„Денес се исполни зборот пророчки: ете, се поклонуваме на местото каде што стоеја нозете Твои Господи и, откако го примивме дрвото на спасението, примивме слобода од страстите гревовни, по молитвите на Богородица, единствен Човекољупче“ (седален на Утрена на Крстовден).

Ако првото дрво во Рајот беше соблазна за нашите прародители, сега Крсното дрво стана спасение за целиот свет. Ние, кои бевме потопени во мракот на прародителите, денеска Христос со Крстот нè издигна и ни ја врати првобитната слава и светлина. Затоа „Крстот е чувар на сета вселена, красота на Црквата, сила на царевите, поткрепа на верните, слава на ангелите и рана за демоните“.

На 27.09.2013 година, денот кога го прославуваме Воздвижението на чесниот и животворен Крст, во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо и Ефросиниј, свештеникот Никола Христоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, ѓаконот Васко Голабоски и ероѓаконот Порфириј. На овој голем ден, на светата Литургија, Митрополитот Тимотеј го ракоположи во ероѓаконски чин монахот Силуан од Бигорскиот манастир. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Adidas footwear | Altra Timp 3 Review , Best Trail Running Shoes 2021

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Ние, денеска, на крајот на утрената, а пред самиот почеток на светата Литургија, го извршиме чинот на издигнување на светиот Крст Господов. Многу векови наназад, светата Црква го извршувала овој чин. Воздигнувањето на светиот Крст значи дека сите краеви на светот, но и сите луѓе, се должни да го насочуваат својот поглед кон крстот, издигнат над целиот свет. Но, се поставува прашањето: дали навистина тоа се случува во пракса кај нас луѓето? Дали сите луѓе во светот или барем оние кои се декларираат како верници, навистина ги издигнуваат нивните погледи кон Крстот Господов, што светата православна Црква денес го возвишува во сите православни цркви? Да бидеме искрени и заради вистината, треба да одговориме негативно. Но, и ние, кои денеска се собравме во оваа света обител, треба да се запрашаме дали гледаме на крстот Христов, и дали тоа наше гледање и внимание ќе биде утешително и спасително за нас.

Во утринското свето Евангелие, се раскажува како Господ Исус Христос му зборува на собраниот народ: „Сега е судот на целиот свет; сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе“ (Јн. 12, 31-32). Всушност, Спасителот им кажувал со каква смрт ќе умре. Но, да слушнеме што му одговорил народот: „Сме слушале од Законот дека Христос вечно ќе постои, а како велиш Ти дека Синот човечки треба да биде издигнат? - Кој е Тој Син Човечки?“ (Јн. 12, 34). Ова го зборувале луѓе кои биле очевидци на безбројните чуда што ги извршил Господ Исус Христос, луѓе кои присуствувале на воскресението на Лазара и на многу други чуда и доброчинства што ги правел Христос. Истите тие луѓе го чуле и гласот од небото кој вели: „Оче прослави го името Свое! Тогаш дојде глас од небото: - И Го прославив, и пак ќе Го прославам“ (Јн. 12, 28). Луѓето биле потресени и зборувале и коментирале со најразлични свои видувања: едни дека ангел проговорил, други дека загрмело и многу други човечки мудрувања, но, никој не рекол дека зборува Самиот Бог.

Паднатиот човечки ум не верува и се придружува кон сомневањето за вечното прашање, што го поставува пред себе. Нешто слично се случува и денеска кај современиот свет, кој не обрнува внимание на современата проповед на крстот Христов и неговото издигнување, туку се занимава со лични разбирања и размислувања, кои немаат никаква врска со вистинското учење на светата Црква. Тие не сакаат да ја сфатат и да ја разберат вистината, не слушаат кога им се зборува за Бога, за Неговата семоќ, за Неговата бесконечна љубов и Неговата сежртвеност. Бог Самиот Себе се принел како жртва за секој еден од нас. Но, ние честопати слушаме најразлични коментари и сомневања во вистинитоста на овие настани, или дека можеби тоа било поинаку и слично. За Крстот Христов и носењето на нашиот крст може да се оди во бесконечност со претпоставки. Но, Христос одговара на прашањата на Своите современици, а со тоа и на сите нас: „Уште малку време Светлината е со вас; одете, додека имате светлина, за да не ве опфати мракот; а кој оди по мрак, не знае каде оди. Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината!“ (Јн. 12, 35-36). Откако им го кажал ова, Христос се сокрил од нив. Бесмислено е да се зборува со луѓето кои постојано запрашуваат, а го негираат она што е очевидно, божествено и вистинито во овој свет.

