На 13.07.2014 година, во Петтата недела по Педесетница и на празникот Собор на 12 апостоли – Павловден, беше осветен храмот „Св. вмч-чка Недела“ во Коњско, Охрид. Осветувањето го изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Никола Христоски и Атанас Казанџиски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По осветувањето на храмот, според типикот на православната Црква, беше отслужена и света архиерејска Литургија, а потоа Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

Храмот започна да се гради во 2007 година по иницијатива на црковниот одбор, според проект на г-ѓа Тања Бунташеска Паскали, а се изгради со донациите на локалните жители, како и жителите од пошироката околија.

latest jordans | 2021 New adidas YEEZY BOOST 350 V2 "Ash Stone" GW0089 , Ietp

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Денеска, после осветувањето на овој свет храм, можеме да ги изговориме прочуените зборови на светиот пророк и цар Давид кој вели: „Благословувајте Го сега Господа, сите слуги Господови, што стоите ноќе во домот Господов, во дворовите од нашиот Бог“ (Пс. 133, 1). Навистина, во секое време и на секое место, ние сме должни да Го славиме и да Го прославуваме Бога. Ако и недушевните небеса ја исповедуваат славата Божја, или како што се вели свјакое дихание да хвалит Господа, тогаш колку пак ние како разумни битија треба да Го фалиме Бога, бидејќи сме наградени многу повеќе од сите останати созданија. Но при посебни дарови Божји, треба да Му принесуваме слава и благодарност на Бога со сето наше срце и сета наша душа.

Зарем денешниот ден не е дар Божји, зарем не е дар Божји да се има нов храм? Тешко е да се изгради дом Божји, особено во денешново кризно време, кога на луѓето им стануваат поблиски и помили овоземните наслади и задоволства, отколку служење на Создателот, односно на Бога. Но да бидеме благодарни на Бога, бидејќи ова дело успешно се заврши. И овој мал, но убав храм, се освети и со тоа прими ново осенување, посетување и вселување на Божјата благодат. Ако Бог уште во Стариот Завет дава благодат во старозаветниот храм, храм кој бил само сенка на идните богатства, тогаш на новозаветниот храм му ги дава сите благодетти што биле претходно ветени. Бог ќе рече: „Моите очи ќе бидат тука и Моето срце ќе биде во сите денови во него“ (3. Цар. 9, 3).

Сега пак,особено да Му заблагодариме на Бога, што ни даде таков благослов, да создадеме место - храм каде што ќе Го благословуваме Господа. Да Му благодариме на Бога, затоа што Бог уште во рајот на нашите прародители им дал рајска црква. Да Го воспееме Бога, затоа што и по гревопаѓањето на нашите прародители во рајот, Бог како милостив Создател, не го уништил човечкиот род, туку преку покајание и Божја промисла му дал пат и начин како да се спаси. Бог му испраќа разни начини како да се поправи и да се врати на вистинскиот пат кон спасение. Најпрво, му испраќа разни старозаветни праведници, пророци и на крај ќе го испрати Својот Единороден Син Господ Исус Христос, за спасение на луѓето и на светот. Он ќе постане камен аголен на Својата света Црква, со такво утврдување што ниту „вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Матеј 16, 18). „И Нему нека е слава во Црквата преку Исуса Христа во сите родови и за сите векови“ (Ефес. 3, 21).

Преку осветувањето со Св. Дух на Црквата, онака како што се излил на Педесетница врз апостолите и над целата Црква, така и денеска се изли благодатта на Светиот Дух врз овој свет храм и го облагодатти со светите таинства, односно со светите тајни на Црквата. Па затоа храмот да ги сочува сите св. тајни неповредени и сите што ќе се ползуваат со нив да добијат благодат Божја. И ползувајќи ги истите, ќе можат полесно да ги надминат сите маки и страдања а во моменти пак на радост, да Го слават и величаат Бога.

Откако овој свет храм, го прими овој огромен Божји дар, односно благодат, ние сме должни да размислуваме како да се ползуваме со даровите на светиот храм. Да не ни биде бесполезен целиот труд кој се вложи за подигнувањето на овој храм, и за да не ни биде бесполезен Божествениот дар на осветувањето.

Како треба да се ползуваме со храмот? За да ни биде на спасение ползувањето на храмот, најпрво треба да го посетуваме како што доликува на одење во дом Божји, а пред сè, да учествуваме во главната св. тајна евхаристијата - светата причест. Потребно е да се посетува храмот Божји. Ако правиме дом - куќа ние ја правиме за да живееме во неа, а пак храмот ни служи за да се осветиме во него, а ако не е така тогаш зошто го правиме? Храмот треба да го посетуваме постојано. Навистина, во храмот се принесуваат молитви не само за тие што се во него, туку и за сите православни. Но тоа е за тие коишто со вера, побожност и страв Божји влегуваат во него. Но ако вие заборавите да го посетувате, нема ли да биде справедливо ако и тој ве заборави, и да не ве посетува со неговата благодат. Ние сме должни да го посетуваме храмот со побожност. Ако одиме на некој прием, кај кој било големец, и ако не сме облечени пристојно за таква свеченост, нема да ни дозволат да влеземе. Ако така ние се подготвуваме да одиме кај овоземните силници, тогаш како треба да се подготвуваме кога одиме кај Небесниот Цар и Господар.

Кога се наоѓаме пак во храмот на молитва, да се потрудиме истата да не ја слушаме само со нашите уши туку и со нашето срце. Кога го слушаме словото Божјо, не само да ја приклонуваме нашата глава, односно видливо според обичајот, туку да го приклониме и својот ум кој е невидлив. Словото Божјо е семе на плодот духовен. Да заораме длабока бразда со внимание во нашите срца, за да Го примиме, да израсне и да ни донесе плод духовен. Словото Божјо е небесна роса и положи ја пред неа душата твоја како жедна земја „зашто словото Божјо е живо и дејствува“ (Евр. 4, 12).

Бог богато не наградува преку осветувањето на овој свет храм, но Он Својата благодат не ја истура ненадејно и одеднаш. На оние кои веруваат, кои се кајат, го исправаат нивниот живот, ја чувствуваат благодатта на Св. Дух, додека пак оние кои не веруваат, не се кајат, се предаваат на грев, се одалечуваат од благодатта и ги преумножуваат нивните безаконија и слично.

Да завршиме со зборовите на Соломон: „Срцето ваше нека биде наполно предадено на Господа, нашиот Бог, за да одите по наредбите Негови и да ги пазите заповедите Негови“ (3. Цар. 8, 61).

По молитвите на светата маченичка Недела и на светите апостоли, Бог нека ги услиши нашите молитви. Амин!

Собор на св. апостоли
13. 07. 2014 година  
Осветување на храм „Св. Недела“ - Коњско

OSVSVNEDKONJ2014 1

OSVSVNEDKONJ2014 3

OSVSVNEDKONJ2014 5

OSVSVNEDKONJ2014 7

OSVSVNEDKONJ2014 9

OSVSVNEDKONJ2014 11

OSVSVNEDKONJ2014 13

OSVSVNEDKONJ2014 15

OSVSVNEDKONJ2014 17

OSVSVNEDKONJ2014 19

OSVSVNEDKONJ2014 21

OSVSVNEDKONJ2014 23

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1