„Дојдете сите вие што го славите сепразничното, светло и славно Воскресение, пак да го празнуваме светлото торжество на маченикот Георгија, и со пролетни цветови, како непобедлив, да го овенчаме, та, по неговите молитви, да примиме избавување од неволјите и од гревовите“ (хвалитна стихира на Утрена на свети великомаченик Георгиј).
Како што велат светите отци, светите маченици се семето на христијанството и тие потврда за Воскресението Христово. Затоа и Црквата Христова ги прославува и им дава толку голема чест на мачениците и речиси и да нема ден во годината во кој не се слави некој маченик. Тоа особено важи за светиот великомаченик, победоносец и чудотворец Георгиј, кого верните го слават со особена чест, а не ретко го имаат и како заштитник на својот дом. По чест на овој великомаченик, на 06.05.2014 година, во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереј Игор Никовски, свештениците Никола Христоски, Љупчо Симиџиески, Димче Азески и Ѓорѓи Блажевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач и беше извршен чинот на Мал водосвет. Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.
jordan release date | Nike Shoes
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Денеска, нашата света православна Црква го прославува големиот угодник Божји - светиот великомаченик Ѓорѓи. На овој голем празничен ден, би сакал да ви напомнам за тоа какво непроценливо богатство се јавува во нашето име - православен христијанин. Посебно го истакнуваме тоа, бидејќи овој голем призив или тој голем дар од Светиот Дух го примаме за време на светата тајна Крштение, односно во моментот кога се крштеваме.
Од житијата на мачениците, односно од историјата за нивното мачење и страдање, особено во првите три века од христијанството, ние знаеме дека многубожечките судии, пред конечно да ги казнат мачениците, ги испрашувале и им поставувале разни прашања, но најчесто следните: „Каква ти е професијата? Каде ти е татковината?“ На овие прашања, силните исповедници на верата Христова вака одговарале пред незнабожечките судии: „Јас сум христијанин. Мојата татковина е на небото“. Повторно ги запрашувале и испитувале: како ви е името? - со цел да предизвикаат кај нив покајание и откажување од Христа или, пак, да кажат кои им се роднини и блиски. Но, светите маченици повторно храбро и недвосмислено го повторувале одговорот: „Јас сум христијанин, а мојата татковина е на небото“.
Секако дека во оваа плејада маченици имало луѓе со најразлични професии и звања, со кои се служеле за време на нивниот земен живот. Едни биле војници, други учители, трети занаетчии, четврти земјоделци, рибари и слично. Но, во моментите кога се соочувале со лицето пред смртта, тие како да заборавале на нивните земни звања и професии. Тие не сакале воопшто ниту да се сеќаваат на нив, туку внимавале да не се лишат од тоа најскапо звање, кое е поскапо и неспоредливо со сите богатства од овој свет. Тие сакале да помнат само за тоа дека се православни христијани и дека се деца на Небесниот Отец, а татковината им е вечната татковина – небото.
Исто така, знаеме дека и децата ги придружувале возрасните маченици. И тие, како и своите родители, на таквите прашања на своите мачители одговарале: „Ние веруваме во Распнатиот и Воскреснатиот Господ. Ние сме деца на христијани, но и ние самите сме христијани“. И децата биле подготвени да пострадаат заедно со нивните родители, само да не се лишат од името христијанско и да бидат заедно со Христа.
На вас драги христијани ви е познато зошто древните христијани така цврсто внимавале и се држеле силно до името христијанско. Вие знаете зошто тие не сакале пред судиите да си спомнуваат за земните професии, за нивните земни права, како и за земната татковина. Тоа име е неспоредливо со никакво богатство од овој свет, со никаква слава, која ни е дадена од разните професии и положби. Тоа е нашето вечно достоинство, кое никој не може да ни го одземе, да ни го грабне или отуѓи. Ние со него одиме од овој грешен свет и со него ќе застанеме пред лицето на нашиот Небесен Отец. И со тоа наше христијанско име ние или ќе се осудиме или, пак, ќе се прославиме. Ако ние бидеме недостојни за вечноста со нашиот порочен, гревовен и непокаен живот, тогаш нема да нè спаси ниту тоа високо и ценето христијанско име. Доколку, пак, останеме и живееме со Господа сè до нашето последно издивнување, ако во нашето срце не го угасиме, туку уште повеќе го разгоруваме огнот на љубовта кон нашиот сакан Спасител, ако за време на нашиот земен живот се зацврстуваме во надежта на милосрдноста Божја, тоа име ќе нè направи чеда на небесниот Отец. Тоа е голема чест, тоа е големото име - православен христијанин, кое ги прославува верните деца Божји во вечноста, односно во Небесното Царство. Името православен христијанин е неисцрпен извор на радости и среќа, што го има секој еден од нас. Ние тој дар го добиваме во светата тајна Крштение и преку неа ние добиваме таква можност и право да се ползуваме со небесните богатства во светата Црква Христова, која ги раздава безбројните духовни дарови на своите верници.
Ние сме христијани. За нас Господ Бог е Небесен Отец. И постанувајќи христијани, во секоја минута од нашиот живот, особено во периодите на страдања и тешка мака, ние знаеме дека за нас постои Бог Отец, Кој е на небото, кон Кого ние, како Негови деца, можеме со сигурност да се обратиме со своето срце и со вера во Господовите зборови: „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори“ (Мт. 7,7).
Ние сме чеда на небесниот Отец и знаеме дека во моментите кога нè измачува и оптоварува совеста поради тешките гревови и престапи, ние сме должни да го носиме тоа тешко бреме. Ние треба да паднеме пред нозете на Христа, со уверување дека тоа бреме ќе биде симнато од Оној, Кој му има опростено и на разбојникот на крстот и ни има оставено прекрасен пример на добар Пастир во Евангелието – Пастир, Кој ги бара загубените овци и Кој им опростува на тие што се каат.
Драги христијани!
Да не ја посрамиме благодатта на Светиот Дух. Да бидеме вистински православни христијани до крајот на нашиот живот и да го бараме Царството Божјо со сето срце и со сета душа. Да се стремиме кон нашиот Небесен Отец до последниот час од нашиот живот. Да бидеме и ние православни духовни војници и да ги победиме во себе сите гревовни страсти и земни искушенија. Да се угледаме и на светиот великомаченик Ѓорѓи, кој го положи својот живот за името Христово, та со нашите подвизи и ние да се удостоиме за вечен и блажен живот во Царството Небесно.
Христос воскресе!
06.05.2014 година
свети вмч. Георгиј
храм „Св. вмч. Георгиј“ Охрид