„Денес неплодната врата се отвора, и пред неа врви божествената врата девствена. Денес благодатта почнува да раѓа плод, кој на светот му ја објавува Божјата Мајка, со чија помош се собираат небесните и земните, за спасение на душите наши“ (стихира на Господи повикав... на Голема вечерна на празникот Рождество на Пресвета Богородица). 

 

Во светиот ден на Рождеството на Мајката Божја, земниот престол на Бога, Кој почива на разумни престоли, и оваа година торжествено беше прославен на сите места во нашата Епархија. Прославата на празникот на Рождеството на Божјата Мајка започна на 20.09.2023 година, со посета на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Г. Манастирец, Македонски Брод, каде беше отслужен Акатист на Мајката Божја, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Ефросиниј, свештеникот Зоран Ставрески и ѓаконот Марко Спасовски. Празнувањето продолжи во вечерните часови во манастирот „Пресвета Богородица“ - Пречиста во Кичево, со Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритите Доситеј и Кирил, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Макариј, свештениците Горан Ставрески, Љупчо Бакрачески, Александар Матески, Павел Крцоски и Драган Шуминоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, ѓаконот Марко Спасовски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. Со Божји благослов, овој наш свет манастир, на оваа празнична вечерна богослужба, доби уште еден свој вреден работник на Божјата почва, во лицето на искушеничката Николина Петреска од Охрид. Со благослов на својот духовник, и по поминати седум години искушенички живот, Николина беше потстрижана во монашки чин од раката на Митрополитот Тимотеј, и го доби монашкото име Теодосија. На сестра Теодосија од името на целата Епархија ѝ посакуваме исполнување на своите завети, добра служба на Севишниот Бог, и беспрекорно служење на нашата света црква, а за доброто на сите и за спасение на нејзината душа. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

Повеќе...

На 19.09.2023 година, во просториите на Административниот центар на Дебарско-кичевската епархија во Охрид, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, оствари средба со Неговото Високопреосвештенство Архиепископот на Михаловце и Кошице (Словачка) г. Јурај. На средбата, беше постапено и според Одлуката на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, со која беше дозволено и благословено, а според барањето на Словачкиот Архиепископ, да се дадат дел од моштите на свети Климент Охридски Чудотворец. Архиепископот г. Јурај ги прими моштите од нашиот Митрополит Тимотеј, а како благодарност му подари прекрасна панагија. 

Повеќе...

На 13.09.2023 година, во просториите на Административниот центар на Дебарско-кичевската епархија во Охрид, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј оствари средба со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Старозагорски г. Кипријан, од Бугарската православна црква, кој беше придружуван од своите блиски соработници. 

Повеќе...

„Откако се собравме, верни, да го прославиме посредникот меѓу законот и благодатта, оти тој ни проповедаше покајание, смело и јавно го укори ирода, и главата му беше отсечена. И сега, живеејќи со ангелите, се моли на Христа да се спасиме“ (седален на Утрена на празникот Отсекување на чесната глава на св. Јован Крстител).

 

На 11.09.2023 година, денот кога го славиме празникот Отсекување на чесната глава на светиот славен пророк, Претеча и Крстител Јован, во манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, Архимандритите Доситеј и Кирил, еромонасите Макариј, Еразмо и Григориј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

Повеќе...

„На Твојот животворен Крст непрестајно клањајќи се, Христе Боже, тридневното Воскресение Твое го славиме, зашто со него си ја обновил распаднатата човечка природа, Сесилен, и си го обновил патот кон небесата, како единствен добар и Човекољубец“ (стихира на Господи повикав... на Воскресна Вечерна, глас 4-ти).

 

Тринаесеттата недела по Педесетница, и празникот на св. апостол Тадеј и св. мч-ца Васа Солунска, оваа година го одбележавме во манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Кнежино, Кичево. Славословијата за Господа започнаа  на 02.09.2023 година, во попладневните часови, со Воскресна вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски и свештениците Горан Ставрески, Александар Матески и Александар Крстаноски. Празнувањето продолжи утредента, на 03.092023 година, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуаше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

Повеќе...
Страница 27 од 294

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2