„Со горделивоста се уништува секое добро, а со смирението се истребува секое зло: верни, да го прегрнеме смирението и да се гнасиме јавно од лажната слава“ (песна од Канонот на Недела на цариникот и фарисејот).

На 01.02.2015 година, во Неделата на цариникот и фарисејот и на празникот на преподобниот Макариј Велики и светиот Марко Ефески, во храмот „Св. Никола“ во Перт, Западна Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на протоерејот Станко Јовановски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Sports Shoes | NIKE

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Нашата духовна мајка, Православната црква, се грижи за своите деца. Исто онака како што се грижи секоја нормална и вистинска мајка. Мајка, којашто се грижи своите деца во овој свет, да ги подигне на здрави и цврсти нозе, и да ги оспособи за живот. Таа се грижи да ги нахрани, за да не бидат гладни и жедни, и да ги облече со неопходната облека. Духовната, пак, мајка – светата Црква, се грижи своите деца навреме духовно да ги нахрани и да ги облече со духовни добродетели, и тоа со светла и со света облека, која е поскапа и од најскапоцени дијаманти и кои вечно траат. Таа сака што подобро да ги упати да ја запознаат Божјата вистина, да живеат според Божјата вистина и да ја постигнат својата цел, односно, да здобијат спасение и вечен живот. Сето тоа се постигнува со навремено пробудување на потребата за вистинско покајание и очистување на детското срце од секакви гревови и нечистотии. Децата правилно да растат духовно и да израснат во Христа. Па така, да се приближат кон Бога и да постанат вистински деца Божји и како такви да бидат наследници на царството небесно.

Првото скалило кон тоа духовно усовршување е сознанието и признавањето на својата гревовност и недостојност. Поточно, да се знае дека сè што е добро кај човекот, е од Бога, а се што е грешно е од човекот. Секој човек според својата природа е склон кон грев. Самиот човек нема способности и сили сам да се ослободи од гревот, туку потребна му е помош. Таа помош може да ја добие само од Бога. Да се признае својата грешност и немоќ е добродетел. Таа, пак, добродетел е мајка на сите добродетели и се вика смиреност. За неа најсликовито ни се зборува во денешното св. Евангелие.

Еден ден се сретнала оваа добродетел со најголемиот порок, односно, се сретнала со гордоста во храмот на молитва. Смиреноста во лицето на грешниот цариник и гордоста во горделивиот и надмен фарисеј. Фарисејот, само од формална страна, го исполнувал законот, а животот му бил сосема спротивен на законот, според неговата суштина. Сметајќи се себеси за најчестит и најдостоен пред Бога, споредувајќи се со останатите луѓе, отишол во храмот и застанал напред да биде виден од сите и почнал да се моли пред Бога со зборовите: „Боже Ти благодарам што не сум како другите луѓе... и како овој цариник...“ (Лука 18, 11 – 12). Цариникот, пак, свесен за својот грев, сметал дека заслужува Божја казна и осуда, стоел на крајот од храмот со наведнати очи кон земјата удирајќи се во градите, велејќи: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ (Лука 18, 13). Неговата молитва е одраз на длабокото каење за неговите престапи. Овој си замина од храмот со опростени гревови, се вели во евангелието.

Господ ја осудил гордоста на фарисејот. Истовремено, осудена е гордоста и како порок. Порок кој ги раѓа големите недела и зла, во животот на гордите луѓе. Осудувајќи ја гордоста кај фарисејот, Господ, во принцип, ја осудува гордоста. Ги осудува сите луѓе кои не сакаат да ги видат своите гревови, пороци, слабости, а кај својот брат ги гледаат многуте помали недостатоци, отколку што се нивните. Во беседата на гората, Господ Исус Христос го осудил ваквото постапување, односно, осудувањето на својот брат, велејќи: „Не судете, за да не бидете судени; оти со каков суд судите, со таков ќе бидете судени... Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја чувствуваш?“ (Мат. 7, 1 – 3).

Да се користиме со примерите на овие двајца, на цариникот и на фарисејот, кои се обраќале со молитва кон Бога. Да се угледаме на смирениот цариник, кој се сметал за најнедостоен пред Бога поради своите престапи, чувствувајќи се како најголем грешник. Преку неговата молитва, прозборела неговата смиреност. Тој, признава дека е грешник пред Бога. Признава дека нема сили да се ослободи од своите гревови. Исто така, знае дека и останатите луѓе, кој во помала а кој во поголема мерка, исто така се грешни пред Бога, и тие не се способни да му помогнат да се ослободи од неговите гревови. Единствен, Кој може да му помогне да се ослободи, тоа е човекољубивиот Господ Бог. Со тоа убедување, тој пристапува на молитва, молејќи се на Бога со кратка и спасителна молитва: Боже, биди милостив кон мене грешниот.

Да се загледаме и ние денеска во нашето срце, па да видиме на кого сме слични, дали на гордиот фарисеј или на смирениот цариник? И ние нашиот живот да го одиме по патот на смирениот цариник. Да не се фалиме со нашите успеси, или со нашите добри дела. Ако, пак, ги имаме, благодарноста е на Бога, и да знаеме дека тоа не е само наша заслуга, туку на прво место, тоа е Божја заслуга. Да знаеме дека никакво добро дело, ние луѓето сами од себе не можеме да направиме, туку истото го постигнуваме, со помош и благослов на нашиот небесен Отец.

Да се угледаме на Господ Исус Христос, на Неговата света мајка, на св. Јован Крстител, на св. ап. Павле и на св. Никола, и на многу други свети Божји угодници. Сите овие биле смирени и го украсиле нашиот црковен календар,исто онака како што е украсен небесниот свод со ѕвезди небесни, та сите тие нека ни послужат за пример на смиреноста. Да се угледаме на нив, и да бидеме и ние кротки и смирени во нашите срца и така ќе наследиме нова земја и ново небо. Нека е слава и благодарност на Семилостивиот Бог, сега и во сета вечност. Амин.

Недела на цариникот и фарисејот
01.02. 2015
храм „Св. Никола“ – Перт, З. Австралија

pert2015

pert2015 2

pert2015 4

pert2015 6

pert2015 8

pert2015 10

pert2015 12

pert2015 14

pert2015 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1