„Дојдете собори на празникољупци, да ја воспееме Пресвета Дева, зашто денес ангелите со светителите го празнуваат чесниот покров на Божјата Мајка, и нас земните нè повикуваат да пееме непрестајно: Радувај се, чуден украсу на Црквата и на целиот свет прекрасен покрове! Радувај се, помошнице во војните на верните цареви и заштитнице на војниците! Радувај се, наш покров и застапнице, зашто тебе народот христијански непрестајно те именува блажена“ (стихира на Слава..и сега... на Мала Вечерна на Покров на Пресвета Богородица).

Топлата и непобедлива застапница, надеж и пристаниште на сите, кои прибегнуваат кон неа, секогаш Го моли својот Син за нас грешните и постојано го пружа својот омофор над оние, кои ја бараат нејзината помош. Безбројни се чудесата на Мајката Божја и сведоштвата за нејзините застапништва и помош. Токму на овој ден, на 14.10.2013 година, прославивме едно такво застапништво и закрила. На овој ден го прославивме празникот Покров на Пресвета Богородица, востановен по повод избавувањето на Цариград од Сараценските војски.

Празнувањето започна ден порано со свечена Вечерна богослужба, а продолжи утредента, кога во капелата Покров на Пресвета Богородица во Митрополитската резиденција во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Никола Христоски и Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

latest jordan Sneakers | NIKE Chaussures, Sacs, Vetements, Montres, Accessoires, Accessoires-textile, Beaute, Sous-vetements - Livraison Gratuite

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Светата православна Црква денеска го прославува чудесното избавување на Цариград од страна на нашата постојана покровителка, Пресветата Богородица. Настанот се случил во 10 век, за време на императорот Лав Мудри, кога Византија била нападната од Сарацените. Оваа војска сеела страв и трепет секаде каде што поминувала, а зад себе оставала пепел и прав од објектите и домовите на христијаните. Народот бил испаничен и во плач и лелек барал помош, но не ја добивал од никаде. Многубројната сараценска војска, со силно настроение за освојување, се нашла и пред ѕидините на Цариград. Кога војската на Византија излегла на бедемите, констатирала дека нема никаква шанса да се спротивстави на напаѓачите на Цариград. Тогаш сиот народ се обратил со молитва кон Пресвета Богородица и барал помош и заштита од неа. По тој повод, се одржало сеноќно бдение во црквата Влахерна, каде што целиот град се собрал на молитва, за да измоли милост и заштита, како за себе, така и за градот. На сеноќното бдение учествувал и свети Андреј Јуродив и неговиот ученик Епифаниј. Овие праведни и свети луѓе ја виделе света Богородица, опкружена со хор на ангели и Божји угодници, како го распростира нејзиниот свет омофор врз Цариград. Ова чудно видување на свети Андреј Јуродив брзо се проширило помеѓу жителите на Цариград, и сите биле убедени дека и покрај тоа што војнички се немоќни, ќе бидат победители со помош и поткрепа на Мајката Божја. Утредента била победена и протерана силната сараценска војска, и тоа без да се пролее крв, а со помош на Божјата благодат и застапништвото на Пресвета Богородица. Во чест на ова чудесно избавување на Цариград, светата Црква го востановила денешниот празник, познат како Покров на Пресвета Богородица.

Света Богородица е мајка на сите христијани, но, исто така, и на целиот човечки род. Таа и денеска го простира нејзиниот омофор, и држејќи го во воздухот со нејзините пречисти раце, сите нè повикува под нејзина закрила и милост, сакајќи да нè запази од видливите и невидливите непријатели. Ако сакаме тоа сликовито да си го преставиме, за да ни биде појасно и поразбирливо, треба да се поучиме од несловесните животни и од тоа како тие се грижат да ги заштитат своите новороденчиња. Слично како што кокошката ги раширува своите крилја, за да ги запази своите пилиња од сите опасности, така и Света Богородица ги повикува и добрите и лошите, и праведниците и грешниците, да пристапат кон неа, за таа да ги запази под својот омофор. Богородичната закрила може да се спореди и со Ноевиот ковчег, во којшто биле сите животни, и добри и лоши. Во него заедно биле и волкот и јагнето, и кокошката и лисицата, и многу други животни, кои во овој свет и век се убиваат помеѓу себе, но таму сите биле заедно.

Пресветата Богородица ги заштитува сите луѓе, и праведниците и грешниците, и сите ги сака, но не и гревот во нив. Затоа таа им помага на грешниците кои се каат, да се ослободат од нивните гревови. Секој еден, кој сака да биде под нејзин покров, должен е постојано да се труди да се оддалечува од секакво беззаконие, бидејќи секој грев го раскинува сојузот со неа. Таа се моли за нас горе на небото, а ние треба да се молиме за себе долу на земјата. Таа нè покрива со заслугите на својот Син, а ние треба да се облекуваме во нив со вера и љубов. Инаку, ако се предаваме на гревот, ќе го доживееме она што им се случило на Израилците. Мојсеј за израилскиот народ примил заповеди од Бога на Синај, а тие отстапиле од Бога, направиле златно теле и почнале да му се поклонуваат. Согледувајќи го ова Господ, ја прекратил беседата со Мојсеј и му рекол: „Оди поскоро и слези долу, зашто народот твој, кого го изведе од земјата Египетска, појде по пат на беззаконие... но, сега остави да се разгори гневот Мој и да ги истребам“ (2 Мој. 32, 7-9). Сепак, по молитвите на Мојсеја, Бог се смилувал над Израилскиот народ и му го простил овој голем грев.

Пресветата Мајка Божја, веднаш по нејзиното успение, им се јавува на светите апостоли и ги утешува, ветувајќи им дека ќе биде со нив до крајот на светот. Света Богородица правела многу добри дела на луѓето уште за време на нејзиниот земен живот. Уште првото чудо на Господ Исус Христос, на свадбата во Кана Галилејска, кога Он ја претворил водата во вино, било по молбите на Неговата Мајка. Така, таа и сега постојано Го моли Господ Исус Христос за човечкиот род. Но, кој сака да најде прибежиште под нејзиниот свет омофор, тој треба да ја соблече облеката на гревот и да се облече во облеката на покајанието. Таа над секого го простира нејзиниот омофор на милосрдието и застапништвото пред Бога. И ние, денеска, да се обратиме со искрена молитва кон Мајката Божја, таа да нè чува под нејзиниот свет омофор и да нè запази од сите маки и страдања. Пресветата Владичица да ни ја зацврсти верата и љубовта, та да одиме по вистинскиот пат, кој Му е угоден на Бога и на Богородица, а спасоносен за нашите души, сега и во сета вечност. Амин!

14.10.2013 година
Покров на Пресвета Богородица
капела „Покров на Прес. Богородица“
Митрополитска резиденција, Охрид

POKROV2013

POKROV2013 2

POKROV2013 4

POKROV2013 6

POKROV2013 8

POKROV2013 10

POKROV2013 12

POKROV2013 14

POKROV2013 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1