На 04.08.2013 година, во Шестата недела по Педесетница и на празникот света Марија Магдалена – блажена Марија, беше осветен новиот храм во с. Нерези, Струшко, посветен на светиот великомаченик Ѓорѓи победоносец. Осветувањето го изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој и чиноначалствуваше на светата архиерејска Литургија, во сослужение на протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереј Митре Попоски, свештениците Никола Христоски и Ристе Наумоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васко Голабоски. Изградбата на храмот е започната пред дваесетина години, по иницијатива на Црковниот одбор од с. Нерези, Струшко.  Храмот и фрескоживописот се дело на мајстори од истото село.

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верници со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

buy footwear | Nike Running

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Во денешното свето Евангелие, коешто го прочитавме на светата Литургија, ја слушнавме параболата за излекувањето на еден парализиран човек во Капернаум. Во него, светата Црква нè поучува, духовно нè надградува и ни потенцира колку Евангелскиот текст е значаен во нашиот овоземен живот.

Господ Исус Христос му пружи двојна милост на овој страдалник, и тоа: дарот на простување на гревовите и дарот на телесното излекување. Целокупната Евангелска историја е исполнета со разни чуда и дела на милосрдието Божјо кон луѓето кои страдаат, боледуваат, но и кон човечките заблуди. Во сите овие случаи се нагласува дека сите страдања, болести и непријатности се последица на гревот, кој е главен причинител на сите зла и непријатности на човечкиот род. Гревот е корен на сите зла и на самото најголемо зло, односно смртта, како времената, така и вечната. Затоа Господ најпрво ја лекува болната душа на парализираниот, а потоа и телото. Он вели: „Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои“ (Мт. 9, 2). Тоа, пак, нè поучува дека во моментите кога сме болни, потребно е смирено и длабоко да ги сознаеме нашите гревови, искрено да се каеме за нив и да измолиме прошка од Бога. Телесните страсти ја заробуваат, осквернуваат и ја оддалечуваат душата од Бога, а на крајот, нè одведуваат не само во болести, туку и во погибел.

Опростувањето на гревовите на овој парализиран и излекувањето на неговото тело е плод на големата вера, како на неговите пријатели кои го донеле, така и на неговата вера во семожноста Божја. Нивната вера испросила лек и за душата и за телото на овој несреќник. Тоа ни сведочи дека верата е основниот мотив и исцелителниот лек, кој лекува секаква болест и страдање.

Господ Исус Христос и дава големо значење на нашата вера во Бога и Неговата спасителна и исцелителна моќ. Он Самиот вели: „Вистина, вистина ви велам, кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши и поголеми од нив ќе врши“ (Јн. 14, 12). Верата е битен услов за заедница со Бога, Кој го осветлува нашиот пат и ни дава потребна помош за успех во сите позитивни и душекорисни потфати. Верата е оној глас со кој слепиот од светото Евангелие повикал за помош: „Исусе, сине Давидов, помилуј ме“ (Мк. 10, 47). Слушнувајќи го овој срдечен глас и молба на овој човек Вартимеј, Исус му рече: „Оди си верата твоја те спаси“ (Мк. 10, 52). Верата е онаа сила и моќ поради која била услишана молбата на жената Хананејка и била излекувана нејзината болна ќерка: „О, жено голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја! И во тој час оздраве ќерката нејзина“ (Мт. 15, 28).

Но, за да го разбереме значението на дарот, кој му бил даден на овој парализиран човек, односно простувањето на гревовите од Господ Исус Христос, потребно е уште еднаш да си појасниме што е тоа грев и колкаво зло и погибие носи тој во животот на луѓето. Гревот е беззаконие (1Јов. 3,4) и станување против Бога. Гревот е нарушување на Божјиот закон, којшто е даден на луѓето, а пред сè, на законот да се љуби Бог и ближниот. Гревот е побуна против Божјата величина и светост. Не покорувајќи Му се на Бога, ние се соединуваме со ѓаволот, којшто е зачетник на секој грев. Гревот е побуна на грешниот човек против себеси, против својата душа, телото и совеста. Гревот е валкање на образот Божји во нас. Гревот е нечистотија, прелест ѓаволска, жал и мака адска, морален хаос, парализирање на душата и телото. Казната за гревот, пак, се страшните маки, и доколку грешниот човек не се покае, ќе следи скаменување на неговото срце и дефинитивно неизбежна смрт.

Гревот нè подвргнува на смртоносни болести и маки, и тоа не заради моралното зло, но затоа што нè оддалечува од Бога, Изворот на животот и секое добро. Со оддалечувањето од Него, според зборовите на псалмопеачот, сè се менува, умира и во прав се претвора (Пс. 103, 29). Гревот со себе го повлекува и праведниот гнев Божји, па затоа и апостолот Павле воскликнува кон секоја душа која прави зло (Рим 2, 9).

Како што рековме, кога Синот Божји ја отстрани главната причина на болеста кај овој парализиран човек, односно му ги прости гревовите, тогаш природно било да престане болеста кај овој човек. Затоа се вели во еден псалм: „Блажени се оние, чии беззаконија им се простени, и чии гревови се покриени! Блажен е оној човек, на кого Господ не му зема за грев, и во чија уста нема лукавство!“ (Пс. 31, 1-2).

Верата е главен фактор во нашиот живот. Кога човек има вера, тој се избавува од гревот и се удостојува за милост Божја. Верата е непроценливо и нетлено богатство, односно небесна ризница. Оној кој верува, тој се труди да живее свето во светот и постојано бега од гревот. Ако, пак, згреши според човечките слабости, тој брза да принесе покајание на Бога. Во покајанието и во верата, но и во искупителните страдања на Господа, ни се дарува простување на гревовите и заборавање на минатото, а ни се дава бодрост и подем на духот за подобро издигнување на моралните принципи. Тогаш се појавува сознанието за посебната морална сила и увереноста, со која можеме да кажеме како апостол Павле: „Сè можам, бидејќи Христос ме крепи“.

Ја користам оваа прилика да искажам благодарност на сите што се вградија во подигнувањето на овој прекрасен храм на светиот великомаченик Ѓорѓи. Посебно го поздравувам трудот на Црковниот Одбор од село Нерези, кој сецело се ангажира околу подготвувањето за ова осветување. Храмот нека ни послужи на сите нас за духовно обновување и за очистување на нашите души од секакви духовни и телесни нечистотии. Светиот храм нека ни послужи и за заживување на нашата православна вера, та да одиме по патот на Господа Исуса Христа кон Царството небесно. Амин!

04.08.2013 година
осветување на храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ с. Нерези, Струшко

OSVNER2013

OSVNER2013 2

OSVNER2013 4

OSVNER2013 6

OSVNER2013 8

OSVNER2013 10

OSVNER2013 12

OSVNER2013 14

OSVNER2013 16

OSVNER2013 18

OSVNER2013 20

OSVNER2013 22

OSVNER2013 24

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1