„Велегласен проповедник на Евангелието во земјата македонска беше, светителе оче Клименте, заради тоа мнозина побрзаа кон тебе, за да чујат душеспасително учење од твојата уста, што Го проповеда Бога и те повикува во своите домови за осветување, да ги научиш умилно да ја пеат Христовата песна: Алилуја!“ (кондак 6 од Акатист на свети Климент Охридски).

Оние кои го земаат својот крст и одат по патот Христов се издигнуваат во совршенството на небесниот Отец. Таквите Бог никогаш не ги заборава, туку, напротив, го прави нивниот спомен вечен. Затоа и многу векови откако тие ќе се преселат во небесните одаи на Рајот, верните луѓе не го забораваат нивното дело. Таков е и нашиот свети Климент Охридскиот чудотворец, чие дело македонскиот верен народ никогаш не го заборавил. И после единаесет века, верниците го посетуваат неговото светилиште, му се молат и ги целиваат неговите исцелителни мошти. Ние одново и одново го бараме светиклиментовото водство, поука, застапништво, исцеление, а тој возвраќа на нашите искрени молитви со топла љубов и просветление.

latest jordans | Zapatillas de running Nike - Mujer

И оваа година, на денот кога го прославуваме светиот Климент Охридски, светите Седмочисленици и светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон (09.08.2013), илјадници верни дојдоа да се поклонат на светите мошти во Светлиментовиот манастир. Прославата на Охридскиот чудотворец започна со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Никола Христоски и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Саше Целески. По завршувањето на Вечерната, беше прочитан и Акатистот на рамноапостолниот просветител Климент, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верници со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашата света Црква денеска го прославува споменот на светиот Климент Охридски и на останатите седмочисленици, заедно со светиот Пантелејмон. Светиот Климент, како и останатите Божји угодници, се прославил во Бога со својот подвиг, како зрел плод на неговата длабока вера и љубов кон Христа. Прославувајќи Го Бога, тој, преку подвигот, постанал силен проповедник на верата и на љубовта. Свети Климент вистински ги разбрал зборовите на Господа Исуса Христа, дека најплодоносно се благовестува со својот личен живот, односно преку пројавата на верата и љубовта во личниот живот. Зашто и Господ Исус Христос постојано проповедаше за усовршувањето на луѓето, како пат на спасение. Секој Негов збор и повикување кон совршенство е повик кон луѓето за одење кон врховниот идеал, односно кон Бога.

Според учењето на Господа Исуса Христа, спасението се постигнува преку послушноста и исполнувањето на волјата Божја. Послушникот Божји не бара ништо за себе. Угодниците Божји го бараат она што е потребно за сите луѓе, бидејќи сите заедно треба да постанат народ Божји, нов народ на правдата, на доброто, на чистотата и на духовната височина. Секоја проповед на Господа Исуса Христа, во која се објавува по некоја вистина на Неговото учење и во која се дава решение на човековите духовни и материјални потреби во животот, имала цел да пробуди желба за богопослушност, сила за надминување на богоотуѓеноста и за враќање од опустошената туѓина во Татковскиот дом - во домот Божји полн со изобилие.

Господ Исус Христос проповедаше идеал и совршенство за послушниците Божји, но и Самиот Он беше послушник на Отецот. Он кажал дека е дојден на земјава за да ја исполни волјата на Отецот, Којшто Го испратил (Јн. 6, 28). Неговиот збор одговарал и на Неговиот живот. Неговиот збор и животот немаат два извора, а еден - Бог. Господ Исус Христос проповедал вистина со Својот живот и ја живеел вистината со Својата проповед. Зраците на животот на зборот Му доаѓале од една Светлина. Он е Светлина од Светлината. Совршеното единство на личноста на Господа Исуса Христа ја прави силна и убедителна Неговата проповед, и токму затоа слушателите го примаат Неговото слово со вера и го всадуваат во своите срца.

