„Подражателу на апостолите, правило на архиереите, убавино на преподобните, сострадателу на страдалците, без крв како маченик се овенча, зашто си беседел во тешки маки, носејќи го Христовото име божествено, и секогаш смело проповедајќи ја тајната на Света Троица. Нејзе не престанувај да и се молиш, Науме, за оние што тебе те прославуваат“ (седален по полиелејни псалми на Утрена на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец).

Почитта и големината на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец се неискажливи. Тоа е чувството на верниот народ, кој знае дека Преподобниот не живеел за себе, туку повеќе Христос живеел во него. Светинаумовото учење блеснало во нашата земја македонска, а поради неговиот труд и молитвите, многумина поверувале и ја спасиле својата душа.

buy footwear | Air Jordan

Верните ја искажуваат својата благодарност кон преподобниот Наум преку сите дни од годината, но ниту еден од нив не пропушта да го посети неговиот манастир во деновите кога го празнуваме неговиот свет спомен. Па така, и оваа година, на 02 и 03 јули, манастирот на Белото Езеро беше посетен од неизброен народ од сите краишта и од сите конфесии и националности. Прославата започна со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот Димче Ѓорѓиески, свештениците Љупчо Симиџиески, Димче Азески и Горан Ставрески, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. Празникот беше крунисан утредента, со отслужување на света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Тоди Јован од Албанската православна црква, свештениците Сашо Ристески, Димче Азески и Горан Ставрески, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.   

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот Св. Дух! Амин!
Драги браќа и сестри!

Денеска нашата света православна Црква прославува еден од големите Божји угодници, преподобниот Наум Охридски. Тој не се прославува само во нашата света црква. Неговото свето име се чествува и прославува и во Грција, Србија, Албанија, Бугарија па дури и во Унгарија. Преку нашите иселеници пак, преподобниот Наум се прославува по целата вселена, каде што нè има како народ, а нè има по целата вселена. Овој божји угодник го посветил целокупниот свој живот на тоа да го соедини својот живот со Бога, односно да се обожи. И навистина св. Наум се обожил. Ние, луѓе, не можеме да го видиме Бога, но можеме да го видиме преку неговите светии, кои уподобувајќи се на Божјото подобие преку нив се пројавува Бог со Неговата сила. Но за да се постигне тоа, потребно е да се вложат големи напори, какви што вложил и св. Наум Охридски. Тој преку трудот, преку подвизи, пост и молитва, бегајќи од овој свет се уподобил на Бога. Многу од неговите подвизи ни се познати, но има уште многу повеќе коишто не ни се познати. Дури откако го постигнал дарот од Св. Дух тој почнал да зборува и се открил на луѓето правејќи чуда, давајќи совети, водејќи ги Божјите баратели на патот којшто води во Царството небесно. Тој ги примал сите со искрена љубов и помагајќи им на тој духовен план. Св. отци велат: Сочувај го духот мирен и тогаш илјадници луѓе околу тебе ќе се спасат. Луѓето во овој свет постигнуваат разни положби, на разни нивоа, богатства, некои владеат со политички сили, со влијателни позиции, некои со знаења и други нешта. И покрај овие овоземни достигнувања, тие немаат душевен мир ако живеат без Бога. За тоа имаме многу примери во историјата, па и во современиот живот. За тоа ни сведочат безбројните судски процеси, убиства, затвори, завист еден на друг, лаги и обвинувања, постојано разделувајќи и измачувајќи ги луѓето. Се појавуваат и разни јавни луѓе со најразлични побуди, фалејќи се и залажувајќи го народот дека тие ќе направат добро на народот. Се јавуваат политички партии, движења, лажни верски учители и слично, кои нудат подобра иднина. Некои од нив можеби зборуваат со искрено срце и чесност, но нивните срца не се очистени од гревот и затоа не можат нивните ближни и следбеници да се спасуваат туку се погубуваат во гревот на животот. Тоа се гледа секаде, а за истото ни зборува на еден многу едноставен начин и св. ап. Павле кога вели: „Живејте по Духот, а плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“ (Гал. 5, 22-23).

Можеме да си го поставиме прашањето, во што се состои силата на св. Наум Охридски, во што се состои неговиот подвиг? Тој се трудел и се стремел да ја оствари Христовата заповед којашто вели: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец Небесен“ (Мт. 5, 48). Св. Наум се трудел да го врати првобитниот образ, ликот на човек, кој постанал видоизменет како последица на гревот. Преподобен Наум ја постигнал целта, го победил гревот и постанал преподобен, односно се направил вистинско подобие Божјо. Ние не можеме да го видиме невидливиот Бог, но Господ ни дава можности да го видиме Бога во неговите подобија, односно во Неговите угодници.

Еден од таквите постанал св. Наум Охридски, на крајот на деветтиот и почетокот на десеттиот век. Во него ја гледаме воспоставената човечка природа, ослободена од ропството на гревот. Тој се појавува како човек во тело, но олицетворен во победата на вечното над гревот, светлоста над мракот, и доброто над злото. Преподобен Наум сите не повикува да го следиме на тој пат покажан од страна на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Тој нè повикува да се бориме со гревот и со нашите недостатоци, покажувајќи се како кула светилник на сите кои одиме кон спасение. Св. Наум нè повикува да бараме повисоко богатство, како плод духовен за кој зборува св. ап. Павле: „Како што е љубовта, верата, воздржливоста“ (Гал. 5, 22-23).

Тежок е патот кон Царството Небесно. Гревот завладеал со човековата природа повредувајќи ја и валкајќи ја. Секој од нас има лични гревови. Но има и општи народни гревови. Така и нашиот народ има општ заеднички грев. Се откажува од вековната традиција, се откажува од многудетните семејства. Денеска бракот се сведува на проста репродукција, со едно до две деца, а во поголем дел и без ниедно дете. Сето тоа се подредува на задоволување на личните желби и амбиции на поединецот. А најчесто пак, причините се да живеат богато, да имаат разни комфори и комодитети, и да крстарат шетајќи по светот. Па доколку се продолжи така, овие наши прекрасни предели, ќе ги населуваат други народи и племиња, со поинаква вера и јазик.

Да се обратиме кон св. Наум со искрена молитва, со покајание и со исповедание, да побараме прошка од Бога, да се вратиме на вистинските македонски православни традиции и обичаи, со чување на верата, со негување на повеќедетни семејства, а преку тоа ќе ја зачуваме и нашата македонската земја. По молитвите на св. Наум, Бог да ги услиши нашите прозби, и така нека биде. Амин!

Преп. Наум Охридски
03. 07. 2014 год.
манастир „Св. Наум Охридски“

PREPNAUMLET2014

PREPNAUMLET2014 2

PREPNAUMLET2014 4

PREPNAUMLET2014 6

PREPNAUMLET2014 8

PREPNAUMLET2014 10

PREPNAUMLET2014 12

PREPNAUMLET2014 14

PREPNAUMLET2014 16

PREPNAUMLET2014 18

PREPNAUMLET2014 20

PREPNAUMLET2014 22

PREPNAUMLET2014 24

PREPNAUMLET2014 26

PREPNAUMLET2014 28

PREPNAUMLET2014 30

PREPNAUMLET2014 32

PREPNAUMLET2014 34

PREPNAUMLET2014 36

PREPNAUMLET2014 38

PREPNAUMLET2014 40

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1