„Крстот светол што ти се јави од небесата, си им го проповедал на сите, просветлувајќи ги јасно народите, славен Јоване Владимире; со пролевањето на својата крв си се украсил, и си се удостоил за непропадливите почести, стоејќи пред Света Троица; затоа со смелост моли се за нас на Христа нашиот Бог“ тропар на св. Јован Владимир).
На 04.06.2024 година, денот кога г прославуваме споменот на светиот Јован Владимир и на светиот праведен Мелхиседек, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димитрија Павлески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши преосветување на храмот „Св. Јован Владимир“ во с. Подгорци, Струга. Храмот започнал да се гради во 1924 година, а се изградил наредната 1925 година. Сегашната реконструкција на храмот започна во 2021 година, со заложбите и со донација на г-дин Владо Пупиноски, како и со поддршката и помошта од иницијативниот и црковниот одбор од селото. Храмот е целосно фрескоживописан од зографот Тони Милцов, а иконостасот потекнува од 1925 година, а сега е реставриран од страна на г-дин Перо Шутиноски. Поставен е и нов мермерен под и нов престол. По осветувањето на храмот, беше отслужена и света архиерејска Литургија, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.