„Изложувајќи го Твојот телесен изглед за почитување, Господи, набожно го целиваме, изразувајќи ја со тоа големата тајна на Твојата промисла; зашто Ти, Човекољупче, не ни се јави привидно, како што зборуваат богоборните манихејци, туку вистински и во телесна природа, кои нè водат кон љубов и желба за Тебе“ (хвалитна стихира на Утрена во Прва Недела од Великиот пост).

Светата православна Црква, во Првата недела од Великиот пост, ја слави големата победа над една од најголемите ереси кои ја потресле Црквата во нејзината историја – иконоборството. Победата над иконоборците претставува победа на уметноста воопшто. Светите отци биле јасни дека ние не ги почитуваме дрвото и бојата, туку ликот на оној кој е насликан на нив, зашто иконата претставува „прозорец кон вечноста“. Токму затоа, за нас православните, духовниот живот без икони е незамислив.

Оваа голема победа на Црквата, ја прославивме и ние денеска, на 01.03.2015 година, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, каде што беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Никола Христоски, Владо Недески, Роберт Илијевски и Миле Ангелоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Радоста на денешниот ден беше дополнета и со ракополагањето на богословот Димитрија Павлески во ѓаконски чин, кој се приклучи на работниците на нивата Христова. На ѓаконот Димитрија му го честитаме ѓаконскиот чин и се молиме Господ нашиот Бог да го придружува на сите стапки од неговиот живот. По завршувањето на Литургија, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Sports Shoes | Yeezy Boost 350 Trainers

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Светата Православна црква, првата недела од Велигденскиот пост, ја нарекува Недела на Православието. Исто така оваа недела позната е како Триумф на Православието. Овој празник се воведува во чест на победата на православната вистина над иконоборците. Од историјата знаеме дека Црквата имала, уште од најраните периоди, односно од времето на апостолите, гонители и непријатели кои се обидувале со најразлични средства да ја задушат верата и да го уништат Христовото учење. Тоа биле надворешни непријатели, јазичници, многубошци и неверници. Но, откако Црквата ќе добие слобода и рамноправност на вероисповедание во почетокот на 4. век, истата ќе биде потресувана од внатрешни непријатели, од разни еретички погрешни учења. Почнувајќи од Ариј, Несториј, Македониј и други, за кои се одржале седум вселенски собори, и на кои, нивните погрешни еретички учења биле осудени. Последна ерес, која најдлабоко и најтешко ќе ја разниша Црквата Христова, ќе биде иконоборството. Оваа ерес ќе се доближи и ќе навлезе кај врвните византиски влијателни луѓе на дворот, па,  дури и кај самите императори. Ако во првите векови, Црквата беше прогонувана од римските многубожечки цареви и императори, сега, пак, таа е прогонувана од христијански императори. Луѓе кои се нарекуваат православни христијани, луѓе кои веруваат во Господа Христа и во Неговата света мајка. Преку лажно учење, ќе се порекнува нивното почитување и нивното изобразување на икони и фрески, велејќи дека тоа е вистинското учење. Тие и прават големо зло на Црквата Христова. Уништуваат огромни културни вредности. Уништуваат безброј икони и фрески по цркви и манастири, како во Цариград, така и по целата империја.

Овие лажни чувари на црковната вистина, ќе и нанесат страшни потреси на Црквата Христова. Потреси како што не и нанеле ниедни други поранешни гонители. Затоа, ќе биде свикан и Седмиот Вселенски собор, 787 год. во Никеја. На овој собор, иконоборското учење ќе биде осудено и проколнато. Но, иконоборците биле толку влијателни и силни на византискиот двор, што им попречиле на светите отци, да го одржат соборот во катедралата „Св. Софија“ во Цариград. Затоа, благочестивиот и свет патријарх Тарасиј Цариградски, соборот, со останатите св. отци, го одржале во Никеја, мало гратче недалеку од Цариград. И покрај тоа што оваа ерес била осудена, таа се покажала многу жилава и цврста. Опстојувала бидејќи имала поткрепа на византискиот двор, како и кај други моќници од тоа време. Уште цели педесетина години, тие се бореле, некогаш со поголем а некогаш со помал интензитет, против вистинското учење на светата Црква. Дури во 842 год., царицата Теодора и патријархот Методиј, на најсвечен начин, ќе ги вратат достоинствено, со процесија, светите икони во црквата „Св. Софија“ во Цариград. Токму во чест на овој настан, светата Црква го востановува овој празник, како триумф или победа на православното учење.

