„Чесните маченици, разгорени од огнот на љубовта Божја, го презреа огнот и, разгорени како божествен јаглен во Христа, ги изгореа арогантните суварки на заблудата. Со чесните молитви ги затворија челустите на ѕверовите и, наведнувајќи ги главите за сечење, ги сосекоа сите полкови непријателски и, пролевајќи потоци од крв трпеливо, ја напоија Црквата просветлена со верата“ (стихира на Господи повикав... на Голема вечерна на Недела на сите светии).

Господ Исус Христос, нашиот Спасител, во светото Евангелие ни порачува: Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене (Мт. 10, 37-38). Ова не се само празни зборови, туку вистинскиот и единствениот пат кон спасението. А ако сакаме да видиме кој ги исполнил овие Христови зборови, тогаш доволно е да го отвориме нашето православно календарче или житијата на светиите, во кои нема да можеме и да ги доброиме светителите, мачениците, преподобните и сите други, кои душата своја ја загубиле заради Христа. Споменот, пак, на сите овие светии, и знаени и незнаени, се прославува во Неделата по Педесетница.

bridgemedia | Air Jordan

Во нивна чест и спомен, на 15.06.2014 година, во манастирот „Сите светии“ во с. Лешани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, еромонахот Вартоломеј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. За почитта кон манастирот и празникот говореше мноштвото народ, кој два дена не запре да доаѓа, за да се поклони во ова наше светилиште. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

Во тоа мноштво на светии, секако е и светиот свештеномаченик Еразмо Охридскиот Чудотворец, особено почитуван во нашите краишта, во местото каде и самиот се подвизувал. Прославата на свештеномаченикот започна со свечена Вечерна богослужба, во неговиот манастир, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, свештениците Никола Христоски, Љупчо Симиџиески и Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Утредента беше отслужена света Литургија, на која богослужеа повеќе свештеници од нашата епархија.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Дивен е Бог во своите светии!

Нашата света црква секојдневно преку целата година прославува по некој Божји угодник. Но, и во тие денови, ретко се случува таа да прославува само еден светител. Често се прославуваат по два, три, пет, десет, а понекогаш и по неколку илјади светители, кои се почитувани од сета вселенска Црква. Но, постојат и посебни угодници, кои се прославуваат на локално ниво, било да се работи за поедини православни цркви или, пак, само за одредена епархија во одделна црква. Но, најголем број Божји угодници се оние кои се удостоиле со венец во славата небесна, а на кои ние не им ги знаеме ниту имињата, ниту потеклото, ниту нивното звање. Господ, пак, ги примил во Своето Царство како Негови деца.

Голем е бројот на свети угодници, кои од памтивек Му угодиле на Бога и се прославиле во вечната слава, а се прославуваат и во земната Црква Христова. Созерцавајќи ги овие собири на светии со нашите духовни очи, ние сфаќаме дека е неискажливо чувството и синовската благодарност кон Бога за љубовта која Он ни ја дава. Зашто тоа мноштво на свети угодници е сведоштво за неискажливата љубов на Нашиот небесен Отец кон нас луѓето. Отворајќи ги дверите на царството небесно со Неговото воскресение и Неговото Вознесение, Господ Исус Христос сите нè повикува кон Себе за вечен живот со Него, за вечна радост, независно од положбите што ги имаме во овој свет и без разлика на возраста и полот.

Да се поставиме себеси за момент пред тој величествен собир на светии. Кој влегува во него? Во него се среќаваат апостолите, благоверните цареви и кнезови, светите архиереи, праведните свештеници и благочестивите ѓакони, светите војници христијани, јуродиви, монаси и мирјани. Во него ќе ги видиме сите слуги Божји, и мажи и жени и деца, и сите што го поминале својот земен пат како вистински христијани, сите кои во смирение и со чисто срце ја сочувале својата вера во Христа, до последниот ден од нивниот овоземен живот. Сите Господ ги прегрнува со Неговата љубов.

Дали и нас нè чека и нè повикува? Дефинитивно да! Како и сите луѓе по целата земја, и нас нè повикува кон Своето Небесно Царство. Господарот на тоа царство е Господ Исус Христос, нашиот Спасител. Светата Црква, исполнувајќи ја задачата дадена од нејзината Глава - Господ Исус Христос, уште на почетокот на нашето доаѓање во овој свет ја повикува врз нас благодатта на Светиот Дух. Преку светата Тајна Крштение и миропомазание, Духот Божји провејува во чистите детски срца.

