„Овој ден е Господов, радувајте се луѓе, зашто палата на светлината и Словото на животот произлезе од утроба, и се роди источната врата, која го очекува влезот на Големиот Светител: која е единствена и која во вселената Го воведува единствениот Христос, за спасение на душите наши“ (хвалитна стихира на Слава...и сега... на Утрена на Рождество на Пресвета Богородица).

Божјата промисла и домостројот за спасението на човекот и светот, започнува да се исполнува со раѓањето на Пресветата Дева Марија, преку која се роди Спасителот Христос. Знаејќи ја големата улога на нашата Владичица, но, истовремено, и нејзината голема жртва, принесена за спасение на светот, ние радосно и торжествено го прославуваме нејзиното рождество, секогаш надевајќи се на нејзиното застапништво и утеха.

affiliate link trace | Altra Timp 3 Review , Best Trail Running Shoes 2021

Празнувањето започна на 20.09.2013 година, со свечена Вечерна богослужба, во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичево, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Војне Ристески и Стевчо Тошевски, свештениците Никола Христоски и Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Саше Целески. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати пред мноштвото верни со пригодно слово, во кое ја истакна значајноста на празникот, и повика секогаш да се молиме и да ја повикуваме Пресветата Владичица за наша застапница. На Вечерната богослужба присуствуваше и Претседателот на Р. Македонија, г-дин Ѓорѓе Иванов со сопругата. По Вечерната богослужба и малиот одмор, пред чудотворната икона на Мајката Божја, беше отслужен и Акатист на Пресвета Богородица, на кој началствуваше архимандритот Нектариј.

Прославувањето на чудесното Рождество на Мајката Божја продолжи утредента, на 21.09.2013 година, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Војне Ристески и Стевчо Тошевски, свештениците Никола Христоски и Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Саше Целески. По завршувањето на Литургијата беше извршен и чинот на Мал водосвет, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Пред неколку дена, светата православна Црква го прослави почетокот на црковната нова година, а денеска го прославува Раѓањето на Пресвета Богородица. Овој празник се појавува како прв помеѓу дванаесетте големи празници во црковната година. Рождеството Богородично, самото по себе, има длабоко и симболично значење, и не случајно се појавува како прв поголем празник во годината. Доколку сакаме сериозно да размислуваме за празникот, тогаш ние мораме со големо внимание да се задлабочиме во библиската историја и тогаш ќе можеме да ја пронајдеме смислата и причината зошто овој празник на Рождество на Богородица се јавува и како почеток на нашето спасение. Овој празник е почеток на спасението, но истовремено ни го укажува значењето на севкупниот Божји домострој и делото за нашето спасение.

Од историјата, ние знаеме дека нашите прародители Адам и Ева го нарушиле единството со Бога и го изгубиле Рајот, а со тоа ја изгубиле чистотата на  првобитната човечка природа. Тие биле избркани од Рајот, а на Едемската врата бил поставен херувим, кој го чувал дрвото на животот. Поради прекршувањето на заповедта и нарушувањето на врската со Бога, човечката природа ќе се измени. Иако човекот бил создаден за вечен живот, тој како плата за гревот ќе добие смрт (Рим. 6,23). Во моментот кога човекот е протеран од Рајот и кога Рајот е затворен за него, тој губи секаква надеж и паѓа во очајание. Гледано од човечки аспект, сè е пропаднато. Но, тоа не се случува, бидејќи Бог е милостив и му дава надеж уште на самиот почеток на создавањето на светот. Он му ветува дека ќе Го испрати Спасителот, Кој ќе ја згази главата на ѓаволот, а жената, односно Мајката Божја, ќе биде носителот на нашето спасение: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (1Мој. 3,15). Токму овие зборови од Стариот завет се нарекуваат уште и прво евангелие, бидејќи тие го навестуваат спасението на човечкиот род.

Минале многу векови и луѓето го очекувале овој настан. Кога времето се исполнило и се создале услови според промислата Божја, Бог ќе подејствува преку Јоаким и Ана, двајца праведни и набожни старци, кои живееле и го исполнувале Законот Божји. Ништо материјално не им недостасувало на овие праведни луѓе во нивниот дом, но многу тагувале бидејќи немале пород. Посебно тагувала Ана, бидејќи во тоа време, кај Еврејскиот народ имало убедување дека оние луѓе кои немаат пород сигурно се многу грешни, па и Бог не им дава челад.