Спомнувајќи за овие дамнешни времиња, пред нас се поставува едно современо прашање. Да се запрашаме,  што е тоа вера, за којашто Црквата така се борела. Ако историски погледнеме, после Христа, можеме да сведочиме дека нема ниту едно убедување, никаков светски поглед, кој претрпел толку тешки прогонства, и врз кого, обединети, се насочиле сите можни сили, само за да го уништат. Тие обиди може да се разгледуваат на различни нивоа. На ниво на размислување, философски поглед, практичен живот, и како што веќе рековме и на државничка политика.

Ние знаеме, за да се застане цврсто зад вистината, никогаш не било, не е, ниту ќе биде просто и едноставно. За тоа потребно е машкост, силен дух, силна вера и сила во своите убедувања. Ние тоа го гледаме во целокупната историја на Црквата Христова. Црквата е Божја творевина. Затоа таа, како таква, ги победува сите овоземни силници и моќници и останува цврста и непоколеблива тврдина на вистината, според зборовите на св. ап. Павле. 

Каква била верата на Мојсеј, на судиите, на пророците, на апостолите, на мачениците, на подвижниците и на светите ерарси и богоносни новомаченици и исповедници сè до современите денови? За сите нив верата била, не само убедување, и не само состојба на нивната душа којашто треба да ја постигне, туку нивната душа тоа веќе го имала постигнато. А тоа постигнување е соединувањето со Бога. Тоа била нивната вера, да се живее во Бога.

Верата започнува во умот, а потоа го опфаќа целото срце. Според светоотечката традиција, срцето ги зафаќа севкупните духовни сили на човекот. Навистина, вистинската вера започнува со сознанието како убедување, а потоа ја покорува целокупната човекова природа и го преобразува неговиот живот. Доколку сето тоа не произлезе, тогаш верата ќе биде само еден интелектуален предизвик и некое мудрување, којашто ќе престане да биде делотворна во човековиот живот и нема да им е потребна на луѓето.

Токму заради тоа, многумина низ историјата се обидувале и се обидуваат да ја ослабат верата. Да ја одземат од животот на луѓето, повикувајќи се на сознанието на умот. И ересите биле интелектуален поглед на православието. Тие се труделе преку најразлични философски погледи, логички заклучоци и со лажни учења да ја разнишаат Црквата. Кога тоа не им успеало, започнувале со страшна борба против неа, а таа, пак, како Божја творевина, морала да ја заштитува својата вера, и преку милоста Божја таа е сочувана.

Од дамнина па сè до денес, човекот е ист, проблемите на Црквата Христова се исти. Како во првите векови, во иконоборечкиот период, со различни интензитети и методи, таа не е поштедена ниту во нашето современие. Самиот Господ Исус Христос им вели на апостолите: „Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази... но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот ве мрази... Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазија, и вашите ќе ги запазат. Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име“ (Јован 15, 18 – 21).

И нашата света Црква денес се соочува со слични критики. Ако градиме, зошто градиме, ако правиме, зошто правиме така, а не поинаку, ако не градиме и не правиме зошто не сме работеле? А кога, пак, нешто ќе направиме, медиумите се нафрлуваат на Црквата како на најголем престапник и рушител на законите и прописите во овој свет и во оваа наша држава. Да го земеме како пример уредувањето на дворното место во манастирот „Св. Наум“, или, пак, градбата на конак во манастирот „Св. Заум“. Велат дека сето било нелегално и незаконско. Пренесоа дека сме граделе станбен кварт, а не манастирски конак. А сите знаеме, и тие што пишуваат и што зборуваат, дека таму ниту е урбанизирано или, пак, има некој урбанистички план, па ние да го нарушуваме. Истовремено, дека добар дел градбите во градовите во Македонија, каде што постојат урбанистички планови, се изградени бесправно. Но, тоа не пречи, а пречи кога гради Црквата. Сето тоа со јасна цел, Црквата да биде нападната. 

Но, нашата надеж не е во овој свет. Нашата надеж е во Бога! Се надеваме дека Црквата и овие напади ќе ги надвладее со силата и дејството на Св. Дух. Амин.

Недела на Православието
01. 03. 2015 год.
храм „Св. Георгиј“ Охрид

1nedvp2015 1

1nedvp2015 3

1nedvp2015 5

1nedvp2015 7

1nedvp2015 9

1nedvp2015 11

1nedvp2015 13

1nedvp2015 15

1nedvp2015 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1