„Оној што и на тие во адот им го проповедаше Христовото доаѓање, со вера им велеше: Доаѓа Господ на славата, Кој лекува болести, Кого што ние Го превознесиме во сите векови“(песна од Канонот на Утрена на Отсекување на главата на св. Јован Крстител).
Прославувањето на Претечата продолжи на самиот ден на празникот, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Партениј, протоерејот Димче Ѓорѓиески, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо и Ефросиниј, свештениците Никола Христоски и Благоја Спироски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.
Nike sneakers | New Balance 247 "Castlerock" Buy Now , SneakerNews.com
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри.
Денеска нашата света православна Црква прославува еден голем Божји угодник. Тоа е светиот Јован Претеча и Крстителот на Господ Исус Христос. Поточно, денеска го чествуваме крајот на неговиот овоземен живот, крај со отсекување на неговата глава. Како што знаеме, за овој пророк Божји пророкувал уште старозаветниот пророк Исаија кој живеел 8 векови пред Христа. Овој пророк го наговестил како: „Гласот на оној што вика во пустината и говори: Пригответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустината патеките за нашиот Бог“ (Ис. 40, 3). Од светото Евангелие на светиот ап. и ев. Лука, знаеме дека раѓањето на св. Јован било дочекано со радост од сите луѓе што го опкружувале, и со надеж дека се приближува денот на спасението на луѓето (Лука 1, 57-79).
Да се загледаме во ликот на св. Јован Крстител како во голем Божји угодник, но и Претеча и Крстител Господов. За него Самиот Господ Исус Христос вели: „Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител“ (Мат. 11, 11). Тој е голем подвижник и неговиот живот е испоснички. Не носи никаква облека, туку носи облека од камилски влакна и е препашан со појас од кожа околу слабините. Тој живее во Јорданската пустина, каде што сонцето силно гори а ноќта е студена, хранејќи се со див мед и скакулци. Не пиел вино ниту друг алкохол. Тој, како подвижник во пустината, се подготвувал за големо и спасително дело. Неговата основна цел е да ги подготви луѓето, пред сè Еврејскиот народ, да го пречекаат Господа Исуса Христа како Спасител на светот. Подготовката се состоела во очистување на нивните срца и ум од сите нивни заблуди, пороци и страсти. Бог благоволил и го избрал Претечата на ветениот Месија и истиот го нарекува голем пророк, силен по дух, подвижник, светилник на светот, ѕвезда на незаодното Сонце, глас на оној кој вика во пустината, земен ангел и ангел во тело.
Претечата Јован со сета ревност повикува кон покајание. Тој, со силни и многу убедливи зборови, им се обраќа на заблудените Јудеи, повикувајќи ги да ги очистат своите срца и души од сите престапи и гревови. Затоа, тој недвосмислено ги изобличува сите пороци и грешки, како на обичните луѓе, исто така, и на силните од овој свет. Оние што се покајале и што го прифатиле неговиот повик за очистување, ги крштевал во Јорданските води. Тој, ја изобличува неправдата и неморалот. Како што знаеме, тој го изобличувал и царот Ирод, за незаконското земање на жената на својот брат. На царот Ирод му претстоеле два пата, едниот, да се поправи и да ја остави Иродијада, а другиот, да го замолчи силниот изобличувач на неговиот грев. Тој, се определил за второто, затворајќи го Јован во темница. А потоа, на една свеченост, приредена во чест на неговиот роденден, на овој Божји праведник, му била отсечена главата. Св. Јован цело време ја изобличува неправдата и маченички пострадува за правдата.
Во црковната иконографија, претставата која ја нарекуваме Деисис, во средина е изобразен Господ Исус Христос. Од едната страна е Пресвета Богородица, а од другата е изобразен св. Јован Претеча. Тие претстојат пред Христа Спасителот, како Цар на Славата, и постојано стојат на молитва, застапувајќи се за светот и за луѓето во него. Тој е последен пророк од Стариот Завет и прв пророк – маченик во Новиот Завет, и најблизок пријател на Господа Исуса Христа.
Светата Црква верува во неговата молитва и затоа прибегнува кон него. Кога ние христијаните, го прославуваме овој или некој друг празник, молитвено чествувајќи го, природно, тогаш, не само нему му принесуваме пофалба и прозба, туку се трудиме, и должни сме, да го подржуваме. Во најголема мера, најдобар начин е да се обидеме да го подржуваме во неговите добродетели, да го следиме во верата, надежта и љубовта. Но, се поставува прашање, како можеме ние да го подржуваме оној кој е најголем роден од жена? Пред сè, потребно е да молиме од него молитвена помош за наше усовршување. Да погледнеме во нашиот живот, па да се поучиме од неговите подвизи и од неговата светост.
Ние, не можеме да бидеме ангели во тело. Ние, како луѓе, премногу сме слаби и немоќни. Но, ние можеме да се бориме, како што се борел тој, живеејќи во пустината, но, тој се борел со порочни мисли и страсти. Словото Божјо вели: „Од срцето произлегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; тоа го осквернува човекот“ (Мат. 15, 19-20).
Ние, ќе го подржуваме Претечата, ако се бориме против нашата гордост. Гордоста ги има истерано ангелот од небото и нашите прародители од рајот. Гордоста го понижува и го погубува секој човек. За да се бориме со гордоста, неопходно е да го подржуваме Претечата и да го здобиеме неговото смирение, бидејќи тоа го возвишува и спасува човечкиот род. За да го подржуваме големиот Претеча, неопходно е да го воздржуваме нашиот јазик. Да го молиме Бога да ни даде сила, да ги затвориме нашите усти, за од нив да не излегува ни еден збор што ќе раздразнува или осудува, погрешно да суди и не дај Боже да колни.
Да се обратиме со искрена молитва кон св. Јован Крстител и Претеча Господов, тој да измоли Божји благослов и да ја добиеме Божјата благодат, па да можеме искрено и достоинствено да го прославуваме Бога во Троица, сега и во сета вечност. Амин!
Отсекување на главата на св. Јован Крстител
11. 09. 2014 год.
манастир „Св. Јован Крстител“ - Бигорски