Ние не знаеме каде одиме. Ние денеска сме на земјава, живееме, планираме, но, утре го завршуваме својот живот со смртта. Тогаш секое познавање за Бога се прекратува. Секое знаење за тоа што е живот исчезнува. Секое знаење што ние сме го научиле и собрале престанува. Ние застануваме пред вечноста, за која ништо не разбираме и не знаеме. Затоа и Господ се сокрил од нив и не сакал да спори, бидејќи тие не сакале да Го прифатат, туку само сакале да зборуваат и да спорат и да се оправдуваат самите себе.

За да се разбере кој е и каков е крстот Христов, можно е само со издигнување кон него, но тоа бара голем подвиг. Во подножјето на крстот Христов присуствува и обитава благодатта на Светиот Дух. Ако човек се издигне до подножјето на крстот, може да разбере што е крстот и жртвата Христова. Тогаш ќе ја разбере и смислата на човечкиот живот и човечкото битие, но, исто така, ќе ја разбере и смислата на воскресението. Крстот е неделив од воскресението Христово. „Слава Господи на Крстот Твој и на светото Твое воскресение“ - пее светата Христова Црква. Оваа врска може да ја сфатат само луѓето што чувствуваат дека треба да гледаат кон крстот Господов, а со кои и ние треба да бидеме во истиот ред,  и покрај тоа што понекогаш нешто и не разбираат. Тие се луѓе што го имаат избрано подобриот дел. Нешто слично како што избрала и Марија, сестрата на Марта, која седела пред нозете Исусови и го слушала Неговото слово. Светата Црква постојано нè повикува на тој пат, на тоа служење, на тоа слушање. Свети Јован Златоуст со многу убави зборови вели дека и сила и утврдување на патот кон вечниот живот на душата е крстот Христов. Свети апостол Павле во Посланието до Коринтјаните вели: „Јас знам само еден Христос и тоа распнат“ (1Кор. 2,2). Апостолот зборува така, бидејќи знае дека овој свет е исполнет со зло. Овој свет го распнува и го убива секој човек, а во тој дух е убиен и безгрешниот Син Божји. Апостол Павле за себе вели: „подобро е јас да умрам за овој свет и за Синот Божји, Кој носи вечна радост, вечно милосрдие, вечна справедливост и љубов, отколку да благоденствувам и да се насладувам во овој свет, кој е исполнет со зло и очајание“. Тоа е избор на секој христијанин, секој еден од нас има можност да го избере едниот или другиот пат: патот на крстот Христов, пат тесен и стрмен, или, пак, патот широк, но погубителен.

Сите знаеме дека секој што е роден на земјава, еден ден и ќе умре. Тоа е последица на гревот на нашите прародители, кои беа измамени од нечестивиот. Тој постојано сите нè мами и подмамува и нè убива и духовно и телесно. Затоа пак, во денешната богослужба, Црквата пее: „Од крстот Христов го убива оној кој ме уби мене“. Каков подвиг! Какво дело за нашиот живот Христос платил и смртта да ја уништи и убиецот да биде уништен. И не само што ѓаволот е убиен, туку и „со смртта смртта ја уништи, и на оние во гробовите живот им подари“. Убивајќи го нашиот убиец, Он нè поврати во живот,  за кој сме и создадени.

Затоа драги браќа и сестри, со искрена молитва, со очистено срце, со понизност и смиреност, да пристапиме и да се поклониме пред чесниот Крст Господов и да извикаме со црковниот пејач: „На крстот Твој се поклонуваме Владико...“

Нека ми биде дозволено, од свое име и од името на сите вас, на собратот на Бигорската обител, ново ракоположениот јероѓакон Силуан, да му го честитаме ракополагањето во ѓаконски чин во овој свет манастир, посветен на св. великомаченик Георгиј Победоносец. Оче Силуане, ти си ракоположен на Господов празник, на Воздвижението на чесниот Крст, но, исто така, ракоположен си во манастир, кој е посветен на великиот маченик Георгиј. Примерот, цврстината, јачината и непоколебливоста во носењето на крстот Христов на свети великомаченик Георгиј, секогаш нека ти бидат пример и инспирација. Па, така, преку носењето на својот крст, да можеш сите искушенија и сите животни бури полесно да ги надвладуваш и чинот достоинствено да го носиш, за прослава на нашата света Црква, на нашата татковина, а и за спасение на твојата душа. Амин!

27.09.2013 година
Крстовден
манастир „Св. вмч. Георгиј“ Рајчица

11x

28x 1

krst2013 1

krst2013 3

krst2013 5

krst2013 9

krst2013 11

krst2013 19

krst2013 21

krst2013 23

krst2013 27

krst2013 33

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1