Учењето на св. Максим Иповедник за причината и целта на Христовото Воплотување
Воплотението е прва и безусловна цел на Создавањето. Како се случило Воплотението, во кое се соединило Божјото величие и човековата празнина, е непоимлива тајна, но ние можеме да се трудиме да ја разбереме причината и целта на тоа Божјо дело. И таа првобитна причина и конечна цел, според мислењето на преп. Максим, е токму самото Воплотение, заедно со нашето подоцнежно влегување во Телото на Воплотениот. Преп. Максим ја изложува својата мисла со крајна јасност и одреденост. Да обратиме внимание на Шеесеттото прашање од ,,Прашања и одговори до Таласиј”, што претставува толкување на местото од Првото послание на св. ап. Петар: …Непорочното и чисто Јагне – Христос, Кој беше предназначен уште пред создавањето на светот (1. Петр. 1, 19-20). Се поставува прашањето: ,,Од Кого предназначен?”. Одговарајќи на ова, преп. Максим Исповедник, пред сѐ, кратко го изложува учењето за Христовата Личност, по што продолжува: ,,Тоа е Божествен завршеток, поради кого сѐ постанало (создаденото битие). Тоа е Божествена цел, замислена (од страна на Бога) уште пред почетокот на сѐ што постои, а која ние ја одредуваме на следниот начин: тоа е оној однапред замислен завршеток, поради кого сѐ постои, но кој самиот постои не поради што и да е друго постојно. Имајќи го предвид тој завршеток, Бог вовел во битие сѐ што постои. Тоа, во вистинска смисла на зборот, е кулминација на Промсилата, а, исто така, и на сите оние за кои се случи воглавување во Бога (на сите постојни битија), на сѐ што Он создал. Тоа е тајна што ги опфаќа сите векови, којашто го открива надбесконечниот и велик Божји Совет, којшто бесконечно и бескрајно им претходи на вековите, а чиј Ангел бил Самото сушто Божјо Слово, Кој постанал Човек. Словото ја пројавило, ако е дозволено така да се каже, најдлабоката основа на Отечката Добрина и го покажало во Себе – Завршетокот, поради кој, сосема очигледно, созданијата примиле почеток на своето постоење. Зашто, преку Христа или преку тајната во Христа, сите векови и сето она што е во нив примиле почеток и крај на своето постоење. Зашто уште пред вековите беше наумено (од Бога) соединувањето на границите и безграничијата, мерите и безмеријата, крајот и бескрајот, созданијата и Творецот, движењето и мирувањето – она соединување што (потоа) е јавено во Христа на крајот од времето”.1
Неопходно е јасно да се разликува вечното битисување на Словото во Света Троица од Домостројот на Неговото Воплотување. ,,Предодредувањето” се однесува токму на Воплотението: ,,Христос затоа бил предодреден не таков каков што е Он по Својата природа, туку таков каков што подоцна се воплотсил според Домостројот заради нас.2 Укажувањето на ,,безусловното предодредување на Христа (Воплотениот)” е потполно очигледно.
Ова убедување во целост одговара на општиот карактер на богословската мисла на преп. Максим и тој, не еднаш, се враќа на него, како во Одговорите до Таласиј така и во Амбигва. На пример, во врска со Ефес. 1, 9, преп. Максим говори: ,,Христос, со Своето Воплотување, ни покажал поради што сме создадени, а и какво беше Божјото благоволение за нас пред сите векови”3. Човекот, според самото свое устројство, ја предобјавува во себе ,,големата тајна на Божествената замисла” – исполнувањето на секое создание во Бога. Целата историја на Божествената Промисла, за преп. Максим Исповедник, се дели на две етапи: првата ја достигнува својата кулминација во Воплотението на Словото и е историја на слегувањето на Бога кон луѓето (,,преку Воплотението”), а втората етапа е историјата на издигнувањето на човекот кон славата на обожувањето, т.е. ширењето на Воплотението на секоја твар. ,,Според тоа, и ние треба во мислите да ги поделиме епохите и едната да ја одредиме како онаа што се однесува на тајната на Божјото Очовечување, а другата (како онаа што се однесува) на благодатта на човековото обожување… Говорејќи накратко, едната епоха се однесува на Божјото слегување кон луѓето, а другата на издигнувањето на луѓето кон Бога… Или подобро: почеток, средина и крај на сите векови, минати, сегашни и идни, е Господ наш Исус Христос”4.
Конечното остварување и исполнување за преп. Максим е во врска со првобитната творечка волја и Божја намера: на тој начин, неговото сфаќање е строго ,,богоцентрично” и, истовремено – ,,христоцентрично”. Во тоа сфаќање, пак, ниту на момент не се заборава на тешката реалност на гревот и бескрајната неволја на гревовното постоење. Преп. Максим Исповедник не престанува да ја нагласува неопходноста од покајно обраќање и очистување на волјата, како и неопходноста од борба против злото и страстите. Но, тој (истовремено), сепак, ја согледува трагедијата на гревопадот и отстапништвото на созданијата и во пошироката перспектива на првобитната замисла и Божјото предвидување.
- Quest. ad Thalass., 60; PG 90, 621 A-B. ↩︎
- PG 90, 624D. ↩︎
- PG 91, 1097C. ↩︎
- Quest. ad Thalass., 22; PG 90, 320 B-C. ↩︎
Извор: Георгиј В. Флоровски, протоереј, Воплотение и искупување, том II, Канео, Охрид 2021, 80-84.






