„Богоотецот Давид играшепред ковчегот на заветот, а ние, светите Божји луѓе, гледајќи го исполнувањето на тие предобрази, да се веселиме божествено, зашто Христос Воскресна, како сесилен“ (песна од канонот на Утрена на Воскресение Христово).
На 16.04.2023 година, на денот на славното Воскресение Христово, денот кога нашиот Спасител, Господ Исус Христос, го победи човековиот најголем непријател - смртта, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше торжествено дочекан овој момент на спасението на човековиот род. Веста за Воскресението Христово, точно на полноќ, ја објави нашиот духовен водач и молител пред Бога, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, а во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Кирил Јованоски, еромонахот Никодим Паскали и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Потоа беше отслужена и света архиерејска Литургија, а беше и прочитано Велигденското шпослание, испратено до сиот верен народ, од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, заедно со членовите на САС на МПЦ-ОА. Истото ви го пренесуваме во целост.