„Христе Боже, Ти се всели во пештера, јасли Те примија, а пастирите и Мудреците Ти се поклонија. Тогаш се исполнија претскажувањата на пророците, и ангелските сили се восхитуваа, викајќи и говорејќи: Слава му на Твоето понижување, единствен Човекољупче“ (Стиховна стихира на Вечерна од Рождество Христово).

Светата Црква торжествено се подготвува да Го пречека Оној, во Кого се исполнија сите пророчки претскажувања и надежи. Како што од Исток дојдоа Мудреците, за да му се поклонат на сесовршениот Бог, така Црквата го повикува својот народ, да Му се поклони на Оној, Кој се роди од Дева. А верните навистина оставија секаква земна грижа и го преполнија храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, радосно чекајќи да го земат Божикното гранче. На предвечерието на големиот празник Божик, беше отслужена свечена богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Војне Ристески и Стевчо Тошевски, свештениците Никола Христоски, Ристо Камбуроски и Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на богослужбата, беа осветени бадниковите гранчиња, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Sports Shoes | Women's Nike Air Jordan 1 trainers - Latest Releases , Ietp

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Вечерва се собравме во овој свет храм во Кичево, посветен на светите првоврховни апостоли Петар и Павле, а спроти светото Христово Раѓање. Повеќе од 20 века нè делат од онаа витлеемска ноќ, кога на човечкиот род му била соопштена благовеста за големата тајна на Боговоплотувањето. Овој долг период толку се изменил, што постанал непрепознатлив. Многу нешта се откриле и се постигнуваат големи успеси на разни полиња: во науката, техниката, медицината и во сите научни дисциплини. Во овие векови никнувале и пропаѓале многу силни империи и царства. Во светот се појавиле многу значајни луѓе и поминале без нивни следбеници. Се појавувале луѓе со голема сила и моќ, како на политички, воен и економски план, така и на духовен и социјален план. Од една страна, тие го менувале светот материјално, но, од друга, сето тоа поминало и заминало од овој свет или, поточно кажано, сето исчезнало. Она што останало неизменето во овој свет е само човекот и неговата бесмртна душа. Неизменета за нас останала и евангелската радосна вест за јавувањето на Синот Божји, Кој постанал Син Човечки, со единствена цел -  да го спаси човечкиот род. Затоа свети апостол Павле во посланието до Тимотеј вели: „И, навистина, голема е тајната на побожноста: Бог се јави во тело, посведочен беше од Духот, се покажа на ангелите, беше проповедан на народите, светот Му поверува“ (1 Тим. 3, 16).

И повторно, како и секогаш додека постои светот и додека кај луѓето има вера во Христа, витлеемскиот историски настан ги растреперува и радува срцето и душата на луѓето. Ние повторно го доживуваме овој настан и се обидуваме да проникнеме во оваа божествена и голема тајна. Тоа не е случајно, бидејќи сите ние сме поврзани со Господа. Тоа може да биде дури и против нашата сопствена желба, но секоја душа по нејзината природа е христијанка, како што нè учи и големиот црковен писател од третиот век, Тертулијан.
           
Рождеството Христово и понатака ќе присуствува во овој свет и ќе ги грее нашите души и срца, затоа што оваа витлеемска ноќ не се прекратува. Напротив, таа е жива, таа не пресушува, исто како што не прекратува и Божјата љубов кон човечкиот род. Господ Исус Христос, низ многуте векови и на разни начини, постојано снисходи кон нас, а за нашето обновување и спасение. Времето и пространството немаат власт над Него. Христос повторно и повторно влегува во нашиот живот и ни ја соопштува витлемската спасителна тајна.
           
Раѓањето Христово ни Го открива Бога. Ние луѓето, кои веруваме, имаме знаење за Бога, и тоа преку Христа. Затоа секогаш во оваа ноќ со особена радост Му вознесуваме благодарност, чест и пофалба на Богомладенецот, Кој лежи во витлеемската пештера.
           
Раѓањето Христово е најголемиот дар на сите родени на земјава, кои поради своите гревови толку многу паднале, што не можеле со своите сопствени сили да се подигнат горе кон Бога. Тогаш Бог слегол на земјава, дошол кон луѓето, им се открил Себеси и им дал можност повторно да ја обноват својата падната природа. Преку соединувањето со Бога, Он ни дава можност повторно да го најдеме, односно да го повратиме својот првобитен образ и богоподобие. Рождеството Христово му носи на светот Евангелие и нова заповед - заповедта за љубов кон Бога и кон ближниот. Затоа и Христос ја основа на земјата Својата Црква. Преку божествените свети тајни на Црквата, Христос нè прави деца Божји, ги лекува нашите немоќи и нè прави од слаби - силни; од немоќни - многу моќни; од грешници - праведни; од лоши - добри; од темни - светли и ангелоподобни.
           
Имајќи го сето ова сознание и прифаќајќи го Христовиот разум како свој, невозможно е да не се радуваме. Ние се радуваме со сета наша душа и со сето наше срце за оваа Божја снисходливост.
           
Драги браќа и сестри!
Да ги подготвиме и ние вечерва нашите срца и души, да Го пречекаме и да Го прегрнеме Богомладенецот, Господ Исус Христос, онака како што Го примиле и витлемските пастири. Со искрена почит, љубов и смиреност, пак,  достоинствено да Го примиме и да Го носиме Спасителот, и не само вечерва, на Бадник и Божик, туку преку сите дни од нашиот живот. Честит Бадник и уште порадосно Рождество Христово! Амин!

06.01.2014 година
Бадник
храм „Свети Патар и Павле“ Кичево

BADNIK2014KIC 1

BADNIK2014KIC 3

BADNIK2014KIC 5

BADNIK2014KIC 7

BADNIK2014KIC 9

BADNIK2014KIC 11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1