На 10.11.2013 година, во 20 Недела по Педесетница и на празникот на светата мч-чка Параскева – Петка Икониска и на св. Димитриј Ростовски, во соборниот храм „Св. Никола“ во Куманово, беше интронизиран првиот Митрополит на новоформираната Кумановско-осоговска епархија, Неговото Високопреосвештенство г. Јосиф. На светата архиерејска Литургија чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение на членовите на Светиот Архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и повеќе свештенослужители. Откако секретарот на САС на МПЦ-ОА, Епископот Хераклејски г. Климент, ја прочита Одлуката за поставување на новиот Митрополит, Архиепископот Стефан го воведе Митрополитот Јосиф на архиерејскиот трон, од каде новиот пастир на оваа епархија го благослови сиот народ. Архиепископот Стефан се обрати кон новопоставениот Митрополит, порачувајќи му: „Луѓето не ги разликувај и не ги дели по ништо, освен по тоа колку Го носат Христа во себе, и колку живеат по заповедите и законите на верата православна. Имај разбирање за друговерните и, доколку зависи од тебе – живеј во мир и негувај потребна комуникација со нивните заедници.Биди кроток кон сите, поучлив и трпелив (2 Тим. 2, 24), учејќи ги на секоја премудрост(Колос. 1, 28). - Пазете на себе и на целото стадо, меѓу кое Духот Свети ве постави како епископи, за да ја пасете Црквата на Господа и Бога која ја придоби Он со својата крв (Дела 20, 28), порачува св. Апостол, зашто секој себеси се вградува во Црквата и делото на секого ќе стане јавно, ... и ако тоа остане – ќе добие награда (1 Кор. 3, 13-14).“ Своја пристапна беседа одржа и Митрополитот Јосиф, а двете беседи подолу ви ги пренесуваме во целост.

Nike shoes | Air Jordan XXX1 31 Colors, Release Dates, Photos , Gov

По интронизирањето и одржаните беседи, од името на Неговото Високопреосвештенство, како и од сиот клир и верен народ на нашата епархија, свештеникот Никола Христоски му го честита востоличувањето на новиот Митрополит и му подари панагија со ликот на нашиот Спасител, Господ Исус Хрстос, со молитва „Он да го украси неговото срце со вера, надеж и љубов, но и со страв Божји, па правилно и мудро да раководи со доверенето стадо“. На многаја лета, Високопреосвештени Владико!

Во продолжение ви ги пренесуваме беседите на Архиепископот Стефан и на новиот Митрополит Јосиф.

СТЕФАН, АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

„Кој сака да биде поголем - нека ви биде слуга“
(Марко 10, 43)

Високопреосвештен Владико -
возљубен брате во Господа,

Mногумина што ја слушнале оваа Христова порака размислувале за неа: како тоа, за да се биде поголем – треба да се биде слуга?! – Збунети се прашувале дури и самите апостоли, подоцна тоа било неразбирливо и за многу толкувачи, читатели и слушатели на Светото Евангелие. И никогаш, и никаде и во никого нема да се најде одговорот освен во Оној Кој имаше име над секое име, Кој на луѓето им јави нечуена мудрост, Кој ги прероди вековите и времињата, само во Оној пред Чие име преклони колена сѐ што е небесно, земно и подземно, во Оној Кој се понизи пред сите и пред сѐ – во Господа Христа; ќе го најдеме одговорот во Оној Кој и на Своите ученици им беше прислужник (Лк. 22, 27), со што даде пример како да се однесуваат сите кои што тргнале по Него.
Светите апостоли постапно, колку што можеа, ја разбраа смислата на Христовата наука, со која се наоружаа помогнати од Светиот Дух. Меѓу нив имаше и не учени и прости луѓе (Дела 4, 13), како и такви кои ги беа научиле знаењата на своето време, но сите тие беа длабоко проникнати во смислата на Христовата наука, во она што виделе и чуле (Дела 4, 20), за што многумина кои ги гледале и слушале со чудење се прашувале: од каде кај нив такво знаење и таква сила?! Но апостолите, проникнати преку силата на Светиот Дух, прифатија да бидат, како вели свети апостол Павле – најпоследни, како осудени на смрт, ...кога беа грдени тие благословуваа, а кога ги гонеа тие трпеа (сп. 1 Кор. 4, 9 и 12). Такви биле сите богоугодници во изминативе 20 столетија. - Откажувајќи се од себеси, тие посакуваа да бидат последни меѓу луѓето, за да бидат први пред Бога. Така се однесуваа, зашто човечка слава не баравме, вели св. ап. Павле (1 Сол. 2, 6), а тоа би го повторил секој меѓу оние коишто со смирение се искачиле на духовни височини. А тоа растење и доближување кон Бога се постигнува само со љубов кон Христа! Затоа, сакаме ли да бидеме први пред Господа, потребно е да се понизиме пред луѓето и, преку служењето на луѓето, да постанеме служители на Бога!

