„Тебе, Творецот на сѐ и Бога, гледајќи Те на Крстот, Христе, онаа која бессемено Те родила, горко викаше: Сине Мој, каде зајде Твојата убавина! Не можам да гледам како Те распнуваат неправедно: но побрзај, стани, за да го видам и јас Твоето тридневно од мртвите воскресение“ (стиховна стихира на Вечерна на Велики петок).
На 14.04.2023 година, на Велики петок наутро, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беа отслужени царските часови и Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.