Во житието се опишува како Јоаким сакал да однесе жртва во Ерусалимскиот храм, но таму бил пресретнат од свештеникот, кој јавно го изобличил дека мора да е голем престапник, кога и Бог не му дава деца, па затоа и не сакал да му ја принесе жртвата. Навреден и натажен, со солзи го напуштил Ерусалимскиот храм и од жал не сакал да се врати во својот дом, туку отишол во планина кај своите стада и таму деноноќно плачел и Го молел Бога да го избави од овој срам. Кога слушнала праведната Ана за настанот во храмот и таа излегла во градината и деноноќно плачела и Го молела Бога да ја одврзе нејзината утроба и да и даде чедо, а со тоа и да го симне овој голем срам. Во една таква духовна состојба, Архангелот Гаврил најпрво и се јавува на праведната Ана и и вели: „Радувај се, услишана е твојата молба. И покрај твојата длабока старост, Бог се смилува и ќе имаш рожба, а таа ќе биде Богомајка“. Истиот ангел потоа го израдувал и Јоаким,  велејќи му да не плаче, туку да појде кај својата жена Ана, која иако е на стари години, кога природните закони не дозволувале рожба, ќе роди чедо, кое ќе се нарече Марија. Ете тоа чудо ние денеска го прославуваме.

Богородичното раѓање е всушност почеток на нашето спасение, како што пееме и во тропарот: „Твоето раѓање, Богородице Дево, радост му јави на целиот свет, зашто од тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос, Бог наш...“. Овие зборови не се само поетска вештина, зашто во нив има длабока богословска мисла. Во нив се содржи ветувањето на Бога кон луѓето и надежта на луѓето во Бога. Мајката на Богородица, Ана, која долги години очекувала да има пород, сега се радува, бидејќи молитвата и е услишена. Со неа се радува и целиот човечки род, кој долго време ја очекувал Мајката Божја, преку која ќе почне и спасението на човечкиот род. Пресвета Богородица се јавува како небесна Царица и застапница, но истовремено, таа се јавува и како небоземна Царица. Ние ја доживуваме Мајката Божја и како наша телесна мајка, бидејќи во неа ја наоѓаме сета наша надеж. Ние честопати знаеме да го заборавиме овој факт, дека се јавуваме како деца на Мајката Божја. Честопати велиме дека сме браќа и сестри во Христа, но ние сме и синови и ќерки на Мајката Божја. Таа, како Богородица и Богомајка, е и наша мајка, која сите нè обединува и затоа ние сме браќа и сестри и според Мајката Божја.

Заради нашите слабости, престапи и гревови, ние луѓето сме грешници и отстапници од Бога. Но, според милоста и добрината на Мајката Божја, Бог нè милува и спасува. Ние денеска сме должни со особена радост и восхит да се обратиме кон Мајката Божја, таа да ни помогне да ги поднесеме разните искушенија и тешкотии, што ги носи секојдневниот живот, зашто нашата надеж е во Богомајката. Ние живееме во овој свет, исполнет со многу страшни нешта, зашто како што се вели во Св. писмо: „Целиот свет лежи во зло“ (1Јов. 5,19). Но, ние сме должни да не очајуваме, туку да се надеваме на милоста Божја и сите наши маки, сите наши искушенија и страдања да ги довериме и повериме на Мајката Божја, а таа е способна да нè утеши, да нè зацврсти и да ни даде надеж. Тоа е нешто слично како и со нашата физичка мајка, која секогаш има разбирање, толеранција и оправдување за сите наши постапки и отстапки. Да се обраќаме секогаш кон Бога како кон наш родител, како и кон Пресветата Богородица, како кон наша мајка. Само тогаш ќе можеме да живееме поисправен христијански живот и да го исполнуваме Законот и прописите, што ни ги дава нашата света Црква.

Драги браќа и сестри!
На овој свет ден, би сакал да ви упатам уште една порака: чувајте ја нашата православна вера, чувајте ги нашите црковни и национални македонски традиции, крштевајте ги и венчавајте ги вашите рожби, испраќајте ги на достоинствен начин вашите мили и драги упокоени и правете ги помените за нив пред Бога. Сето ова извршувајте го според учењето на Црквата. Преку тоа ќе се покажете дека сте вистински следбеници на вашите предци и дека сте вистински членови на големото христијанско семејство на православни верници. Обраќајте се со искрена молитва кон Мајката Божја, чие рождество денес го славиме, а таа нека биде наша постојана молитвеница и покровителка во сите дни на нашиот живот, за да го спечалиме според  милоста Божја Царството небесно, сега и во сите векови. Амин!

Рождество на Пресвета Богородица
21.09.2013 година
ман. „Пресвета Богородица – Пречиста“ Кичево

malbog2013

malbog2013 2

malbog2013 4

malbog2013 6

malbog2013 8

malbog2013 10

malbog2013 12

malbog2013 14

malbog2013 16

malbog2013 18

malbog2013 20

malbog2013 22

malbog2013 24

malbog2013 26

malbog2013 28

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1