Во историјата на Црквата голем е бројот на богоугодниците коишто сфатиле дека нивниот повик и работа во животот е дело на Оној што ги испратил (Јован 9, 4). Свети Никола, патронот на овој свет храм и заштитникот на Куманово и на овој крај, цели 17 столетија е сведок за тоа како последните стануваат и остануваат први. – Но, како овој Светител стигна и до овде, како и на многу места по нашата земја и насекаде меѓу христијаните по светот?! Тој е првиот – најпочитуваниот светител, по Мајката Божја и св. Јован Крстител, меѓу сите во Црквата Христова. И по толку векови и по толку далечини, кога и до каде што стигнал неговиот култ– живее и денес со почитување како од пред 17 векови! Ќе прашаме: како е тоа возможно? – Па, она што за луѓето е невозможно, за Бога е можно (Марко 10, 27)! Или нашиот свети Климент, кој, и додека беше со светите Браќа во разните мисии, па и потоа кога се врати како учител, просветител и архиереј во нашиве краеви, насекаде покажуваше подготвеност да претрпи сѐ заради Христа: и неизвесни и долги патувања, и грижа и напор за доброто и спасението на доверените души. Тој, како зашишал житиеписецот, дури не им давал сон на очите свои, ниту дремка на клепките свои. Напротив, грижата - служењето на народот го сметал за своја храна и наслада. Па и пустиножителните преподобни отци од овие краеви Прохор Пчински и Јоаким Осоговски – сведочат дека живеењето за Христа е вечно живеење! Нивниот молитвен и испоснички подвиг, како доброволна жртва пред Бога и пред својот народ, е служење што трае! Впрочем, секој човек што се родил на овој свет, не е важно кога и каде се родил, туку како и во што го поминал својот живот и својата мисија на земјата!

Високопреосвештен Владико,

Светиот Архиерејски Синод на нашата света Црква те избра, а еве денес те востоличуваме во тронот на новоформираната Кумановско-осоговска митрополија. И изборот и поставувањето за архиереј во Црквата Христова, пред сѐ, подразбира – служење: служење на Бога и на доверениот народ. Целата историја на Црквата Христова, како и историјата на нашата древна Охридска и Македонска Црква, се исполнети со личности кои потврдиле каква големина имаат оние коишто ги красело постојана подготвеност да служат и, ако затреба, да се жртвуваат за евангелските идеали. Тие богоугодни и свети личности, како и досега, и во иднина остануваат примери на кои треба да се огледуваме.
Од тебе, како млад архиереј очекуваме да продолжиш таму кадешто претходниците застанаа. -Настојувај да го зајакнеш својот позив и избор, зашто по таков начин може да се влезе во вечното Царство на нашиот Господ Исус Христос, советува св. ап. Петар (сп. 2. Петр. 1, 10-11). А тоа ќе го исполниш, ако неуморно го проповедаш Евангелието (Марко 13, 10) и ако постојано живееш според него.
Оваа Кумановско-осоговска, како и Тетовско-гостивар-ската, по територија е мала, но е епархија со многу светињи и богоугодници. Погрижи се да се зачуваат и обноват старите храмови и манастири, а гради и нови каде што ќе има потреба. Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане и свети Јоаким Осоговски, како и манастирите во Матејче и Карпино, Псача и други, се ремек дела во православното црковно сликарство и архитектура. Но најмногу погрижи се за верата, за духовната надградба на доверениот ти народ. Образованието во верата денес е насушна потреба на Црквата, и тоа не само под нејзиниот свод и двор. Потребно е и на современиот човек да му се даде можност, да се запознае и да ги вкуси духовните вредности и плодови на многувековната православна традиција и живот.
Луѓето не ги разликувај и не ги дели по ништо, освен по тоа колку Го носат Христа во себе, и колку живеат по заповедите и законите на верата православна. Имај разбирање за друговерните и, доколку зависи од тебе – живеј во мир и негувај потребна комуникација со нивните заедници.Биди кроток кон сите, поучлив и трпелив (2 Тим. 2, 24), учејќи ги на секоја премудрост(Колос. 1, 28). - Пазете на себе и на целото стадо, меѓу кое Духот Свети ве постави како епископи, за да ја пасете Црквата на Господа и Бога која ја придоби Он со својата крв (Дела 20, 28), порачува св. Апостол, зашто секој себеси се вградува во Црквата и делото на секого ќе стане јавно, ... и ако тоа остане – ќе добие награда (1 Кор. 3, 13-14).
Затоа, возљубен брате во Господа, потруди се да ги оправдаш очекувањата на сите во Црквата и меѓу нашиот народ, а со тоа и на Оној пред Кого се заколна дека ќе Му служиш. За чест и слава Нему – биди служител на сите, и биди сѐ со сите за да ги придобиеш, за Бога и Црквата! Амин!

