„Откако ја возљуби сјајната убавина Христова, и твојата душа ја просветли со чистота, како непорочна невеста, до Него се доближи преку бројни маки и страдања. Затоа те удостои за небесната одаја, каде што се молиш за нас кои те почитуваме, сефалена Параскево“ (прв седален на Утрена на преподобномаченица Параскева).

На 08.08.2013 година, денот кога го пролсвуваме свештениот спомен на светиот свештеномаченик Ермолај и на преподобномаченицата Параскева, во параклисот „Св. Петка“ во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Лешочки г. Јосиф, архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, еромонахот Григориј, свештеникот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

bridgemedia | Nike for Men

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Во светото Евангелие, нашиот Спасител, Господ Исус Христос, има речено: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Лк. 9, 23). Во овие зборови се содржи еден исклучителен повик за секој христијанин, кој поверувал во Господа Исуса Христа. Во нив е вклучена вистинската смисла на христијанскиот позив. Но, и според овие зборови ќе се види нашата искрена приврзаност кон Христа, а и ќе се донесе суд дали ние навистина сме Негови ученици и следбеници.

Овие зборови, през многуте векови, оставиле силни впечатоци на сите коишто ги слушнале, независно дали се призвани или непризвани. Тоа се зборови коишто имаат сила и моќ. Оние кои со вера во Христа ги примиле, постанале угодници Божји - запалени светилници во Неговата света Црква. Тие духовно израснале во совршени луѓе, според образот на Синот Божји. Примени со искрено срце, овие длабоки зборови извршуваат целосно преродување на луѓето: грешниците се воздигнуваат во праведници; слабите луѓе се издигнуваат и постануваат силни подвижници на верата и доброто; колебливите луѓе, носени од разните ветрови на своето време, се зацврстуваат и постануваат силни столбови на светоста и доброто.

Овие силни зборови на повикот Христов, одѕвонувале во многу срца, а и сега продолжуваат да одѕвонуваат и да побудуваат восхит и недоумици. Восхит кај тие што врват по Христа, а недоумици кај оние кои не се во Господовите дворови.

Света преподобна маченица Параскева – Петка, чиј спомен денеска го празнуваме, уште од најмлади години Го засакала Христа, го зела својот крст и одела по Него. Од житието, знаеме дека била родена во Рим од богати родители. Таа уште од млади години се трудела да живее според учењето на Господа Исуса Христа. Откако починале нејзините родители, го продала севкупниот имот, ги разделила парите на сиромашните луѓе, а таа отишла во манастир и се замонашила. Како монахиња, уште поревносно го проповедала словото Божјо. Во тоа време, верата Христова била гонета и забранета и затоа повеќепати била изведувана на суд и измачувана со најразлични маки. Но, благодатта Божја била со неа и секогаш ја излекувала. Така, таа морала да го напушти Рим и да оди по други населени места, за да го проповеда Евангелието Христово. Заради Христа и Неговото слово, таа го завршила својот живот маченички, со отсекување на главата. Затоа и света Петка Римјанка се слика со отсечена глава на табла. Нејзините мошти најпрво почивале во Рим, а потоа биле пренесени во Цариград. Од Цариград, пак, моштите на оваа маченичка се распространети во повеќе цркви и манастири, а дел има и во нашата света црква.

Бог, пак, ги прославува тие кои се имаат откажано од овој свет, со цел да Му служат Нему и на луѓето. Оние кои се откажувале од себе, секогаш се добродетелни за ближните. Колку повеќе тие ја потчинуваат својата волја на Бога, на законите и на доброто, толку повеќе Бог ги обдарува со сила и благослов да прават добри дела. Не може да се служи на луѓето без самоодрекување. Кој сака да живее само за себе, тој ќе си замине од овој свет како неделотворен, бидејќи ќе настапи и крајот на животот, кога и ќе разбере дека напразно живеел. Оној кој се труди себеси да си угоди, а не да им послужи на луѓето, ќе го напушти овој свет без да остави спомен за себе. Таквите со ништо не го имаат задолжено светот, за тој да ги памети и да им искаже благодарност.

Но, оние кои им служеле на луѓето, правеле добро и помагале, независно од големината на помошта, тие го ставаат своето име во книгата на животот кај Бога, а честопати, и во книгата на историското паметење. Не може вистински да се служи на доброто и на луѓето без самоодрекување. Зарем и човекот во науката, не е, исто така, задолжен на самоодрекување? И тој е обичен човек и го живее животот со сите потреби како секој еден од нас. Но, за да постигне нешто во науката, тој треба постојано да се откажува од многубројните задоволства во животот, кои другите луѓе ги примаат како нешто што им припаѓа. Научникот, затворен во работниот кабинет со многу книги, или, пак, во лабораторија, каде проучува и открива нови сознанија, се одрекува од многу нешта од овој свет.

Одрекувањето од себе, земањето на крстот и врвењето по Христа се задолжителни за сите христијани. Одењето по Христа значи да го исполнуваме законот Божји и да правиме добри дела, кои се состојат во помагање на луѓето околу нас и во проповедувањето на словото Божјо. Такви биле Божјите угодници, а таква е и преподобната Петка.

Да се обратиме со молитва до Преблагиот Бог, благодатно да ни содејствува, па да постанеме луѓе кои се одрекуваат од себе и го следат патот Христов. Да постанеме исполнители на волјата Божја, да бидеме усрдни и цврсти во молитвата и да им служиме на луѓето и на доброто. „И така, да бидеме будни, бидејќи не го знаеме ниту денот, ниту часот, кога ќе дојде Синот Човечки“ (Мт. 25, 13).

По молитвите на светата маченица Петка, Бог нека ги услиши нашите молитви. Амин!

08.08.2013 година
Преподобна м-чка Параскева Римјанка
параклис „Св. Петка“ - манастир „Св. Наум Охридски“ Охрид

svpetlet2013 1

svpetlet2013 3

svpetlet2013 5

svpetlet2013 7

svpetlet2013 9

svpetlet2013 11

svpetlet2013 13

svpetlet2013 15

svpetlet2013 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1