-17).

Сите овие елементи, кои ги изнесовме, претставуваат дел од нашата вера и од учењето на нашата света Црква. Токму таквата вера е вистинска, бидејќи таа сведочи со дела и само таа вера е спасителна. Живеејќи со таква вера, исполнета со богоугодни дела, ние стануваме наследници на вечниот живот. Да се обратиме со искрена вера кон светите апостоли Петар и Павле, тие да бидат наши молитвеници, та Бог, преку Неговата благодат, да ја утврди и зацврсти нашата вистинска вера пропратена со богоугодни дела, за да спечалиме и за да добиеме вечен живот. Амин!

12.07.2013 година
св. Петар и Павле - Петровден
храм „Св. Петар и Павле“, Кичево

PETR2013

PETR2013 2

PETR2013 4

PETR2013 6

PETR2013 8

PETR2013 10

PETR2013 12

PETR2013 14

PETR2013 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1