Долгоденствуј, Високопреосвештен Владико! –
Прими го овој жезол и благослови го овој народ! Господ Бог да ти помогне, твоето служење да ти биде за твое и спасение на доверениот ти народ!
На многаја лета!

МИТРОПОЛИТ КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКИ Г. ЈОСИФ

Ваше Блаженство,
возљубени браќа архиереи,
сечесни отци,
браќа и сестри во Господа!

Пред сé, Му благодарам на Бога, што, еве, по Негова промисла и со благоволение на браќата архиереи, членови на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, јас недостојниот – избран за митрополит Кумановско-осоговски, ја доживувам денешнава радост. И нека ми биде исповед: со страв и трепет, седнувам на овој свештен трон, а примајќи го овој пастирски жезол, јас знам дека не примам власт, туку добивам обврска за служење.

Затоа, трепери мојава душа исправена пред товарот што треба да го носам и, како некогаш царот Давид, прашувам: кој сум јас, Господи, што толку ме воздигна!?

Обврската што во овој миг ја примам ги надминува моите сили; таа е подвиг што ниеден човек не може да го носи сам, или само со поддршка на малкумина.

И свесен сум дека денес, семилостивиот Бог и членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, ми товараат тежок крст, крст за чие што носење треба целосно самоодрекување и потполна посветеност на Црквата.

Но, спокоен сум и мојот поглед кон иднината е сигурен и извесен, зашто во подвигот на архиерејското служење, покрај помошта и милоста Божја, како најголема помош ќе ми биде молитвеното заедништво и соборното делување, во кое учествува целиот епископат, целата полнота на Црквата со сите разнообразни дарови на нејзините членови. Впрочем, и целиот живот и сета дејност на епископот им припаѓаат на Бога и на Црквата!

Затоа, иако ја знам својата недостојност, прифатив да се искачам на Горното место, место кое е предвидено за првоерархот на Кумановско-осоговската епархија, и смирено им се предавам на молитвеното застапништво на Пресвета Богородица, на светиот Николај Мирликијски, на светите Климент и Наум Охридските чудотворци, на светите Прохор Пчињски и Јоаким Осоговски и на сите светии пред престолот Божји. Нивното застапништво ми е утеха за зборовите на пророкот – проклет да е секој кој немарно го извршува делото на Господа , „и знам, како вели апостолот, дека секому му се дава во него да се пројави Духот за полза“ .

Со такво разбирање и свесност, ја просам Божјата благодат која што ги исцелува човечките немоќи и ги дополнува недостатоците, зашто знам дека силата Божја во немоќта се пројавува. Службата пак што денес ја примам, најконкретно ја сведочи тајната на Црквата и на архиерејската служба, која целосно се открива во светата Евхаристија.

Крвта и Телото Христови, со кои денес се причестивме во светата Литургија, уште еднаш ја потврдуваат нашата заедница во Христа, бидејќи само во литургијата, како народ Божји собран околу својот епископ, стануваме Црква. Црква во која дише Светиот Дух и плови кон вечноста.

Меѓутоа, иако патуваме кон вечноста, ние остануваме длабоко вклучени во сите текови на земниот живот. Таквата духовна состојба, кога живееме на земјата, а престојуваме на небото, кога земјата е наша татковина, а на неа сме странци, постојано нè држи будни и свесни дека овој живот не е нашата крајна цел, и не може да биде мерило на вредности. Затоа мојата мисија ќе биде проповедање на црковните духовно-морални идеали и нивна примена во современиот живот, како и постојано сведочење за вистината и убавината на православието и негово вклучување во секојдневниот личен, семеен и општествен живот на секој човек.

Ќе настојувам да ги соединиме православната вера и евангелскиот морал со секојдневните мисли, очекувања и надежи, за да можеме да најдеме одговор на најсложените егзистенцијални, идејни и морални прашања на денешницата, која што нé обременува со постојани грижи, радости и жалости.

Само така нашата вера може да биде разбирлива и потребна, само тогаш секој човек ќе може да ја почувствува благодатта Божја, која ќе стане очигледна и посилна од секој збор.

