„Славна Параскево, исполнета со дарови за исцеленија и виденија, секогаш им излеваш благодат Божествена, на оние што те почитуваат и кон твојот гроб приоѓаат со вера“ (песна од Канонот на Утрена на преподобномаченица Параскева).

На 08.08.2014 година, денот кога го прославуваме споменот на светата преподобномаченица Параскева и светиот свештеномаченик Ермолај, во храмот „Св. Петка“, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, игумен на манастирот, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештеник Димче Азески и протоѓакон Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. На истиот ден, повеќе свештенослужители од нашата епархија, отслужија света Литургија и во манастирот „Св. Петка“ во с. Велгошти, Охрид.

short url link | Nike

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!

„Небесата ја проповедаат славата Божја“ (Пс. 112, 4)

Драги браќа и сестри,

Навистина старозаветниот пророк не згрешил кога ги изговорил овие прекрасни зборови. Напротив, ја доживеал и осознал убавината на Божјото создание онаму каде што живеел. Знаеме дека тој живеел во Светата Земја, денешна Палестина, и бил воодушевен од тоа што го гледал со своите физички очи, а уште повеќе она што го насетувал со неговиот ум и со неговите духовни очи, со душата и со срцето. Не е потребно да се оди во Светата Земја за да се види прекрасната Божја творевина. Тоа може да се види на секое место и во секој крај, кои ги посведочуваат и потврдуваат овие пророчки зборови.

Разумниот човек знае дека убавината на овој свет е огледало на Божјата убавина, и само кога $ служи на Божјата убавина таа останува вечна и непреодна. Само кога овој свет, и созданијата во него, ќе постанат заедничари на таа Божја убавина и добрина, и кога созданијата кои живеат тука на земјата ќе постанат заедничари на вечниот и непреодлив живот, и доколку луѓето кои трагаат за вистината преку вистинитоста на овој свет и ја запознаат вистината на Единиот и Вистинит Жив Бог, и оние кои ја бараат правдата и мудроста, и ја наоѓаат во Единствениот и Премудар Бог, и постануваат заедничари со Неговата Премудрост, само тогаш сите тие, а особено луѓето, ја постигнуваат полнотата на своето назначување и постануваат прави и вистински луѓе.

Ние со вера во Господа Исуса Христа се спасуваме и оправдуваме, и мир во Бога наоѓаме, како што вели св. ап. Павле преку верата како основа на сè што се надеваме и докажување на она што не се гледа (Евр. 11, 1). Таа вера е темел на нашиот живот. Истата ни ја открива и смислата на нашето постоење и на сè што е во нас и околу нас. Таа ни го открива Господа Христа како единствен пат, вистина и живот (Јован 14, 16). Како темел на сè, како Создател на сè и како извор на сè што постои.

Затоа ние, восхитувајќи се на созданијата, се восхитуваме и на човекот како прекрасно Божјо создание. Ние, всушност, се поклонуваме на Бога и не им служиме на созданијата туку преку тоа на Создателот. Бидејќи само безумниците се поклонуваат на созданијата и на самиот човек, односно самите на себеси. Но кога човекот ќе постане заедничар со Божјиот Дух, односно со Светиот Дух, тогаш тој постанува достоен за секаква почит, за секаква љубов како Божја икона, како Божји образ и Божјо подобие. Такви се нашите светии. Ние денеска ја прославуваме светата маченица Параскева – Петка на кого е и посветен овој храм. Спомнувајќи го нејзиното име, не се восхитуваме на неа, туку на Господа Кој е дивен Бог во свјатих своих (Пс. 67, 35).                Кога се собираме околу светињите Божји, како што е и денешната, ние не се восхитуваме на нив, туку на Бога. Кога ние му се молиме на некој Божји угодник, како што се св. Наум Охридски, на чијшто гроб многуброен народ се поклонува и добива исцеление, или кога ги целиваме светите мошти на св. Климент Охридски, ние исто така се молиме на Господа. И кога ги целиваме светите мошти, ние ја целиваме силата на Светиот Дух која е присутна во нив. Се восхитуваме на тоа, како Господ им дава на тие човечки коски, на мртви коски, и ги исполнува со таква сила и таква снага, со таква убавина и со толку многу добрини. Еве уште една голема вистина која ја исповедува силата Божја, како што рековме небесата ја исповедаат славата Божја. Ние се восхитуваме на таа Божја творевина, но посебно на Оној Кој е носител на таа слава и Кој истата нам ни ја дарува, а тоа е Господ Исус Христос нашиот Бог.

Нека е благословен Господ што не донесе денес во овој свет храм, како место каде што се открива и се дарува славата и силата Божја. Нека Господ ни даде здравје во местото каде што се открива и ни дарува чудесна вера - науката Божја, и каде што се проповеда словото Божјо. Место каде ние постануваме заедничари Божји, примајќи ги телото и крвта Господови, причестувајќи се постануваме едно со Единиот и Вечен Бог, а истовремено постануваме едно помеѓу себе, и не само времено но и вечно.

Нека Господ ве благослови сите, и нека ви подари, на прво место, вистинска вера, цврста и непоколеблива Божја вера во Господа Исуса Христа нашиот Бог. Нека Господ ви подари духовно и телесно здравје, чистота и мудрост, па на Единиот Бог да се поклонувате. Преку нас и преку созданијата околу нас, секогаш и одново да ја сознаваме големината и чудесната убавина на животот и Вечниот Бог. Па да се поклонуваме преку созданијата на славата Божја, односно на Оној, Кој е носител на таа слава, на Живиот Бог во Троица. Нека е честит денот посветен на св. Петка и од Бога да е благословен. Амин.

Св. Параскева - Петка
08. 08. 2014
параклис „Св. Петка“ – манастир Св. Наум Охридски

svpetklet2014

svpetklet2014 2

svpetklet2014 4

svpetklet2014 6

svpetklet2014 8

svpetklet2014 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1