„Откако се собравме, верни, да го прославиме посредникот меѓу законот и благодатта, оти тој ни проповедаше покајание, смело и јавно го укори Ирода, и главата му беше отсечена. И сега, живеејќи со ангелите, се моли на Христа да се спасиме“ (седален на Утрена на Отсекување на чесната глава на св. Јован).

Сè што се случува во овој, од Бога создаден свет, се случува според Неговата премудрост и промисла. И отсекувањето на чесната глава на светиот пророк, Претеча и Крстител Јован се случи според Божјото допуштение, зашто оној кој Го предвестеше Спасителот на земјата, ете денеска слегува и во адот, да им го благовести спасението и на оние, кои одамна Го чекаа Месијата. Прославата на овој голем ден, во манастирот „Св. Јован Крстител – Бигорски“ започна на 10.09.2013 година со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Велички г. Јосиф, во сослужение на архимандрит Партениј, игумен на манастирот, еромонасите Доситеј, Макариј и Еразмо, свештеникот Никола Христоски, протоѓаконите Саше Ристов и Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Илија Поп Гонов и Васко Голабоски. На Вечерната богослужба присуствуваа и Нивните Високопреосвештенства Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Митрополитот Брегалнички г. Иларион.

Authentic Sneakers | Nike

Празнувањето продолжи утредента, на 11.09.2013 година, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Иларион, Епископот Јосиф, архимандритот Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо и Ефросиниј, свештениците Никола Христоски, Благоја Спироски, Димче Азески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконите Саше Ристов и Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Илија Поп Гонов и Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата беше осветено коливото и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа, која подолу интегрално ви ја пренесуваме.

Овој ден беше голема радост за сите, но особено за братството од Бигорскиот манастир. На светата Литургија, Митрополитот Тимотеј го ракоположи во ероѓаконски чин монахот Порфириј, со што браќата, но и сите верни посетители, добија уште еден свештенослужител пред престолот на Севишниот Бог.  Празникот, на задоволство на сите, беше одбележан со уште еден голем настан. Имено, по четири години од големиот пожар во ова наше светилиште, верните имаа повторно можност да седнат и физички да се поткрепат во обновената голема трпезарија.

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска, светата православна Црква го прославува маченичкиот крај на светиот Јован Крстител, Претечата Господов. Колку е прекрасен овој човек, кого ние денес го прославуваме! Тој е прекрасен, но, во исто време, и таинствен, загадочен. Тој, со својата единствена убавина, и тоа во полна смисла на зборот, нè приведува нас паднатите во гревови луѓе кон Богоподобното, кое ни е дадено од нашиот Создател. Цврстината и бесконечната верност на словото Божјо, на верата и смирението, кои Претечата ги поседувал, паднатиот човек не може да ги поседува со ваква духовна сила. Многу е тешко за нас луѓето, кои сме потонати во слабости и телесни гревови, да го разбереме човекот, кој бил испратен од Бога на толку голема служба, на која никој не можел да и се спротивстави. Тој бил испратен од Бога да го проповеда Царството Небесно и го крштевал народот во реката Јордан. Претечата ги учел луѓето како да го следат патот на правдата и како да постапуваат, ако сакаат да им бидат простени нивните гревови.

Свети Јован Претеча бил прекрасен човек. Може да се каже дека тој бил најчесниот човек во историјата на човечкиот род. Еврејскиот народ и пред Јована Крстител ги убивал старозаветните пророци. Од свети Јован Крстител се плашеле и фарисеите и садукеите, кои постојано го демнеле за да го осудат и да се ослободат од неговото изобличување. И самиот цар Ирод многу го почитувал свети Јован и велел дека нема поголем човек на земјата од него. Старозаветните пророци Го гледале Спасителот на човечкиот род само во нивните духовни визии, додека, пак,  свети Јован, не само што Го познал со својот дух, туку и Го видел Бога Воплотениот. Затоа и ѓаволот му нанесол такво зло и мачење.
Ние денеска си спомнуваме за едно од најлошите дела во историјата, извршени од човек. Сите знаеле дека свети Јован зборува правда и вистина, и дека ги изобличува страстите и гревовите на Ирода, кој сакал да ги задоволува своите страсти. Тој постојано го изобличувал секој грев и секое престапување на Законот Божји. Свети Јован Крстител многупати кажувал изобличителни зборови против царот Ирод, а особено го укорувал поради тоа што ја зел жената на неговиот сè уште жив брат. Сите што го опкружувале царот Ирод знаеле дека ова е неправедно, но никој не зборувал и не се осудувал да му каже на царот Ирод. А тој продолжувал да живее во гревот, сметајќи дека како на цар, сè му е допуштено да прави. Заради изобличувањето на Ирода и на Иродијада, свети Јован бил затворен во темница.