Денес, возљубен народе, од ова место, кое што е центар на Кумановско-осоговската епархија, сакам да ве повикам на отворен и конструктивен дијалог, во којшто и ќе слушаме, но и ќе бидеме слушнати.

Само таквиот дијалог може да ги исфрли на површина мислите и убедувањата на секој поединец. Само преку тој дијалог, Црквата ќе се збогати со сознанија за тоа каков е современиот човек и кои се неговите потреби од Црквата. Само во тој дијалог ќе можат да се усогласат различните убедувања и ставови меѓу различните генерации, што ќе придонесе за добробит на Црквата.

Затоа, наша грижа ќе бидат душите на сите во доверената епархија, но особено ќе ѝ се посветам на младината, на која најмногу ѝ треба духовно раководење и вклучување во сите пори на црковниот живот. Во време на морална декаденција, различните пропаганди за безусловна „слобода“ во однесувањето, ги уништуваат душите на многумина, и ние не смееме да чекаме младината сама да се обрати и да Го најде Христа. Должни сме да им помогнеме изгубените да се најдат, истераните да се вратат, како вели пророкот4, да ги упатиме да ја најдат вистинската вера во Бога, и да ја откријат смислата на животот, за таа цел ќе ги употребиме сите средства кои ни ги нуди денешниот техничко-технолошки развој. Зашто ако сме повикани да стоиме на браникот на верата и духовноста, тогаш мораме да знаеме дека нашето оружје е нашата мисла, нашиот збор, нашите постапки и нашите дела. Млак човек не може да стои на браникот на идеалите, необразован човек никогаш, а особено во денешниот свет, не може да влијае на размислувањата на луѓето, човек што не поседува лично духовно искуство, не може ништо да им пренесе на другите.

За остварување на нашата мисија, особена духовна и морална помош и поддршка, очекувам од секоја христољубива душа во Кумановско-осоговската епархија. Зашто само во молитвена заедница и соборно делување, според силите од Бога дадени, секоја личност ќе може во сета нејзина неповторливост да си го пронајде своето место во организмот на Црквата.

Затоа денес смирено ги просам вашите молитви, та да се удостојам до крај достојно да го завршам подвигот, правилно раководејќи со словото на вистината, вистината, што ни е предадена од Христа Господа, преку светите Апостоли и Отците на Црквата, вистина којашто сме должни неизменета да им ја предадеме на тие што доаѓаат по нас. Тоа бара многу работа и голем труд.

За мојата досегашна и идна работа којашто ме очекува на нивата Господова, сакам особено да Ви се заблагодарам Вам, Ваше Блаженство, за довербата и поддршката.

Вашите совети, секогаш ќе бидат моја потпора и поткрепа во пастирската работа. Од денес во мене ќе имате искрен соработник, но ќе имате и уште една обврска повеќе.

Исто така Ви благодарам и вам браќа архиереи, кои што дојдовте молитвено да ја споделите со нас оваа духовна радост.

Особена благодарност искажувам и до свештенството на оваа Епархија, кое покажа духовна зрелост и одговорност по упразнувањето на епархијата. Ним сакам да им порачам, секогаш да се усовршувате и утешувате, да бидете единомислени и да живеете во мир – и Бог на љубовта и мирот, секогаш ќе биде со вас.

Но, денес, исто така, совеста ми налага да се сетам и на блаженоупокоениот митрополит Кирил, за неговата пастирска грижа и советите за мудро управување со паствата Христова. Упатствата што ми ги даваше ќе ми бидат од голема полза во архиерејската служба и епархиската должност.

Ја користам оваа прилика да ви се заблагодарам вам, браќа и сестри во Господа, од Кумановско-осоговска епархија, вам, верните чеда од нашата Света Црква, коишто не жалевте труд и време да дојдете денес во Куманово, како и на сите коишто сакавте но не можевте да дојдете, кон сите вам, упатувам зборови со искрена благодарност и архипастирски благослов: Благодатта на Господа Исуса Христа, и љубовта на Бога и Отецот, и заедницата со Светиот Дух, да бидат со сите вас.

А, најголемата благодарност, секогаш Му припаѓа на Бога, за сите доброчинства направени за нас, зашто не се откажува да направи сé за нас, додека на небото не нé возведи, и царството идно не ни го подари. Амин!

intrjosifkum2013

intrjosifkum2013 2

intrjosifkum2013 4

intrjosifkum2013 6

intrjosifkum2013 8

intrjosifkum2013 10

intrjosifkum2013 12

intrjosifkum2013 14

intrjosifkum2013 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1