„Денес Христос оди во домот фарисеев и жена грешница пристапува и паѓа пред нозете Негови, викајќи: Погледни ме мене, потопената во гревови, падната во очајание поради моите дела; не отфрлај ме, поради Твојата добрина, и дај ми, Господи, прошка на гревовите и спаси ме“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Светата и велика среда).

Светите отци на Црквата Христова топло ни препорачуваат и ни укажуваат дека постот секогаш оди заедно со молитвата, бидејќи ако постиме само телесно, тогаш само го измачуваме своето тело. Иако молитвите на сите нас беа поголеми во текот на сиот Велигденски пост, сепак, тие се уште позасилени во оваа крајна недела од Постот, во Страсната седмица, кога се подготвуваме да Го дочекаме Распнатиот, но и Воскреснатиот Христос. И денеска (16.04.2014), во Светата и велика среда, кога го прославуваме споменот на жената блудница, која Го помаза Господа со миро, во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, свештениците Никола Христоски и Горан Ставрески и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Running sport media | Best Nike Air Max Shoes 2021 , Air Max Releases and Deals

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

На денешниот ден, Велика среда, си спомнуваме на Јудиното предавство на Господа Исуса Христа. Овој настан се јавува како најстрашниот чин во евангелската историја. Јуда, еден од дванаесетте ученици Христови, пристапува кон првосвештениците и ги прашува: „што ќе ми дадете и јас ќе ви Го предадам?“(Мт. 26,15). Првосвештениците Јудејски, пак, заслепени од злоба и исполнети со силна желба за осветување против Христа, оваа понуда ја дочекале со особена радост, се разбира, подготвени да ја исполнат секоја желба. Тие се плашеле јавно и пред народот да Го уапсат Христа, бидејќи Тој бил многу почитуван и респектиран од луѓето. Само неколку дена пред Јудејската Пасха, Тој ќе биде најсвечено пречекан од луѓето кои дошле во Ерусалим, за да ја прослават Пасхата. Луѓето во Него гледале Избавител и Спасител, и тоа на повеќе полиња. Токму затоа и првосвештениците чекале згоден момент, кога нема луѓе, за да можат да Го уапсат и да Го изведат пред првосвештеникот на суд. Оваа Јудина  понуда им доаѓа како добредојдена и затоа му даваат 30 сребреници, а тој, пак, како издајник, знаел и време и простор кога Христос ќе биде во таква позиција, згодна за предавање. Тоа што го наумил овој издајник и го исполнува и во дадениот момент со целив Го предава својот Учител на  првосвештениците. 

Предавството е дело кое предизвикува особена болка. Тоа ја разрушува довербата која постои помеѓу луѓето. Ако помеѓу луѓето нема доверба, тогаш не постои ниту предавство. Ако наспроти нас стојат луѓе, кои ни нанесуваат навреди со нивните зборови и постапки, можеби некогаш и тага и мака, ние таквите не ги нарекуваме другари, пријатели. Ако сакаме да ги наречеме и со построг термин, ќе ги наречеме и наши непријатели, но не и предавници. Исто така, и овие можат да ни предизвикаат болки, страдања и непријатности, но никогаш тие не можат да создадат така силно страдање, душевно и телесно, како што можат постапките на предавниците. Предавник може да биде само оној кој ни е близок, кој е рамен со нас, кој ни е роднина, или некој голем пријател, во кого имаме доверба и блискост, и со кого ги споделуваме и радостите и жалостите.

Зборот доверба доаѓа од зборот вера. Верата означува некоја посебна врска на поврзаност, на блискост, на сродност. Ние веруваме во Бога и од таа вера произлегува нашата религиозна врска со Господа. А кога таа вера се однесува на некои луѓе, односно на нашата доверба, тогаш произлегува посебна поврзаност, која ние честопати ја нарекуваме другарство, пријателство, или, пак, во некои прилики, ако станува збор за луѓе од различна пол, и меѓусебна љубов. Ние чувствуваме некоја блискост со тие луѓе и можеме да се потпреме во тешки моменти, кои можат да нè снајдат во нашиот земен живот. Ги споделуваме нашите маки, дилеми и проблеми. Но, кога таквиот човек ве предава, тој ги разрушува сите врски што го соединувале со нас, а таквото дејство ни принесува неискажлива болка. Неверието нанесува неискажливи маки и болки и ние го нарекуваме предавство.

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, гледајќи од човечка страна, бил исто така поврзан со Јуда, како што бил и со останатите апостоли. Господ, според Својата човечка природа, го проживувал предавството на Јуда, и покрај тоа што како Бог знаел дека тој ќе Го предаде. Но, тоа го поднесувал и не сакал истото да го спречи. Јуда самиот се оттргнал од Господа и отишол кон тоа страшно дело, односно предавството на својот Учител. Предавството го поврзал со својата лична корист и добивка. Предавството секогаш е поврзано со некоја добивка, било да е тоа материјална, политичка или кариеристичка, но, во сите случаи, тоа е земна добивка. Сите предавници мислат дека ќе спечалат нешто и ќе го изменат својот живот на подобро. Но, Јуда ни сведочи дека тоа никогаш не се случува така, туку обратно. Предавниците никаде не ги сакаат. Ним никој не им се доверува и предавството секогаш завршува со катастрофа.

Апостолот Петар бил тука во моментот на предавството на Господа Исуса Христа, кога стражарите Го повеле во дворот на првосвештеникот. Сите апостоли што Го следеле Христа се разбегале. Петар останал до крај и Го следел сиот настан пред првосвештеникот. И кога го забележале во дворот дека и тој е еден од Христовите следбеници, бидејќи и говорот го издавал, тој од страв трипати се откажал од Христа, велејќи дека не Го познава (Мр. 14,66-72). Но, тој не Го предава Христа. Тој не зборува ништо лошо за Него. Тој молчи и од страв се одрекува од Него. Но, потоа горко се кае за тоа, а Христос, по воскресението, му го враќа апостолското достоинство.

Но, Јуда не го прави тоа од страв, туку сознателно и со цел да спечали пари. Но, кога размислил и дошол до согледување дека направил голема грешка, дека предал невина Личност, отишол кај првосвештениците и се покајал, признавајќи дека предал невина крв: „Згрешив, оти предадов невина крв“ и им ги фрлил сребрениците. Но, првосвештениците му одговориле: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти“ (Мт. 27,4). Но, предавството се извршило, а Јуда, наоѓајќи се во една таква очајна состојба, отишол и се обесил. Не сите предавници го завршуваат својот живот како Јуда, но никој предавник никогаш и никаде не се смета за почитуван и среќен човек, бидејќи врз болката и страдањето на другите и газењето на верноста, не може да се гради својата среќа и благосостојба.

Да се обратиме со искрена молитва кон Господа Исуса Христа да ни помогне и да ни даде духовни сили, за да се оттргнеме од секаков грев, а на крајот и од најстрашниот – предавството, за кое денеска си спомнавме. Господ нека ги услиши нашите молитви, па достојно да го дочекаме и славното Христово воскресение, сега и во сите векови. Амин!

16.04.2014
Велика среда
храм „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“
Охрид

Velsred2014

Velsred2014 2

Velsred2014 4

Velsred2014 6

Velsred2014 8

Velsred2014 10

Velsred2014 12

Velsred2014 14

Velsred2014 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1