„Претставувајќи го на икона Твојот божествен лик, Христе, јасно ги воспеваме Твоето раѓање, неискажливите чудеса и доброволното распнување. Од тоа и демоните бегаат и безбожните во срам редат, како нивни соучесници“ (Седален на Прва недела од Великиот пост).

Во текот на историскиот развој на Црквата, неделите од Великиот пост добиваат свое посебно значење. Оваа Прва недела е поврзана со историскиот настан на победата на православието над иконоборството и воспоставувањето на почитувањето на иконите, па затоа и истата се нарекува Недела на православието. На овој славен ден, на 09.03.2014 година, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештеник Никола Христоски и протоѓакон Николче Ѓурѓиноски. Многумина дојдоа да го прослават торжеството на православието, а тоа го потврдија и со учеството во светата Чаша. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон своето верно стадо со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

trace affiliate link | Gifts for Runners

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Светата православна Црква, уште во деветтиот век, го воведува празнувањето на оваа Прва недела од Велигденскиот пост. Таа се нарекува уште и триумф на православието врз сите ереси и погрешни учења. Поконкретно, овој празник го воведува царицата Теодора, заедно со  Цариградскиот патријарх свети Методиј, во 842/3 година. Всушност, овој празник се појавува како потврда на одлуките на Седмиот вселенски собор од 787 година во Никеја, кога ќе се утврди почитувањето на иконите на Господа Исуса Христа и на Пресвета Богородица, на светите апостоли и маченици и на другите Божји угодници. Светата Црква во осмиот век преживува тешки искушенија од иконоборците, кои погрешно учеле дека ако ги почитуваме иконите, ние правиме идолопоклонство. Тие ги обвинувале правоверните, велејќи дека тие ја почитуваат материјата од коишто биле направени иконите: дрвото, бојата или некој друг материјал. За жал, ова еретичко учење нашло поддршка од византиските императори, но и од целиот двор. Тие ќе поведат вистинска војна и уништување на иконите, како и прогонство на сите, кои биле чувари на православната вера и почитувачи на иконите.
           
Уште на самиот почеток на Великиот пост, ние размислувавме за патот на духовниот живот. Скоро сите денови на богослужбите слушавме каква е природата на гревот и дека тој претставува одрекување од Божјиот закон, Божјата волја, а на некој начин, и откажување од Самиот Бог. Тоа се случува кога човекот ќе Го истисне Бога од својот живот. Таквите луѓе, со својот ум можеби и веруваат дека постои Творец, но, истовремено, Бог не постои во нивниот живот. Него го нема, Он е потиснат далеку на периферијата, во некој друг свет. Таквиот човек си спомнува за Бога многу ретко и вообичаено поврзано со некој празник или, пак, со некој крупен настан. Но, доколку во центарот на постоењето на човекот Бог не постои, тогаш на Неговото место се поставува егоистичното јас на самата личност. Таквиот човек самиот постанува мерило за сите постапки и извор на единствената вистина.
           
Токму таквата состојба на човековиот дух, светите отци на Црквата ја нарекуваат гордост. Во гордоста се пројавува сета полнота на гревот. Ние знаеме дека ѓаволот е одраз на апсолутната гордост, бидејќи во него Живиот Бог не постои, и покрај тоа што тој знае дека Бог постои. Во животот на ѓаволот постои само тој, а и така ги уловува луѓето, поставувајќи се во центарот на постоењето. Кај таквите луѓе најчесто не постојат никакви авторитети. Тие се убедени дека самите се авторитети и извори на норми, правила и критериуми на животот.
           
Доколку има такви луѓе, а ги има по целиот свет, тие се појавуваат и во Црквата. Понекогаш тие дури добиваат и црковна власт. Некои постануваат свештеници, монаси, па и епископи, и започнуваат да ја разбираат верата и Црквата на нивен начин, а не како што учи Мајката Црква. Истовремено, тие создаваат соблазни и вознемиреност кај народот Божји. Но, се поставува прашањето: како да ги распознаеме таквите луѓе, зашто како што вели св. ап. Павле: „И самиот сатана се преправа во ангел на светлината” (2. Кор. 11, 14)? Таквиот човек може да зборува убедливо, убаво, разумно, може да ги освојува срцата и душите на своите слушатели, но, сепак да биде слуга на сатаната, а не на Бога. На овој начин, човекот може лесно да биде измамен и привлечен.
           
Тогаш, како можеме да ја разликуваме вистината од лагата? Таа се разликува зависно од способноста, односно неспособноста на секој член на Црквата. Вистинскиот верник треба со смиреност да ја прими соборната вера на Црквата и целосно, со својот разум и волја, да се потчини на таа вера. Секој верник, кој го соединува својот разум и волја со учењето на светата Црква, дадена од Бога, се покажува како вистински православец, а како извор на таа вера, не го признава својот разум и волја, туку Бога. Таквиот човек лесно може да оценува и да ги разбере црковните учења. Но, секогаш пазејќи да не постане тој самиот судија и критериум, туку да го има предвид универзалниот ум на Црквата Христова. Таквиот човек знае и верува дека преку Црквата зборува Самиот Господ, па затоа и таа се нарекува: „столб и тврдина на вистина” (1. Тим. 3, 15).
           
Но, како ние, обичните луѓе, да разликуваме што е допуштено и кои се вистинските учители? Како да ги разликуваме вистинските христијани од оние кои само се декларираат за ревносни почитувачи на Црквата Христова? Има едно златно правило во кое тие се препознаваат, а тоа е: дали тие имаат или немаат љубов. Таму каде што има љубов, таму е и единството, а каде што е љубовта, таму е и Бог, бидејќи Бог е љубов (1Јов. 4, 8). Доколку слушаме некој да се претставува како голем заштитник на верата и Црквата, но зборува нешто ново, што се коси со учењето и вистинската традицијата на Црквата, кон него треба да бидеме не само претпазливи, туку да го игнорираме. Зашто не може да се нарече вистински верник оној кој проповеда поделби и немири. Тука можеме да се задржиме и на оние православни средини, кои претставувајќи се како „големи заштитници на Православието”, ја употребуваат паролата: православие или смрт. Но, нашиот Господ Исус Христос никогаш не учел: или Моето учење или смрт. Ниту, пак, светите апостоли зборувале или проповедале нешто слично. Православието е живот вечен. Тоа е радост во Светиот Дух, односно животна радост. Смртта, пак, е трулежност, резултат на гревопадот, односно таа е плата за гревот (Рим. 6,23).
           
Ние сме должни да се пазиме од ересите и од лажните учители, кои сеат страв и забуни кај неупатениот наш народ. Сите сме повикани да го чуваме главниот принцип на нашата православна вера и Црква, а тоа е љубовта. Таму каде што има љубов, таму е и Христос.
           
Денес, кога го прославуваме триумфот на Православието, како и нашите предци и св. отци од деветтиот век, и сите следни векови, ние ја полагаме сета наша надеж во Господа. Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, ни има дадено голема ризница во учењето и законите на Црквата, а таа ја чува нашата вера и нè води кон вечниот живот, сега и во сета вечност. Амин!

Недела на Православието
09. 03. 2014
храм „Св. вмч. Ѓорѓи” - Охрид

pravned2014 1

pravned2014 3

pravned2014 5

pravned2014 7

pravned2014 9

pravned2014 11

pravned2014 13

pravned2014 15

pravned2014 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1