„Догматите на православието си ги насадил, блажен, сечејќи го трњето на лажните учители и, семето на верата умножувајќи го добро, како добар земјоделец, стократен клас на Бога си Му принесол“ (хвалитна стихира на утрена на Втора недела од великиот пост).

Во Втората недела од Великиот пост го прославивме славниот солунски учител, светиот Григориј Палама, таткото на исихастите, кој со своите зборови и списи ги исполнувал со духовна премудрост Божја оние, кои го слушале неговото слово. Тој, со своето дело и живот, јасно им покажа на христијаните како да го исполнат својот позив и да спечалат Божјото Царство. На овој прекрасен празник, на 16.03.2014 година, во параклисот „Св. Григориј Палама“ во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, Дебар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј и Ефросиниј, свештеникот Никола Хростоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. Параклисот беше премал за да ги собере многубројните верници, кои речиси без исклучок пристапија кон светите Тело и Крв Христови. По завршувањето на Литургијата, беше осветено и коливото, а со благослов на Митрополитот Тимотеј, свештеникот Никола Христоски се обрати кон верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Asics footwear | Nike React Element 87

Свештеник Никола Христоски

Втора Недела од Великиот пост
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Ваше Високопреосвештенство, Ваше високопреподобие, чесни отци, драги браќа и сестри!

Во пустината на овој отуѓен свет голема е човековата жед за љубов. Но, и покрај таквата жед, самољубивоста и саможивоста стануваат принцип и норма на нашето живеење. Освен нашата лична корист или она што е тесно поврзано со нас, за друго како и да не сакаме да слушнеме. Во една ваква атмосфера на живот, во оваа Втора недела од Великиот пост, се среќаваме со еден настан кој ни го пренесува евангелистот Марко, чудото со исцелението на фатениот во Капернаум.
           
Фатениот човек бил толку фатен што не можел ни да мрдне од својата постела, а пред Христа го носат четворица негови пријатели. Колку и да изгледа овој настан секојдневен, сепак тој во себе содржи нешто многу значајно. Овие четворица пријатели не дошле да побараат од Спасителот ништо за себе, туку доаѓаат да бараат исцеление за нивниот другар. Тоа бил подвиг на големо човекољубие, подвиг што треба сите да нè разбуди од нашата духовна рамнодушност. „А Исус, кога ја виде верата нивна, му рече на фатениот: ’Синко, ти се опростуваат гревовите твои‘!“ (Мр. 2,5). Господ му ги опростува гревовите на овој тешко болен човек и го исцелува, пред сè, заради неговата вера, но и заради верата на неговите пријатели. Тие верувале дека Христос е вистинскиот Лекар, Кој ги лечи и душите и телата. Решавајќи се на еден ваков смел подвиг, па и својот живот  изложувајќи го на опасност, бидејќи болниот го спуштиле низ покривот на куќата во која бил Учителот, тие уште повеќе ја потврдуваат својата вера во Единиот Бог.
           
Да се запрашаме и ние, каков и колкав дел во нашите животи заземаат нашите ближни? Дали и ние сме направиле нешто слично и сме му помогнале на нашиот ближен? Овие четворица пријатели се вистински пример на братољубие и пожртвуваност. Ова е доказ и потврда и на нашите молитви. Молитвите за нас самите, но и молитвите за нашите ближни, за починатите, како и за целиот свет. Денешното евангелско четиво нè повикува да земеме активно учество во животот на Црквата, а со тоа и на нашите ближни, зашто не е доволно да не се прави зло на ближниот. Христијанската вера и животот на христијанинот се динамични. Зашто и тогаш кога сме имале прилика да направиме добро дело, а не сме го направиле, сме згрешиле и не сме го исполниле својот позив. Не е доволно само да сочувствуваме со тагата и маката на нашите браќа и сестри, но треба да учествуваме и лично. Да им помогнеме во носењето на нивниот крст, онака како што нашиот Спасител го зеде крстот и ги понесе гревовите на сиот човечки род.
           
