Христовото Рождество е радост за небото и земјата, зашто од Дева се роди Словото - Спасителот на светот, Кој дојде во светот за да го избави човекот од гревот и смртта. А кој може повеќе и почисто да се радува на Богомладенецот од оние најчистите по срце - децата, кои и оваа година со радост и неискажлива среќа дојдоа кај Дедо Владика да му го честитаат Рождеството Христово со поздравот: Христос се роди! Како и секоја година, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во просториите на Административниот центар на Дебарско-кичевската епархија во Охрид, приреди прием за свештенството и најмладите од Епархијата, а на нивниот радосен поздрав, Митрополитот Тимотеј им возврати со Божикно пакетче.
НАЈНОВО ОД ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКАТА ЕПАРХИЈА
РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО - БОЖИК
„Нѐ посети од висините нашиот Спасител: Он е Сонцето Кое изгрева и е посветло од секое сонце; а ние, кои сме во темнина и смртна сенка, ја најдовме Вистината, зашто Господ се роди од Дева“ (Светилен ан Утрена на Рождество Христово - Божик).
На денот кога нашиот Спасител Христос се раѓа по тело од Пресветата Дева, на денот кога Словото стана тело и Беспочетниот влегува во времето, на пресветлиот празник на Рождеството Христово - Божик, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. На Божикната Литургија присуствуваше и Претседателот на владата на РСМ, г-дин Димитар Ковачевски. По завршувањето на Литургијата, беше прочитано и Божикното послание, испратено до сите верни чеда на Македонската православна црква - Охридска архиепископија од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА. Истото ви го пренесуваме во целост.
БАДНИК
„Кога Господ Исус се роди од Света Дева, се просветли вселената: пастирите свиреа, мудреците се поклонуваа, ангелите пееја, Ирод се вознемири, зашто Бог се јави во тело, Спасителот на душите наши“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Роджество Христово).
Во навечерието на торжествениот празник на Рождеството Христово, на Бадник, на 06.01.2024 година, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевче Тошевски, свештениците Ристо Камбуроски, Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беа осветени бадниковите гранчиња, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
ПРЕПОДОБЕН НАУМ ОХРИДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ
„Преподобен (Науме), кој и сега достојно го благовестиш прекрасниот мир кој секаков ум надминува, дивите народи мизиски, кои беа како диви ѕверови, си ги ставил во прегратките Христови, Затоа испроси непоколеблив мир и милост голема“ (седален на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).
Празнувањето на големиот охридски светија, преподобниот Наум Охридски Чудотворец, започна на 04.01.2024 година, во вечерните часови, во Светинаумовиот манастир на Охридското Езеро, со Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Празнувањето на големиот подвижник и чудотворец продолжи утредента, на 05.01.2024 година, во истиот манастир, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Атанас Казанџиски и Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
СВ. НИКОЛАЈ МИРЛИКИСКИ ЧУДОТВОРЕЦ
„Откако се искачи на висината од добродетелите и оттаму се озари со светлината на божествените чудеса, навистина се покажа како пастир на вселената, и наш непобедлив застапник во опасностите. Затоа преславно го победи непријателот, лагата ја протера, и луѓето ги спаси од смртта. Моли Го Христа Бога, Николае, да им даде прошка на гревовите на оние кои со љубов го чествуваат твојот свет спомен“ (седален на Утрена на св. Николај Мирликиски Чудотворец).
На 19.12.2023 година, денот кога го празнуваме споменот на светиот Николај Мирликиски Чудотворец, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.