„Почит да му оддадеме на Јована – ангел на земјата и човек Божји на небесата, добар украс на светот, наслада на добрини, похвала на испоснички добродетели: оти, насаден во домот Божји, процуте праведно и, како кедар во пустината, ги умножи стадата на Христовите словесни овци, во преподобноста и правдата“ (стихира на Слава.. на стиховни на Вечерна од Четврта недела од Великиот пост).

Во Четвртата недела од Великиот пост си спомнуваме на светиот Јован Лествичник, големиот подвижник, чија молитва била постојана, а љубовта кон Бога неизмерна. Во својот богоугоден живот, свети Јован е најпознат како автор на книгата „Лествица“, во која учи за духовниот раст и искачувањето кон небото преку духовните воздржувања и подвизи. Во оваа света Недела, на 30.03.2014 година, во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, свештениците Никола Христоски, Димче Азески и Владо Недески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Sneakers Store | Ανδρικά Nike

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Во Четвртата недела од Великиот пост, светата Црква го прославува светиот Јован Лествичник, великиот подвижник, кој има голем придонес во откривањето на тајната за духовниот живот. Овој Божји угодник учел дека духовното растење е долг процес и не се случува одеднаш, а истиот не е само моментален. Не е можно одеднаш да се соберат такви духовни сили и да се збогатиме со духовна мудрост, за да го добиеме дарот на Светиот Дух. За да се случи тоа, потребно е да се движиме етапно, скала по скала, чекор по чекор, и на тој начин да се искачуваме од земјата кон небото.

За време на Велигденскиот пост ни се даваат можности да размислуваме за нас и духовно да растеме, но најпрво потребно е да ја оцениме нашата состојба и на кое скалило се наоѓаме. Потребно е да видиме дали сме на самиот почеток, на средината или, пак, се движиме кон совршенството. Да согледаме дали сме се искачиле малку повисоко, но и дека ни претстојат уште скалила за искачување. Но, и кога се наоѓаме во една таква состојба, треба да се пазиме од гордоста. Честопати, кога ќе почнеме да размислуваме за себе, се случува да мислиме дека сме постигнале голема висина, па почнуваме да ги посочуваме блиските покрај нас, дека тие не се имаат искачено ни на првото скалило.

Искачувањето кон Бога не е можно без силна вера. И не е случајно тоа што светата Црква денешната недела ја посветува на св. Јован Лествичник. Црквата нè насочува да размислуваме за патот на духовното воздигнување. Токму и затоа го читаме светото Евангелие од светиот апостол и евангелист Марко, каде се зборува за верата како неопходен услов за правење на чуда, односно излекување на болести (Мк. 9, 17-31). Како што слушнавме, човекот се обраќа кон Господа Исуса Христа, за да биде излекуван неговиот син, кој бил напаѓан од лошиот дух, а овој, пак, несреќник, бил нем и често паѓал во вода, во оган и слично. Христос му вели на овој несреќен родител: „Ако можеш да поверуваш, сè е можно за оној што верува“ (Мк. 9,23). Еве прекрасни зборови исполнети со божествена мудрост и сила.

Ако нашата вера постојано нè тера да се сконцентрираме во молитвата, а не да се вртиме назад или, пак, да гледаме постојано лево и десно, тогаш ние ја исполнуваме истата. Ако, пак, постојано нè привлекуваат секакви овоземни соблазни кои го исполнуваат овој свет, тогаш искажуваме сомневање и нашата вера, и доколку ја исполнуваме на некој начин, се сведува само на исполнување на надворешните прописи и традиции. Во таквиот случај можеме слободно да речеме дека и немаме вера, а доколку тоа е така, како ќе можеме да се надеваме на Господа?

Од сето досега кажано, можеме да го поставиме прашањето: дали спасението на луѓето се случува преку чудо? Дали преку чудо бива отворањето на дверите на Царството Небесно, не гледајќи на нашите гревови, на нашата неправда и на нашето несовршенство? Не, туку тие двери се отвораат пред нас само преку силата Божја. Некои можеби ќе помислат дека само со нашите добродетели ќе можеме да ги отвориме тие врати. Никогаш и никој тоа не може да го постигне со своите добродетели, та колку и да се труди истите да ги има. Бог ги отвора тие врати на вечноста пред нас како одговор на нашата вера. Доколку верата е искрена, тогаш и нашите дела ќе бидат плод на таа вера, во спротивно, верата без дела е мртва, како што вели св. ап. Јаков (Јак. 2, 26).

Бог така благоизволил, односно не сакал да нè спаси без наше учество, па затоа и бара од нас вера. Св. Јован Златоуст вели: „Самата вера не може да ни ги отвори дверите на рајот, нив ги отвора Самиот Бог, слично како што направил чудо во денешното евангелско четиво. Го излекувал глувонемиот младич, но откако неговите родители исповедале дека веруваат: Верувам Господи, помогни на моето неверие (Мк. 9, 24)“.

Оваа недела од Великиот пост уште еднаш нека ни послужи за проверка на нашето духовно растење. Поминаа четири недели од постот и секој еден од нас треба да си постави прашање како го поминал овој посен период? Дали од нашиот живот ги отфрливме лошите постапки, лошите мисли и дела? Дали ги отсековме лошите навики, кои ни го оттргнуваат нашето внимание и нè водат кон порочен и грешен живот? Дали стекнавме духовни сили, за да можеме да се искачиме на повисоките скалила на духовноста за време на овој посен период? Или, пак, дозволивме четири недели да ни поминат бесполезно, во расеаност и во секојдневни грижи и далеку од верата и од добрите дела.

Да се обратиме кон Семилостивиот Бог, Он да ни даде благодатни сили, па да можеме со нашето искрено и вистинско верување и молитвите да одиме напред и да се искачиме по скалилата на нашиот духовен препород и да одиме од „сила во сила“ (Пс. 83, 7) кон Царството Божјо. Да се помолиме и на св. Јован Лествичник, тој да ни ја зацврсти верата и по неговите молитви, Бог да нè води кон духовниот раст и да ја направи нашата вера жива и делотворна, сега и во вечни векови. Амин!

30. 03. 2014
Четврта недела на Велигденски пост
„Успение на Пресвета Богородица - Каменско“
Охрид

4NEDVP2014

4NEDVP2014 2

4NEDVP2014 4

4NEDVP2014 6

4NEDVP2014 8

4NEDVP2014 10

4NEDVP2014 12

4NEDVP2014 14

4NEDVP2014 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1