Но, ова евангелско собитие носи со себе уште една значајна мисла, која никако не смееме да ја испуштиме. Кога го донеле фатениот пред Христа и кога Христос ја видел нивната вера, Он не го излекувал веднаш, но најпрво вели: „Синко, ти се опростуваат гревовите твои“, а откако фарисеите почнале да негодуваат, му вели: „Стани, земи ја постелката своја и оди си дома“ (Мр. 2,11). Му вели како Оној што има власт и како што има власт да му ги прости гревовите, има власт и да го излекува болниот. А за тоа да биде очигледно и за другите, му наредува самиот да си ја земе постелата своја. Но, зошто Христос најпрво му вели дека му се опростуваат гревовите? Затоа што секој грев е болест во својата суштина и гревот е причина на секоја болест. И Адам во рајот живееше безгрижно и безболно сè додека не направи грев и не ја промаши својата цел. Зашто гревот и не е ништо друго, туку промашување на целта и недостаток на љубов.
           
Но, со лекувањето на овој болен човек, Христос покажува и дека нема грев што не може да биде простен, зашто „Синот Човечки има власт да проштева на земјата“. Тоа значи дека на човекот му се проштеваат гревовите додека е жив и дека тука на земјата е местото и времето на нашето покајание. А кога се каеме решаваме да врвиме по еден друг, инаков пат - пат на добродетелите и љубовта. Покајанието, ослободувањето и лекувањето од отровот на гревот го примаме во Црквата Христова преку светите Тајни. Всушност, ние преку нив се ослободуваме од сите несреќи и болести во нашиот со гревови искитен живот. Преку светата Тајна на покајанието, постот, молитвата и учеството во светиот Путир, односно светата Причест, ние стекнуваме пријателство со Бога и се соединуваме со Него. И тогаш, што и да побараме во нашите молитви со вера, ќе ни биде дадено. И тоа не само за нас, туку и за сите наши ближни, живи и упокоени, и за сите луѓе и за секое создание. Тогаш нашата љубов ќе биде совршена и чиста. Таа секогаш ќе го бара она што Му е на Бога угодно.
           
Книжниците, гледајќи го ова чудо, не се радуваа и не го видоа. Но, да не бидеме и ние како нив, туку да се радуваме на секое добро дело, зашто сè што е добро, доаѓа од Бога. Од ваквата радост ќе ни се отворат и нашите духовни очи и ќе ја гледаме полнотата на вистината во Господа Христа и ќе Го прославуваме како вистински Бог и Спасител. И да не забораваме дека ако сакаме да покажеме дека Го љубиме Бога, треба најпрво да покажеме, но и да го љубиме нашиот ближен.

За гореспоменатото причестување, односно заедничарење со Бога, зборува и светиот Григориј Палама, таткото на исихастите, чиј спомен го славиме во оваа Втора великопосна недела. Тоа заедничарење е и благодатно-подвижничко и светотаинско, евхаристиско. И вечниот живот ќе биде наша вечна заедница и заедничарење со Бога, лично и живо учество во Бога. Во вечниот живот, пак, може да се влезе само преку несоздадената Божја благодат, преку несоздадените Божји Енергии, за кои толку многу ни говори и сведочи светиот Григориј. Истовремено, со своето учење и живот, тој нè учи и како да стигнеме до таа Божја благодат. Тој нè учи како да ја пронајдеме целта, кон која секој човек треба да оди.

Празнувајќи го денеска, по неговите молитви, да се потрудиме да го оставиме гревот, а со тоа и смртта. Да не дозволиме нашиот живот да биде промашување, туку исполнување на повикот и стекнување на Божјото подобие.

Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè грешните!  Амин!
                                                                      

16.03.2014 год.
Втора недела од Великиот пост
Параклис „Св. Григориј Палама“
Ман. „Св. вмч. Георгиј“ Рајчица

2NED2014VELP 1

2NED2014VELP 2

2NED2014VELP 3

2NED2014VELP 4

2NED2014VELP 5

2NED2014VELP 6

2NED2014VELP 7

2NED2014VELP 8

2NED2014VELP 9

2NED2014VELP 10

2NED2014VELP 11

2NED2014VELP 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1