„Плодот на праведните Јоаким и Ана, како дете Му се принесува на Бога во светиот храм - хранителката на нашиот живот, која ја благослови првосвештеникот Захарија. Сите ние, како Мајка Божја, верно да ја прославиме“ (седален на Утрена на празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот).
На 04.12.2022 година, на денот кога го прославуваме празникот Воведение во храмот на Пресвета Богородица - Пречиста, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Кирил Јованоски, свештениците Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.