„Ти кој заради нас се роди од Дева и распнување претрпе Благи, соборувајќи ја смртта со смрт и воскресението го најави како Бог, не презирај ги оние кои си ги создал со Твојата рака. Покажи го Твоето човекољубие, Милостиви, прими ја таа која Те роди, Богородица, која се моли за нас и спаси ги, Спасителу наш, луѓето од очајание“ (воскресен Богородичен глас 8).

На 20.10.2013 година, во 17 Недела по Педесетница, и на споменот на светите маченици Сергиј и Вакх и светиот маченик Полихрониј, во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Партениј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, еромонах Доситеј, свештениците Никола Христоски, Димче Азески, Горан Ставрески, Владо Недески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Васко Голабоски и Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

Running sports | NIKE HOMME

Овој ден беше радост и за сета наша Македонска православна црква, а особено за нашата Дебарско-кичевска епархија. Знаејќи ги зборовите Христови, дека „жетвата е голема, а работници се малку“, Митрополитот Тимотеј благоизволи да го ракоположи во свештенички чин ѓаконот Васко Голабоски од Струга, а со тоа се намножија и пастирите, кои треба да го водат верното стадо на патот во Царството Божјо. Од името на целата епархија, му го честитаме свештеничкиот чин на нашиот собрат Васко и се молиме Господ Бог секогаш да биде со него и да го води кон исполнување на Неговата волја.

Освен овој голем настан, нашата Епархија, денеска,  го торжествува и роденденот на нашиот возглавител, Митрополитот Тимотеј. Од името на сиот клир и сите верници, му го честитаме роденденот на Митрополитот, со желба и молитва уште многу години правилно да раководи со словото на Божјата вистина и да го упатува своето верно стадо кон исполнување на Божјите заповеди, за сите заедно да го заслужиме Царството небесно.

На многаја лета, Високопреосвештени Владико!

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Во денешното свето Евангелие на светата Литургија слушнавме за чудесното излекување на ќерката на жената Хананејка. Оваа жена имала многу болна ќерка, која со години била измачувана од нечистиот дух. Оваа јадна мајка ги минала сите можни лекари што постоеле кај нив, но не можела да најде лек за својата сакана ќерка. Жената припаѓала на незнабожечки народ, кој бил потценуван од избраниот еврејски народ. Тие просто не се мешале и живееле одделно во своите средини. 

Кога слушнала оваа жена дека во Јудеја има Човек – Лекар, Кој лекува секаква болест само со еден збор, одлучила да отиде и да бара лек за нејзината страдална ќерка. Знаејќи дека припаѓа на друг народ, кој се сметал за нечист и незнабожечки, со скрушеност пристапува кон Господ Исус Христос и Го моли: „Помилуј ме Господи, Сине Давидов, ќерка ми ја измачува нечист дух“ (Мт.15,22). Но, Господ Исус Христос продолжил да оди, без да обрне внимание на нејзината молба. Тоа не ја обесхрабрило оваа туѓинка и таа продолжила да оди по Исус Христос и уште посилно да Го моли - Он да се смилува над нејзината ќерка. На молбите од Хананејката се приклучиле и апостолите, велејќи Му на Господа Христа да ја отпушти, бидејќи многу силно вика и бара милост. Но, Господ Исус Христос им вели: „Јас сум испратен само при загубените овци од домот Израилев“ (Мт. 15, 24). Ниту овие зборови не ја разочарале оваа жена, туку паднала пред нозете Исусови и Го молела: „Господи помогни ми“ (Мт. 15,25). На оваа молба следел груб одговор на Господ Исус Христос: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата“ (Мт. 15, 26). Болно било да се слушнат овие решителни и одбивни зборови, а особено за оваа несреќна мајка. Но, и покрај таквиот одговор, таа не ја губи надежта и верата во милоста и добрината на Господ Исус Христос и со понизност и трпение Му вели на Христа: „Да, Господи, ама и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари“ (Мт. 15, 27). Со други зборови, како да сака да Му каже на Господа: јас сум од незнабожечки народ и молам и просам од Тебе милост, дај ми мене од трошките што паѓаат од трпезата, простри ја Твојата милост и кон мене, а лебот во изобилие повторно давај им го на Израилците.

Невозможно било да се бара поголема смиреност, трпение и вера, па затоа и Спасителот јавно ја пофалил: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде според желбата твоја! И во тој чај оздраве ќерката нејзина“ (Мт. 15, 28). Христос на сите им покажал дека ваквата молитва, соединета со вера и надеж, може многу да помогне и да го испроси Божјото милосрдие. Нема ништо толку силно како искрената молитва, која може да се спротивстави на која и да е сила.

Огромна сила крие во себе морската стихија. Човекот во неа е како играчка. Но, и страшното и разбранувано море отстапува од молитвата. Мојсеј молитвено повикал кон Господа и со еден удар со чудотворниот жезол го расекол морето и по морското дно поминал како по суво со израилскиот народ (Исход 14, 2). Страшна и погубна моќ има и огнената стихија. Доволно е една искра и таа може да направи цели пустоши. Но, и таквата уништувачка сила, молитвата соединета со вера ја победува и таа отстапува. Потврда за тоа имаме во настанот со трите благочестиви момчиња, за кои ни зборува пророкот Даниил (Дан. 3,94). Момчињата  биле ставени во запалена печка, но по усилната молитва кон Бога, исчезнала убиствената сила на огнот. Огнот немал никаква сила врз нив и врз нивните тела, па дури и облеката и влакната од нивните глави не биле изгорени.

Господ Исус Христос е извор на љубов и милост кон луѓето, за кои се издигнал на крстот на Голгота. Он намерно ја одолговлекувал помошта за оваа несреќна мајка и на тој начин ја проверувал и зацврстувал нејзината вера. А преку оваа жена, пак, им покажува на сите луѓе како треба да бидат силни во верата, кога нешто бараат и молат од Господа. Примерот на оваа жена Хананејка е поучен и за нас денеска. Честопати и ние во нашиот живот доаѓаме во тешки и мачни состојби и нè снаоѓаат разни беди, маки, болести, искушенија и слично. Во таква состојба имаме потреба да молиме од Бога помош, бидејќи луѓето кои нè опкружуваат се исто така слаби како и ние и не можат да ни помогнат. Кога молиме и просиме милост од Бога, секогаш треба да го бараме само она што е корисно за нашата душа, а не е на штета на нашите ближни. А кога ја бараме Божјата помош, да бидеме цврсти и непоколебливи во верата, барајќи милост со понизност, со скромност и со смиреност.

Господи Исусе Христе помогни ни и на нас, како и на оваа жена Хананејка, и исцели ги нашите души и тела, сега и во сите векови. Амин!

Ја користам оваа прилика, од мое име и од името на целата епархија, да му го честитам чинот на новоракоположениот свештеник Васко, и да му посакам секогаш верно да служи на нашата Светиклиментова црква и на нашата Татковина. Уште Го молиме и Бога, да му дава мудрост и трпение, та со љубов да ја води својата и поверените му души на патот кон Царството Небесно, сега и во сите векови. Амин!

Седумнаесетта недела по Педесетница,
20.10.2013 година
храм „Пресвета Богородица – Каменско“ - Охрид

17nedped2013

17nedped2013 2

17nedped2013 4

17nedped2013 6

17nedped2013 8

17nedped2013 10

17nedped2013 12

17nedped2013 14

17nedped2013 16

17nedped2013 18

17nedped2013 20

17nedped2013 22

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1