Господ Исус Христос проповедал со Својот живот, со Своето смирение, со кротост, со Самоодрекување, со исполнување на волјата Божја и со љубов кон луѓето. Он проповедал со Својата чистота и со Својата подготвеност да ја исполни волјата на Отецот, да Се принесе за жртва како Јагне непорочно за спасение на луѓето. Спасителот проповедал со Неговиот живот и таа проповед била дејствителна. Таа ги привлекувала народните маси и предизвикувала кај нив барање за искупување и спасение. Затоа и Христос можел да им каже на апостолите, коишто ги привлече со проповедта: „Не ме избравте вие Мене, туку Јас ве избрав“ (Јн. 15,16). Силата на Христовиот живот и на Неговите зборови силно ги освоила апостолите. Дали тие можеле да се спротивстават на тој повик и сила, којашто извирала од нив? Од вистинскиот повик никој не може да отстапи и да побегне. Тој ќе го следи, колку и да сака да се сокрие. Оној, кој има призив за љубов и за жртвување, каде и да се најде, тие повторно ќе се пројават во неговиот живот. Само наемниците на призивот остануваат наемници и кај нив нема вистина.

Какви луѓе избра Христос за Свои ученици? Повеќето беа неуки и обични луѓе од народот. Кога го подвлекуваме тоа, дали ја потценуваме науката, уметноста или знаењето? Никако! Зашто, како можеме да се однесуваме кон тие дарови Божји со негирање? Но, за да се возроди душата во вистински живот, во добро и во дејствителната љубов, потребни се духовни сили, кои може да ги добие секој човек. Човекот, за кого најважна и највозвишена е љубовта, пред сè, потребно е да има будна душа и здрава волја, за да биде просветлен од сончевата топла светлина на Божествениот закон. Таквите луѓе Бог ги повикува да Го следат.

Господ Исус Христос им порачува на Своите ученици да се поучат од Него на искреност и смирение (Мт. 11, 9). Тие, по примерот на животот Христов, се труделе да Го подражаваат во овие начела. Тие се труделе да се учат од Неговиот живот и слово и постојано оделе по Неговите стапки. Колку бил силен за нив примерот на Исуса, ни кажува апостолот Петар, кој вели: „Вие за тоа сте повикани, бидејќи и Христос пострада за нас, кој ни остави пример за да одиме по Неговите стапки“ (1 Петр. 2, 21).
           
И сите светии биле подражаватели на Исуса Христа и на Неговите ученици. Тие биле проповедници на Словото Божјо преку нивниот живот. Затоа тие за нас се примери на христијанскиот живот и ако ние ги следиме во духот и вистината, ќе Го прославиме Бога и ќе го празнуваме нивниот спомен. На тој начин, и ние ќе постанеме проповедници на славата Христова преку нашиот живот.
           
Драги браќа и сестри, ако сме вистински почитувачи на светителите и ако, одејќи во храмот Божји, вознесуваме искрени молитви кон нив, ние ќе бидеме удостоени со милостите Божји и ќе постанеме добри христијани. Ние треба да ги подражаваме светителите во нашите животи, и така да постанеме благовесници Христови. Тоа ќе биде полнота на нашиот живот, украс на нашите срца, залог за нашето спасение и постојан извор на вистинска радост.

Да се обратиме со искрена молитва кон светиот Климент Охридскиот Чудотворец, чиј спомен денес го прославуваме во овој свет манастир, тој да ни помогне и да ја закрепне нашата вера и да ја украси со добри дела. Да измолиме негова помош на патот кон совршенството, кон кое и нè повикал нашиот Спасител: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мт. 5,48). По молитвите на свети Климент и останатите Божји угодници, коишто денес ги прославуваме, Бог да ни подари сè што е спасоносно и корисно за нашите души и тела, сега и во сета вечност. Амин!

08.08.2013 година
Вечерна на свети Климент и Пантелејмон
манастир „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, Охрид

svklim2013vec 1

svklim2013vec 3

svklim2013vec 5

svklim2013vec 7

svklim2013vec 9

svklim2013vec 11

svklim2013vec 13

svklim2013vec 15

svklim2013vec 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1