„Како проповедник на тајни и божествен светител, трпеливо си поднел неволји, гонења и напади, и долготрајни прогонства, заради верата Христова, проповедајќи Го Христа јасно како едносуштен и совечен, и рамнодетелен, и собеспочетен на првоначалниот Отец. Затоа Самиот Он те украси со пресветли знаења, и те покажа пресветол на целата вселена“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на свети Атанасиј Велики“).
На 15.05.2014 година, денот кога го прославуваме споменот на преносот на моштите на светиот Атанасиј Велики, патријарх Александриски, во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, метох на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештеникот Никола Христоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

best Running shoes | Releases Nike Shoes

Митрополит Тимотеј

Христос воскресе!

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска светата православна Црква го прославува големиот Божји угодник -светиот Атанасиј. Овој Божји слуга живеел во едно многу тешко време, поточно во четвртиот век. Тоа е време кога Црквата Христова била во длабока богословска поделба. Истата имала внатрешни непријатели, кои до темел ја разнишувале со погрешните еретички учења. Како што ни е познато од историјата, во четвртиот век се јавил еден свештеник во Александрија, по име Ариј, кој почнал да учи погрешно за Господа Исуса Христа. Поточно, Ариј учел дека Христос не е Син Божји и не е еднаков со Отецот, туку е создаден и не е Богочовек.
           
Свети Атанасиј бил роден во 296 година во Александрија и бил еден од најучените црковни луѓе во почетокот на четвртиот век. Живеел и служел на Црквата Христова со сета своја психофизичка сила. Како ѓакон на архиепископот Александар Александриски ќе го придружува на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година. И покрај тоа што бил многу млад и имал чин ѓакон, со својот бистар ум бил еден од главните говорители на овој собор во одбраната на православното учење на Црквата. Тој ќе биде и автор на првиот дел од Символот на верата, кој и денеска го читаме на светата Литургија, како наше исповедување во што веруваме како православна Црква.
           
Свети Атанасиј, по смртта на архиепископот Александар, бил избран за негов наследник на Александрискиот архиепископски трон. Останал цели четириесет години на оваа возвишена и одговорна должност. Но, нема сите години да ги помине на својот архиепископски трон. Поголемиот дел ќе го помине во прогонство, поради разните клевети од еретиците аријанци, кои постојано го клеветеле и оптужувале овој голем учител на Црквата Христова. Страдањата и прогонствата ќе му бидат правени особено од византиските императори, кои биле јавни подржувачи на аријанската ерес. Свети Атанасиј ја бранел православната вера не само со зборување и проповедање, туку и со пишување. Тој напишал повеќе богословски трудови, каде го изложува православното учење на нашата Црква. Затоа и светата Црква му дала титула - Велики. Тој оваа титула не ја добил поради неговата височина или, пак, затоа што бил на многу ценетата александриска катедра, туку затоа што имал огромно значење и придонес во излагањето на православната вера против аријанските еретички учења, кои постојано го заблудувале православниот народ и го упатувале на погрешни и погубителни патишта. Свети Атанасиј, пак, како личност, учител и проповедник, веќе 17 века го покажува патот на народот Божји и го учи како да се слави Бог и да се добие спасение.
           
Црквата Христова, од самиот почеток па сè до денеска, има основна цел и задача да го сведочи спасението на луѓето. Во тоа сведоштво е вклучено и сведоштвото за гревот, кој претставува препрека на тој пат. Свети ап. Павле, во своето Послание до Римјаните вели: „Оти не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам. А штом го вршам она, што не го сакам, не го вршам веќе јас, но гревот, кој живее во мене“ (Рим. 7,19-20). Ова сведочење на светиот апостол Павле зборува дека последиците од првородниот грев многу повеќе се засилуваат со нашите лични гревови, кои присуствуваат во нашата природа. Господ нè избави од првородниот грев. Тој го симна од нашите плешки овој првороден грев и никој нема да одговара на страшниот суд за гревот на Адама. Господ Исус Христос нè избави со Неговата скапоцена крв. Но, помраченоста од гревот во природата на луѓето останува. Ако постоел само Адамовиот грев и ако луѓето живееле според Законот Божји, тогаш тие би го избегнувале гревот. Но, како што знаеме од историјата, човештвото не поминало така. Напротив, гревот сè повеќе се умножувал кај луѓето. Секој човек прави грев и секое подоцнежно поколение ги зголемува гревовите. Гревовната природа на човекот, како некоја снежна лавина, ги разрушува многуте трудови на тој спасителен пат.
           
Честопати сме сведоци на некои појави, кои се појавуваат кај младите, па и кај средовечните луѓе. Тоа особено силно се чувствува кај оние што сè уште можат да прават споредба со животот на поранешните генерации со денешните и навистина со зачудување констатираат и зборуваат: „Такво нешто никогаш не било“.  Природно се поставува прашањето: Зошто е тоа така, што се случува? Многу е јасно дека станува збор за гревот, за кој ни зборува апостолот Павле, за гревот, кој заживеал во природата на луѓето. И никаково образование, никаков комфорен живот и никаква технологија не може да го изгони тој грев од природата на луѓето. Еден голем богослов и мислител на Црквата од 18 век има речено: „Колку закони биле донесени и колку сили се употребени, но не можеле да го запрат текот на беззаконијата“. Друг, пак, мислител, размислувајќи за истите прашања, вели: „Ниту закони, ниту сила не се способни да ги задржат потоците на беззаконијата“. И после толку минати векови, повторно се поставува истото прашање. Овој предизвик и овој проблем треба да биде претставен пред целокупната јавност, и не само црковна, туку кај сите чинители, кои имаат влијание во содржината и формите на современата култура, образование, правда. Тие треба да се задржат на овие констатации, а тоа значи да сфатат дека и ако создаваме закони и прописи, па дури и ако употребуваме сила, нема да имаме успех. Пред сè, потребно е да ја воспитуваме и преобразуваме душата кај луѓето. Историјата нè учи дека ако душата е лоша и зла, и ако во неа господари гревот, порокот и злобата, тогаш никакви закони и никаква сила не може да го задржи силниот порив за беззаконија.
           
Прославувајќи го денеска светиот Атанасиј Велики, кој го посветил севкупниот свој живот на Црквата, упатувајќи ги своите паства на патот на спасението, борејќи се против гревот, страстите и погрешните учења и зацврстувајќи ја верата со сите нејзини добродетели, нека ни послужи за пример и инспирација, како и ние да одиме по христијанскиот пат, кој води кон добро, кон свето, кон возвишено и благородно. Да се обратиме со искрена молитва кон светиот Атансиј, тој да биде наш молитвеник и помагач, та да можеме достоинствено да го носиме името христијанско и истото да ни послужи за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин!

15.05.2014 година
свети Атанасиј Велики
манастир „Св. Атанасиј Велики“,
метох на „Св. Наум Охридски“ Охрид 

svatanlet2014 1

svatanlet2014 3

svatanlet2014 5

svatanlet2014 7

svatanlet2014 9

svatanlet2014 11

svatanlet2014 13

svatanlet2014 15

svatanlet2014 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1