Како што раснеме, нашата душа постанува сè повеќе загрозена од нашите гревови, пороци и страсти, а на тој начин ние се оддалечуваме од Господа Бога. Но, нашиот небесен човекољубив Отец, грижејќи се за нас и посакувајќи ни на сите вечно спасение, пробудувал, а и денеска продолжува да ја буди нашата совест, постојано повикувајќи нè на покајание. Затоа и Црквата пее: Помилуј ме Боже, помилуј ме. Ние што одиме во црква, уште како мали деца, а се разбира и како возрасни, сме научиле дека Синот Божји, Господ Исус Христос, дошол во овој свет за да ги спаси луѓето од гревот.  Он ни дал можност да се спасиме и да преминеме од земната во небесната Црква. Исто така, ние знаеме дека небесната Црква не ја сочинуваат само големи подвижници, испосници, пустиножители, кои целиот свој живот го поминале служејќи Му на Господа, туку и поранешни грешници, кои се покајале и побарале простување од Господа. Тие ги измиле своите гревови со покајни солзи и така очистени се доближиле кон Господа и се вселиле во вечната слава.

Сите ние сме луѓе од крв и месо. Како такви, имаме и свои грижи и потреби и од нив ние не можеме и не се откажуваме. Христијанството не само што не го забранува или не го осудува човекот кога тој се грижи или се труди за време на својот живот, туку напротив, го благословува и бара од човекот да го умножува земното богатство преку трудот. Православната Црква, како мајка на своите деца, не може, а да не им посакува земни благодети, здравје, среќа и почести. Таа не може да не се радува кога ги гледа луѓето како постигнуваат материјална благосостојба и ги зголемуваат своите земни богатства. Христијанското учење не им забранува на христијаните да се насладуваат со земни радости, како на пример: на прекрасната природа, музиката, уметноста. Црквата не ги спречува своите деца да ги споделуваат овие вредности и да го зацврстуваат во себе чувството на взаемна љубов и пријателство. Таа сето тоа го благословува, сè додека ние не почнеме да ја задоволуваме душата со гревот и страстите.

Затоа светата Црква постојано ни припомнува да не заборавиме дека тоа што е времено секогаш е времено и ќе помине, а вечното - секогаш е вечно. За едно нешто светата Црква секогаш нè потсетува, а тоа е дека Господ од нас очекува, помеѓу сите наши грижи, трудови и радости во овој свет, никогаш да не заборавиме дека земниот живот е само скала кон вечен живот. Ние сме должни да ја приготвиме својата душа за вечниот и блажен живот, во кој влегле сите вистински слуги Божји и кон кој ќе отиде секој од нас. Ете тоа треба да ни биде прва и најважна грижа во нашиот живот.

Во бројот на угодниците Божји, има многумина кои го поминале својот овоземен пат со такви искушенија, болести и таги, со какви живееме и ние денеска. Но, тие ни се и пример како е потребно да го поминуваме нашиот овоземен живот: со трпение, со љубов и со молитва да се оддалечуваме од гревовите, да го воздржуваме јазикот од лага и неправда, а срцето да го чуваме во чистота. Светите Божји луѓе не нè учат само како треба да живееме, туку и со нашите молитви кон нив тие ни помагаат и имаат храброст да испросат помош од Господа во сите прилики од нашиот живот, а сè со цел за наше вечно спасение.

И денеска, кога сме собрани во овој свет манастир, посветен на сите светии, да се обратиме со искрена молитва тие да бидат наши молитвеници и помошници, па да можеме да го одиме патот во земнава Црква со добри дела и да го добиеме вечниот и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин!

15.06.2014 година
Недела на Сите Светии
манастир „Си Свети“ с. Лешани, Охрид

sverazm2014 1

sverazm2014 3

sverazm2014 5

sverazm2014 7

sverazm2014 9

sverazm2014 11

sverazm2014 13

sverazm2014 15

sverazm2014 17

sverazm2014 19

sverazm2014 21

sverazm2014 23

sverazm2014 25

sverazm2014 27

sverazm2014 29

sverazm2014 31

sverazm2014 33

sverazm2014 35

sverazm2014 37

sverazm2014 39

sverazm2014 41

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1