На 19.08.2013 година, денот кога го празнуваме светото Преображение Христово, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Марко Трпковски, Никола Христоски и Саше Костадиноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на новиот храм, изграден во чест на Преображението Христово, а лоциран во прекрасните високи предели во Поречието, во месноста наречена Фојник, на тромеѓата меѓу селата Требовле, Брест и Косово. Ктитори на храмот се Александар и Војче Стојановски со семејството, по потекло од с. Требовле, а со место на живеење во Скопје. По осветувањето на храмот, беше отслужена света архиерејска Литургија, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

affiliate tracking url | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Pochta News

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска, нашата света православна Црква чествува и прославува еден од дванаесетте големи празници - Христовото Преображение на гората Тавор. Сите празници, со своето значение, имаат цел да ги поучат и да ги подготват луѓето од земната Црква за вечен и блажен живот. Во денешното четиво од апостолот, ние ги слушнавме многу значајните зборови на апостолот Петар, кој вели: „Браќа, затоа уште повеќе настојувајте да го задржите вашиот позив и избор, оти, ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите, бидејќи по таков начин ќе ви се овозможи слободен влез во вечното царство на Нашиот Спасител, Господ Исус Христос” (2 Петр. 1, 10-11). Апостолот Петар, за да им даде силина на своите зборови, се присетува на настанот на планината Тавор, кога пред него и пред избраните апостоли, Христос се преобразил и ја покажал Својата Божествена слава. Господ Исус Христос не се преобразил пред апостолите само за да Го видат во Неговата слава, туку и за да не ја изгубат својата вера кога ќе Го видат понижен, осуден, распнат, во човечка слабост, закован и издигнат на крст. Како што кажавме, спомнувањето на Преображението и јавувањето на Спасителот во Божјата слава имало за цел да ги зацврсти апостолите во верата. Знаејќи ја оваа мисла на Спасителот, апостолот Петар, кој бил очевидец на Преображението, цврсто и неопходно зборува за зајакнувањето и зачувувањето на позивот и изборот на христијаните.

Што значи за нас тој позив и избор, на кој апостолот Петар нè повикува цврсто да го сочуваме? Тоа е големиот повик на секој еден христијанин. Тој повик се разликува од сите други повици и тој нема само формално значење. Доколку ние престанеме да живееме според законот Божји, односно Христовиот, ние всушност го напуштаме тој христијански позив. Нашиот народ важи за религиозен народ, а повеќе од 90 % од луѓето формално се декларираат како верници и православни. Но, тука се поставува прашањето колкумина од тие луѓе објективно и реално го исполнуваат и оправдуваат христијанскиот повик? Колку од тој процент живее според барањата и учењето на нашата православна Црква и вера? Мнозина ќе одговорат дека се вистински христијани, односно дека се крстени и дека два до три пати во годината одат во црква, или дека примаат свештеник во своите домови за Водици, за слава, или, пак, дека помагаат во рамките на своите можности во изградбите на цркви и слично. Со тоа сметаат дека се вистински православни христијани, а поради современите прилики и динамичноста на животот, се оправдуваат дека не можат да ги запазат сите барања на Црквата и верата. Но, се поставува прашање дали и зошто е тоа така? Одговорот е многу јасен. Современите прилики не се оправдување, а тоа се случува поради нашата слаба вера. Кога нашата вера се сретнува со искушенија и соблазни од овој свет, неретко се покажува дека соблазните и искушенијата се  посилни од верата и многумина се откажуваат или отпаѓаат од неа.

Уште во времето на светиот апостол Петар имало такви искушенија и соблазни, и затоа и тој така силно инсистира на позивот  и изборот. Имало луѓе кои биле крстени од рацете на апостолите, но подвргнати на разни овоземни искушенија, заборавиле на својот позив дека се христијани. И не случајно апостолот Петар укажува на Преображението на Господа Исуса Христа, сакајќи да нè утврди во верата преку овој настан, каде Христовата слава се покажува како Божја слава. Таа е повисока од секоја овоземна слава, независно дали е политичка, научна, интелектуална или која и да е друга. Таа му дава полнота на битието и го носи човекот во непреодни и непроценливи блаженства. Со тоа блаженство не може да се спореди никакво задоволство од овој свет.

Овие зборови на апостолот Петар и денеска силно звучат и имаат особена јачина и дејство, затоа што пред нас сега има многу искушенија, соблазни и понуди, кои нè оддалечуваат од нашата вера и Црква. Доволно е да отвориме некој весник или, пак, да пуштиме некој телевизиски канал, и да видиме разни соблазнителни понуди, кои нудат и предлагаат оддалечување од верата и принципите, коишто ги предлага нашата света Црква. Празникот Преображение ни помага да ја зацврстиме нашата вера. Преображението на гората Тавор имало за цел да повлијае на внатрешната духовна состојба на апостолите и да им ја закрепне верата во моментите на страдање на Господа Исуса Христа. Ние сме во уште подобра ситуација, зашто освен Преображението, знаеме дека после крсната смрт настапува и славното Воскресение. За нас Тавор се соединува со Воскресението, каде уште посилно се појавува Божествена слава на Спасителот, Господ Исус Христос, а ние имаме цврсти сведоци за таа Божествена слава.

Да допуштиме Господ да ни помогне со Неговата неизмерна љубов кон човечкиот род, да ни даде благодат и сила да можеме да ја сочуваме нашата вера во Христа, Кој се преобрази на Тавор, но и воскресна од мртвите. Преку верата во Христа Спасителот да го запазиме нашиот христијански позив и избор, кон кој нè повикува Самиот Господ Исус Христос, а за спасение на нашите души и тела.

Ја користам оваа прилика да им искажам искрена и топла благодарност на ктиторите г-дин Војче и Александар Стојковски, по потекло од с. Требовље, кои вложија огромен труд и средства за да се подигне овој свет храм на оваа височина, која нè потсетува на гората Тавор во Светата Земја, на тромеѓата помеѓу трите поречки села: Требовље, Брест и Косово, а во слава и чест на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Кој гради црква на Господа, заем Му позајмува, а Господ, пак, никого со празни раце не го остава. Да се обратиме со искрена молитва кон Семилостивиот Бог, Тој стоструко да им врати на сите, коишто помогнаа во градењето на овој свет храм. Господ Исус Христос, Којшто на денешен ден се преобрази, нека ја излие својата богата благодат врз нашата света црква, врз нашата татковина Македонија и врз сите наши православни верници, за да можеме да ја сочуваме цврста и непоколеблива нашата вера и да можеме да Го прославуваме Бога во Троица, Оца и Сина и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

Преображение Господово
19.08.2013 година
осветување на храм во Фојник, Македонски Брод

osvpreobr2013

osvpreobr2013 2

osvpreobr2013 4

osvpreobr2013 6

osvpreobr2013 8

osvpreobr2013 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1