„Зошто се чудиш, старецу? Зошто стоиш и не му веруваш на оној што ти ги кажува овие работи? Оној што ти благовести е ангел, иако има изглед човечки. Биди нем привремено, до раѓањето на гласот на Словото“ (песна од канонот на Раѓање на чесниот славен пророк, претеча и Крстител Јован).
Сефалниот Јован се покажа како прекрасна зора, која му претходи на Сонцето, зашто со неговото раѓање започнува и подготовката на патот за доаѓањето на долгоочекуваниот Спасител, Кој ќе го избави светот и човекот од гревот и смртта. Денес се исполнува пророштвото на пророкот Исаија, зашто се јави на Земјата ангел предвесник, кој ќе ги подготви луѓето со зборовите: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно.
Светиот празник на раѓањето на Крстителот Јован, кој го празнуваме на 07 јули, беше свечено прославен во манастирот „Св. Јован Крстител – Бигорски“ со сеноќно бдение и со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Партениј, игумен на манастирот, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо и Ефросиниј, свештениците Никола Христоски и Гроздан Богески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Порфириј. По завршувањето на Литургијата беше осветеното празничното коливо, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
latest Nike Sneakers | BAPE adidas Superstar Green Camo GZ8981 Release Date - SBD
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
„Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (Матеј 3,2)
Со овие зборови, кон јудејскиот народ се обраќал св. Јован Крстител, чиј спомен светата православна Црква денес го празнува. Неколку пати во црковната година, прославуваме празници посветени на овој голем Божји угодник. Секој вторник во неделата е посветен на овој праведник.
Денеска сме собрани во овој свет манастир да го прославиме со сета православна Црква раѓањето на Претечата и Крстителот на нашиот Господ Исус Христос, св. Јован. Во една од денешните песни пееме: „Порано неплодната, денес го раѓа Христовиот Претеча, и тој е исполнувањето на сите пророштва. Во Јордан, тој ја положи раката врз Оној што Го навестуваа пророците; Се јави пророкот на Божјата Слава, истовремено проповедник и Претеча“ (кондак на Иванден).
Јавувањето на проповедник во светот, секогаш е знак на голема милост Божја кон луѓето, бидејќи заради праведниците постои и опстојува целиот свет. Но светиот Јован Крстител Господов се јавува како најголем праведник за кого што сведочи и Самиот Господ Исус Христос кога вели: „Вистина ви велам: помеѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител; но најмалиот во Царството Небесно е поголем од него“ (Матеј 11, 11).
Денеска кога го празнуваме споменот на св. Јован Претеча, да го насочиме нашето внимание кон житието на овој Божји угодник и ќе видиме каква навистина голема милост Божја се пројавува кон луѓето, со испраќањето на праведниците. Од Светото Евангелие уште знаеме дека и самото негово раѓање било невообичаено и пропратено со чуда. Светиот пророк се раѓа, според наговестувањето на Архангелот Гаврил, од престарите родители Захариј и Елисавета. Се раѓа Претечата и Захариј се ослободува од немоста, со којашто бил казнет поради неговото неверие. Се раѓа Претечата и се радува Елисавета од која се симнува презирот за нејзината неплодност. Но не за долго време Јован бил во рацете на неговите престари родители. Неговиот татко, праведниот Захариј, бил убиен во храмот, а неговата мајка Елисавета го сокрила во пустината за да го спаси младенецот од Иродовите убијци. Но и таа брзо потоа починала. Како го минал детството св. Јован, нам не ни е познато, бидејќи во Светото Евангелие нема запишано ништо. „Не ме прашувај мене, вели св. Јован Златоуст, како Јован во зима и во топло лето живеел во пустината, особено додека бил како мало дете“? Истиот светител одговара: „Јован во пустината живеел како на небото“.
Со Божјата помош детето растело и се развивало и се зацврстувало во духот, подготвувајќи се кон возвишено служење, да го приготви народот за примање на Месијата - Спасителот на светот. Триесет години тој престојувал во пустината, носејќи облека од камила и хранејќи се со скакулци и див мед. Но настапило време и св. Јован ја остава пустината и се појавува на брегот на реката Јордан. Покајте се, се разнесува силниот глас на проповедникот на постот и покајанието - зашто се приближи Царството Небесно. Со повикот кон покајание и со потопување во реката Јордан, св. Јован Крстител ги приготвувал синовите Израилеви за примање на Спасителот на светот.
Наоѓајќи се помеѓу двата Завети, тој, се вели, друго повеќе не видел освен гревот кај луѓето во кој паднал грешниот свет, и Јагнето Божјо кое ги зема гревовите на светот. Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно, грмел со сиот глас кон народот овој Божји праведник.
Ваквиот повик кон покајание не останал без одзив. Од сите страни на Јудеја кон него почнал да се собира силен народ, очекувајќи да се очистат од гревови и да се крстат од Јована во реката Јордан.
Спасителното дело на проповедта за покајанието останува дејствително и после доаѓањето во светот на Господа Исуса Христа. Ние гледаме дека и Господ Исус Христос ја започнал Својата спасителна проповед со истите зборови: „Покајте се, бидејќи се приближи Царството Небесно“ (Матеј 3, 10).
Покајанието и верата во Господ Исус Христос, се двата неопходни услови за спечалување на Царството Небесно. Солзите на покајанието, тоа е благодатен дожд со кој се измива целокупната душевна нечистотија, правејќи ја душата способна да ја прими Божествената благодат. Токму затоа и повикот на Претечата кон покајание и кон исправување и очистување од гревови се важни елементи и за нас денеска.
И ние денеска да се пренесеме мислено во Јорданската пустина, и да се потрудиме секогаш во нашите мисли да ги носиме подвизите и светлиот образ на св. Јован Крстител и Претеча Господов, па така да можеме да го приготвиме нашиот пат, како што тој го подготвувал Јудејскиот народ за Спасителот. Да ги очистиме нашите души од грев, бидејќи таква е волјата Божја. Во тоа да ни помогне Господ, по молитвите на Пресветата Богородица и на св. Јован Крстител и Претеча Господов и сите светии кои стојат пред Престолот Божји и непрестајно се молат за нас.
Рождество на св. Јован Крстител - Иванден
07. 07. 2014
Манастир „Св. Јован Бигорски“