„Господи, од устата на децата и доенчињата си примил похвала од слугите Твои, за да го победиш непријателот, и со Твоето страдање на крстот да го искупиш древниот пад Адамов, со дрвото да го воскреснеш него, кој Ти пее песна победничка“ (песна од канонот на Цветници).

Во Неделата пред славното Христово Воскресение, го празнуваме празникот Цветници. На овој ден, Господ Исус Христос влегува во Ерусалим, за да пострада на Крст и да го ослободи човековиот род од оковите на распадливоста и смртта. Токму затоа, и дечињата, научени од Светиот Дух, ја најавуваа таа победа со маслинови гранчиња во своите раце.

По повод овој голем Господов празник, на 13.04.2014 година, во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Стевчо Тошевски, свештениците Никола Христоски и Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Според Типикот на православната Црква, пред почетокот на светата Литургија, беа осветени врбовите гранчиња, а Митрополитот Тимотеј им ги подели на верниците, кои држејќи ги во своите раце, потсетуваа на оние деца од Ерусалим, кои ја најавуваа Христовата победа. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Nike Sneakers | Nike Off-White

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашата света православна Црква денеска го прославува свеченото влегување на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, во Ерусалим, пред Неговото крстно страдање. Еврејскиот народ Го дочекува со радост. Ние, од светото Евангелие, знаеме дека брзо пред ова, во Витанија, Господ Христос го воскреснал Лазара, кој веќе четири дена лежел мртов. Народот Го дочекува Христа како победител на смртта, надевајќи се дека и нив, како поробени од Римјаните, ќе ги ослободи од ова тешко бреме, кое им било наметнато.

Ние, за време на светата Литургија, покрај светото Евангелие, читаме делови и од Апостолот. Во денешниот апостол, светата Црква, преку ап. Павле, ни порачува: „Радувајте се секогаш на Господа, и пак ќе речам: Радувајте се!“ (Фил. 4,4).

Се поставува прашањето: за каква радост ни зборува апостолот и кон што нè повикува? Дали да се радуваме како што се радувал Израилскиот народ за време на пречекувањето на Христа на денешниот ден? Сигурно не! Затоа што граѓаните на Ерусалим се радувале од повеќе причини, но не и поради вистинската. Како што веќе рековме, некои гледале во Него Човек, Кој воскреснува умрени, како што е случајот со четиридневниот Лазар. Други, пак, во Христа гледале Човек, силен и моќен, Кој доаѓа во нивниот ценет град. Тие се надевале дека Тој, со Својата сила и моќ, ќе им помогне да се ослободат од ропството и да спечалат подобри позиции во општеството. Ова важело и за оние кои долго го очекувале и чекале многу од Него, но, исто така, и оние, кои се задоволувале со мали нешта.
           
Како и од историјата, така и од личното искуство, знаеме дека радоста може да биде различна. Исто така, од светото Евангелие, знаеме дека и радоста на Израилот, а по повод влегувањето на Господа Исуса Христа во Ерусалим, траела кратко. Она радосно воскликнување „Осана“, брзо го замениле со срамниот повик: „Распни Го, распни Го!“. Оваа промена настапува кога тие ќе видат дека Исус не ги реализира нивните очекувања. Како може човек, кој е осуден, врзан и понижуван да ги ослободи од Римското ропство? Што можел обичниот човек да чека од Него - измачен, тепан, исмејуван, осуден и распнат, да им помогне во нивниот живот? Токму таа глетка ќе направи нивната радост и веселба така брзо да им помине.
           
Во нашиот народ има изрека, која вели: на голема радост не радувај се, на голема тага не жали. Искуството на животот нè учи дека по големо радување и веселење настапуваат спротивни чувства, настани кои радоста ја претвораат во солзи, плач и страдање. Затоа современиот човек се труди да создаде атмосфера на постојано радување и веселење, за преку тоа да ги потисне маките и страдањата. Тоа му доаѓа како некој допинг, за да се скроти времето на страдањето, но тоа не поминува, туку продолжува. Честопати гледаме разни емисии и филмови, кои се обидуваат да ни го претстават животот како радување и веселење. Таа потреба за радување и веселење зборува за една духовна состојба на луѓето, која поминува во нашата душа. Кај оној човек кај кого има внатрешна духовна радост, кај него нема потреба за надворешно веселење и радување. Преку ова не сакаме да кажеме дека човек не треба да се радува и весели. Се разбира дека има моменти на специфични поводи, како што се: крштевки, венчавки, празници и слично, кога е потребно човек и да запее и да се развесели. Но, кога човек постојано мисли и чезнее само за радост и веселба, тоа зборува за неговата духовна пустош во неговата душа и во неговиот живот. Тоа всушност кажува за сокриените внатрешни маки и страдања.
           
Св. ап. Павле во денешниот апостол ни вели: „Радувајте се!“ Но, неговиот повик не се однесува на радувањето на Еврејскиот народ во Ерусалим. Но, не како и нашето современо радување, кога гледаме некоја телевизиска серија и слично. Тогаш се поставува прашањето: за каква радост зборува апостолот? Во истото послание, тој вели, а преку тоа и дава и одговор: „И мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Фил. 4,7).
           
Господ Исус Христос е извор на секоја радост. Он е извор на оригиналната веселба, што претходи на вечниот живот. И без Христа таков извор не постои. Токму затоа и Христос вели: „Секогаш радувајте се!“ Затоа што ако вие живеете со Христа, тогаш и Христовиот мир ќе постане ваше животно дејство. Тогаш радоста во Христа ќе биде најголема вредност, како кај богатиот, така и кај сиромавиот, независно од надворешните состојби. Внатрешниот живот на човекот ќе биде радосен. Додека, пак, Христовиот мир е нашето убедување за состојбата на нашата душа, а тука апостолот зборува и за состојбата на нашето срце. Но, тука можеме да додадеме и состојбата на волјата на човекот, а тоа значи дека треба да правиме и добри дела.
           
Да допуштиме зборовите на апостолот Павле, кажани во денешниот Апостол, со таква сила да влезат во нашето паметење и да ни помогнат правилно да ја разбереме врската помеѓу радоста и средбата и мирот Христов, кои припаѓаат на нашето срце и на нашиот ум. Да почувствуваме и ние радост, како земна, така и вечна во Царството Небесно, сега и во сите векови. Амин!

Цветници
13.04.2014 година
                                                  манастир Пречиста, Кичево


cvetnici2014 1

cvetnici2014 3

cvetnici2014 5

cvetnici2014 7

cvetnici2014 9

cvetnici2014 11

cvetnici2014 13

cvetnici2014 15

cvetnici2014 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1