Од Светото Писмо, знаеме дека Ирод приредувал веселба по повод неговиот роденден. Опијанет од алкохол, но и од играњето на ќерката на Иродијада, пред сите гости ветил дека на Саломија ќе и го даде и половината царство, ако таа го побара. Таа, пак, подучена од нејзината мајка, ја побарала главата на свети Јован Претеча. И покрај тоа што Ирод се плашел и имал личен респект кон свети Јован Крстител, гордоста кај него преовладала. Не сакајќи да го погази дадениот збор, му наредил на џелатот да ја отсече главата на свети Јован и на табла да и ја однесе на Саломија. Таа, пак, ја однела кај нејзината злобна мајка, единствената која немала почит и страв од Крстителот. Затоа свети Јован Златоуст вели: „Пак игра злобната Иродијада, пак беснее, пак ја бара главата на свети Јован Крстител“.

Свети Јован бил подготвен и да загине, но никогаш не престанал да го осудува злото и гревот, независно дали тоа се однесува на силниот цар, или, пак, на обичниот човек. Силата која ја натерала оваа злобна жена да ја бара главата на свети Јован е демонот, кој дејствувал преку оваа злобна жена и нејзината ќерка Саломија. Но, свети Јован Крстител цврсто стоел на каменот на вистината. На никого не дозволувал да ги подгазува заповедите Божји. Тој видел како некој друг го води човекот кон неисполнување на волјата Божја, туку во исполнување на волјата на ѓаволот. Тој не настапувал против царот како човек, туку против ѓаволот, кој ги убивал двете грешни души. Во таа смисла и свети апостол Павле пишува: „Зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата” (Ефес.6,12). Свети Јован им покажал на сите луѓе дека човекот, кој има страв Божји, секогаш стои на патот на вистината, не плашејќи се од ништо, па дури ни од смртта. Поминувајќи го подвижнички целокупниот свој живот на земјата, тој нашол упокојување во смртта, а Црквата, пак, вечно ќе го велича и прославува.
           
Светата Црква преку овој настан изнесува два различни примера, кои ние, како верници, со нашата слободна волја можеме да ги одбиеме или да ги подражаваме, а тоа се: грешниот или развратниот и праведниот. Првиот пат е оној на Ирод, кој со својата незаконита жена и нејзината ќерка Саломија, не го послушаа гласот на свети Јован и не се покајаа, а со тоа ги заслужија вечните маки и страдања. Вториот, пак, е примерот на свети Јован Крстител, кој останал цврст и непоколеблив во исполнувањето на словото Божјо, притоа изобличувајќи го гревот и престапот, но, затоа и плати со својата глава. Ние како христијани треба да се угледаме на свети Јован и тој да ни биде пример во борбата против гревот и телесните и духовни страсти и да се бориме за сè што е чесно, возвишено и благородно.
           
Светата православна Црква ја прославува смртта на свети Јован Крстител, со која тој застанал пред Престолот на Севишниот и станал голем молитвеник за народот Божји. Во него ние ја гледаме Евангелската сила и Евангелските вистини, но гледаме и потврда дека никаква сила од овој свет не може да ја надвладее Црквата Христова. Како што се вели во Светото писмо, Црквата е утврдена врз Христа и затоа сите сили ќе бидат победени. И во тоа е нашата радост и надеж дека свети Јован и останатите Божји угодници ќе ни помогнат да го изодиме патот Божји и ќе го наследиме Царството Небесно, кое ни е од Бога ветено. По молитвите на свети Јован, Бог нека ги услиши нашите молитви и да ни подари сè што е корисно и спасоносно за нашите души и тела.
           
Ја користам оваа прилика да му го честитам чинот на новоракоположениот јероѓакон Порфириј и да му посакам достоинствено и предано да служи на Светиклиментовата Македонска православна црква, на оваа света обител, посветена на свети Јован Крстител и Претеча Господов, и на целото нејзино братство, а за спасение на неговата бесмртна душа, сега и во сите векови. Амин!

11.09.2013 година
Отсекување на главата на свети Јован Крстител
ман. „Св. Јован Крстител – Бигорски“

otsekjov2013 1

otsekjov2013 3

otsekjov2013 5

otsekjov2013 7

otsekjov2013 9

otsekjov2013 11

otsekjov2013 13

otsekjov2013 15

otsekjov2013 17

otsekjov2013 19

otsekjov2013 21

otsekjov2013 23

otsekjov2013 25

otsekjov2013 27

otsekjov2013 29

otsekjov2013 31

otsekjov2013 33

otsekjov2013 35

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1