На 27.10.2013 година, денот кога ја прославуваме преподобната Параскева – света Петка, во храмот „Св. Петка“ во населба Црниче, Скопје, беше отслужена света архиерејска Литургија, началствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на епископот Велички г. Јосиф, протоереј-ставрофорите Спасе Стефановски, Стојче Ристевски, Ратко Милановски и Ацо Гиревски, протоерејот Томе Велјановски, старешина на храмот, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, ѓаконот Ванчо Умленски и парохискиот ѓакон Јане. По завршување на Литургијата беше прекршен празничниот леб, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Nike air jordan Sneakers | Aimé Leon Dore x New Balance 550 'Red' — Ietp

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска, светата православна црква ја прославува преподобната Параскева – Петка. Преку нејзиниот подвиг и живот, таа нè поучува сите нас, како треба да се исполнуваат зборовите на светиот апостол Павле: „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите“ (Гал. 5,24). Во животот на луѓето, кои Го следат Христа, на прво место не стојат телесните страсти, ниту, пак, човечките задоволства на ниските чувства и похоти, или земните богатства и благодети, туку Христос и Неговата света Црква со духовните богатства. Поради таквите богатства, овие луѓе се подготвени да ги жртвуваат сите свои сили, сето свое време, своето здравје, а ако е потребно, да го жртвуваат и својот живот.

Историјата нè учи дека Господ Исус Христос во разни временски периоди на најразлични начини ги повикува луѓето кон таквиот подвиг на самораспнување и соумирање со Христа. Во првите векови на христијанството, тој подвиг значел мачеништво. Тогаш секој човек, кој ја исповедал верата во Исуса Христа, бил изложен на страдања и смрт. Во ова време, Црквата слегла во подземјето, во катакомбите, каде верните тајно се собирале, за потоа да излезе надвор во светот, во време кога тоа ќе Му биде угодно на Бога и кога ќе добие слобода на исповедање.

Во овој период, светата Црква имала огромен број на маченици по целата Римска империја. Но, Семилостивиот Бог благословува да престанат гонењата на христијаните, преку делото на царот Константин Велики, кој во 313 година го издава Миланскиот едикт, со кој ќе биде дадена слобода на секое вероисповедание, вклучително и на христијанството. А оваа година прославуваме 1700 години од овој голем и значаен настан. Тогаш Црквата ќе излезе од подземјето и ќе започне слободно да Го исповеда Господа Исуса Христа, Распнатиот и Воскреснатиот, за спасение на човечкиот род. Со слободата, започнува и развивањето на богословската мисла и на иконописот на повисоко ниво, за што ќе бидат одржани и повеќе Вселенски и Помесни собори. Овој период светата Црква го нарекува „Златен период на христијанството и на Црквата Христова“. Сега веќе не била потребна храброст и подготвеност да страдаш или, пак, да одиш во смрт поради верата во Христа. Приврзаноста или преданоста кон Христа се покажувала преку подвигот на сиот живот. Во овој период ќе засветат големите светила на Црквата Христова. Тогаш се појавуваат и големите богослови, кои ќе го формираат учењето на Црквата. Но, особено важни се монашките движења, кои се појавуваат во овој период и кои ќе привлечат илјадници христијани. Луѓето ги напуштале домовите, ги оставале своите роднини и пријатели, и се преселувале по пустините, претворајќи ги истите во големи монашки градови, каде, преку секојдневниот подвиг, го поминувале животот  во бескрвно мачеништво. Овој монашки подвиг, кој водел по патот кон Царството Небесно, продолжува и во идните векови. Преку нивниот живот, уште еднаш се потврдиле гореспоменатите зборови на апостолот Павле, дека „оние, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите“ (Гал. 5,24).

Една од многуте вакви подвижници е и Преподобната Параскева – Петка, чиј спомен денес го прославуваме, а на која е и посветен овој храм. Света Петка била родена во градот Епиват и потекнувала од богато семејство. По смртта на нејзините родители, жедна за подвижнички живот, таа го напушта домот и заминува во Јорданската пустина. Последните две години од својот живот ги поминува во родниот Епиват, каде во пост и молитва ќе се пресели во вечните рајски населби.

Ова се основните податоци од житието на преподобната Параскева. Но, ние треба да извлечеме и поука од нејзиниот подвиг. Таа го презира и го напушта овој свет и сите негови задоволства, што светот ги нуди и дава на луѓето. Таа, преку духовниот труд, молитвата, послушноста и преку своите големи подвизи, се издигнува на висините од Богомислието и Богопознанието. Овој, пак, нејзин труд и подвиг, во ништо не е помал од подвигот на мачеништвото. Зашто маченичкиот подвиг се случува еднаш во животот, а нејзиното подвижништво е секојдневно умирање за Христа, секојдневно самоодрекување и самораспнување за Христа. Поради ова секојдневно мачеништво, ние ги прославуваме угодниците Божји, кои, преку монашкиот подвиг, се прославиле со ваквите подвизи.

Светите отци, заедно со светиот апостол Павле, нè учат дека секој еден од нас е должен да ги отсече гревовните страсти, кои постојат и живеат во нас. А ние ги знаеме нашите гревовни страсти. Нам не ни е потребно да прашуваме некого за тоа. Самиот живот ни покажува какви недостатоци, слабости, страсти и похоти се вгнездени во нашите души и срца. Но, доколку тоа навистина не го чувствуваме, тогаш да го прашаме нашиот духовник или парохиски свештеник, а тие ќе ни кажат како и на кој начин треба да се бориме за очистување и отфрлање на страстите, кои нè оддалечуваат од вечниот и блажен пат. Ние треба да знаеме и дека патот на христијанскиот живот не зависи од тоа дали некој е монах или цивил, дали некој е клирик или лаик. Христијанскиот пат важи за сите и тој е постојано умртвување на гревовните страсти и похоти во нас. Тоа е пат на доброволно мачеништво, на кое нè повикува Самиот Господ Исус Христос.

Да се обратиме со молитва кон Преподобната, таа да нè научи што е тоа вистински христијански живот, да ни помогне да ги отстраниме гревовните навики и слабости, и по нејзините молитви и застапништво да одиме по вистинскиот пат, кој води во Царството Небесно. Амин!

27.10.2013 година
Петковден
храм „Св. Петка“ Скопје

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1