„Твојата свештена риза, со којашто си го покривала твоето свето тело, Чиста и Богоблагодатна, на сите верни си им ја дарила како облека на нераспадливоста; со љубов го празнуваме нејзиното полагање, и со страв ти викаме: Радувај се, чиста Дево, пофалбо на христијаните“ (кондак на Утрена на празникот Полагање на ризата на Пресвета Богородица во Влахерна).

 

Сенепорочната и единствена благословена, Пресветата Мајка Божја, која се покажа почесна од херувимите и пославна од серафимите, нѐ удостои нас грешните и недостојни раби, по долги години и поминати цели генерации, повторно да го видиме обновен манастирскиот храм во Заум, с. Трпејца, Охрид, посветен на празникот Полагање на ризата на Пресвета Богородица во Влахерна, на уште еден спомен на нејзините преизобилни чуда. Имено, откако пред неколку години беше возобновен манастирскиот конак во Заумскиот манастир, по молитвите на Мајката Божја, а со Божјиот благослов и благодат, оваа година засветли во сиот свој сјај и центарот на манастирот - Богородичниот преукрасен храм, кој после долги години осквернавеност и запуштеност, беше облечен во ново достојно руво. Откако беа завршени конзерваторските и архитектонските работи од страна на надлежните институции, со благослов на нашиот Митрополит Тимотеј, храмот беше и целосно внатрешно обновен, поточно беше поставен нов мермерен под, нов мермерен иконостас со нови икони, а беше поставен и нов престол. 

Повеќе...

„Како два светилника го просветчлувате она што е под небото; движени од Духот, богоносци, сета твар ја обиколувате, и оние кои лежат болни на постела ги посетувате, и од неволји избавувате“ (песна од канонот на Утрена на празникот на светите бесребреници Козма и Дамјан).

 

На 14.07.2023 година, на денот кога си спомнуваме на светите бесребреници Козма и Дамјан, кои биле мачени во Рим, во храмот „Св. Козма и Дамјан“ во Пештани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Ристе Ристевски и Александар Димоски, свештениците Атанас Казанџиски, Димче Азески и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

Повеќе...

„Да го воспееме сите врвот на апостолите, божествените Петар и Павле, светилници на вселената, проповедници на верата, труби на Божјата наука, толкувачи на учењата, столбови на Црквата и разорители на лагата“ (светилен на Утрена на празникот на св. апостоли Петар и Павле).

 

На 12.07.2023 година, денот кога ги празнуваме светите славни, сефалени и првоврховни апостоли Петар и Павле, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

Повеќе...

„Денес радоснотворното раѓање Претечево стави крај на татковата тага, поради онеменоста, и на неплодноста мајкина, а ја навестува идната радост и веселие; затоа и сета твар светло го празнува“ (Светилен на Утрена на празникот Раѓање на св. Јован Крстител - Иванден).

 

На 07.07.2023 година, на празникот Раѓање на св. славен пророк, Претеча и Крстител Јован, во ман. „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, и оваа година торжествено беше прославен споменот на предвестителот на нашето спасение. Роденденот на светиот Јован Крстител беше прославен со сеноќно бдение и света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, архимандритите Доситеј и Кирил, еромонасите Макариј, Еразмо и Григориј, свештениците Горан Ставрески и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Порфириј. По завршувањето на Литургијата, беше осветено празничното коливо, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

Повеќе...

„Да застанеме, браќа, во домот на нашиот Бог и во дворовите Негови, и да ги прославиме Неговите величија и чудеса, зашто е дивен во Своите светии, кои се покоруваат на Неговите заповеди. Со нив и Наум пречудниот се радува“ (песна од канонот на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).

 

Навистина Бог е дивен во Своите светии, зашто во нивното лице, во нивниот живот, па и во нивната смрт, се гледа убавината на образот Божји, исчистен и оправдан, образот според кој и човекот беше создаден. Затоа светиите светат како светила уште тука на земјата, а уште повеќе се прославуваат по нивното преселување во прегратките на Бога. Ете зошто и не избледнува споменот за светиите и после децении и векови поминати од нивната блажена смрт. Таков е случајот и со нашиот преподобен Наум Охридскиот Чудотворец, нашиот храбар Црноризец, кој го поучувал, лекувал и се молел за нашиот народ, а и уште се моли, лекува и поучува. И оваа 2023 година, во деновите на прославата на великиот светија, на 02 и 03 јули, манастирот на Белото Езеро - „Св. Наум Охридски“ беше преисполнет со верни луѓе од сите краишта на нашата земја и од сите страни, кои дојдоа да се поклонат на гробот на Преподобниот, и да се помолат за себе и за своите ближни. Прославата на преподобниот Наум започна на 02 јули, во вечерните часови, кога беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Димче Ѓорѓиески, свештениците Димче Азески и Горан Ставрески, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. 

Повеќе...
Страница 27 од 291

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3