Свети Теофан Затворник
Делото на молитвата е првото дело во животот на христијаните. Ако веќе и во обичниот живот има вредност изреката, „човекот учи додека е жив“, таа уште повеќе е поприменлива на молитвата, со чие занимавање не треба да се прекинува и чии степени немаат граница.
Сакам да потсетам на мудриот обичај на древните свети отци, согласно кој тие, поздравувајќи се при средбите, се прашувале еден со друг не за здравјето или за нешто друго, туку за молитвата: „Како ти оди или како дејствува молитвата?!“ Дејствувањето на молитвата во нивните очи било знак за духовниот живот, па и молитвата ја нарекувале: дишење на човековиот дух. Ако телото дише – живо е; ако дишењето престане – престанува и животот. Така е и со духот: кога има молитва – живее, а ако ја нема – во духот нема ни живот.
Сепак, не секое извршување на молитвата или изговарање на молитвата е молитва. Да се застане пред икона, дома или во храмот, и да се прават поклони не е молитва, туку својство на молитвата. Да се изговараат молитвите напамет или да се читаат од книга или да се слуша некој друг како ги чита – сè уште не е молитва, туку орудие на молитвата, или начин на нејзиното манифестирање.
Самата молитва претставува подигнување на едно по друго побожно чувство кон Бога во нашето срце: чувствување на нашата сопствена ништожност и преданост кон Бога, благодарење, славословење на Бога, простување, усрдно припаѓање, скрушеност, послушност на Божјата волја и друго. Сета наша грижа треба да се однесува на тоа како за време на молитвата ваквите и други слични чувства да ни ја исполнат душата, па кога јазикот ја изговара молитвата или кога увото ја слуша, а телото прави поклони, нашето срце да не биде празно, туку во него да постои какво и да е насочено чувство кон Бога. Кога ќе постојат такви чувства, нашето молитвословие е молитва, а кога ќе нема такви чувства – не е.
На човекот му се чини: што е поедноставно и поприродно за нас од молитвата или стремежот на срцето кон Бога? Но, неа ја немаат сите, а и оние кои ја имаат ја немаат засекогаш. Тој стремеж треба да се побуди и така побуден треба да се засили, или, што е исто, треба во себе да го негуваме духот на молитвата. Првиот начин на негување на тој дух е читањето или слушањето на молитвословието. Усовршувај го тоа онака како што треба и неизоставно ќе го побудиш и засилиш во своето срце издигнувањето кон Бога, ќе стекнеш молитвен дух.
Во нашите молитвеници се наоѓаат молитви од светите отци: од Ефрем Сирин, Макариј Египетски, Василиј Велики, Јован Златоуст и од други големи молитвеници. Бидејќи биле исполнети со молитвен дух, она што тој дух им го влеал во душата тие го изразиле во зборовите на молитвата и ни го пренеле. Во нивните молитви дише голема молитвена сила, и оној кој со целосно внимание и усрдност ќе проникне во нив, според законот на взаемното дејствување, неизоставно ќе ја вкуси таа сила, во мерата на блискоста на своето расположение со содржината на молитвата. За да постане изговарањето на молитвеното правило за нас реално средство за негување на молитвата во нас, тоа треба да се извршува на начин што и мислата и срцето ќе ја примаат во себе содржината на молитвите што го сочинуваат.
Ќе укажам на три наједноставни постапки:
- Не пристапувај кон молитвување без претходна, па макар и кратка, подготовка;
- Не извршувај го како и да е, но секогаш со внимание и чувство;
- А по завршетокот на молитвите, не преминувај веднаш кон своите вообичаени активности!
Нека биде молитвувањето во нашите очи и најобично нешто, сепак никако не може да не изискува подготовка. Што е за оние кои знаат да читаат и пишуваат поедноставно од читање и пишување, но сепак, кога ќе седнат да читаат или да пишуваат, тоа не го прават веднаш, туку малку се двоумат, барем онолку колку што им треба да се сосредоточат. Што значи дека дотолку понеопходно е за човекот, пред да пристапи кон молитвата, да направи некои подготвителни дејства, особено тогаш кога претходно се занимавал со нешто друго што нема никаква врска со светот на молитвата.
Значи, пристапувајќи кон извршување на молитвата, наутро или навечер, застани малку, поседи или постој на нозе и потруди се во тие моменти да ја отрезниш мислата, одвлекувајќи ја од сите земни работи и предмети. Потоа помисли Кој е Оној на Кого Му се обраќаш со молитва, а кој си ти, кој сега треба да го започнеш своето молитвено обраќање кон Него, па потоа согласно таа свест побуди во душата расположение да стоиш ништожен (сиромашен) во срцето пред Бога со побожен страв. Во тоа е целата подготовка – побожно да стоиш пред Бога, не е голема, но многу е важна. Со неа се полага почетокот на молитвата, а добриот почеток е половина од работата.
Откако ќе ја утврдиш одвнатре, застани потоа пред иконата и, откако ќе направиш неколку поклони, започни го вообичаеното молитвување: „Слава Ти, Боже наш, слава Ти“, „Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, Ризницо на добрините и Животодавче, дојди и всели се во нас и очисти нè од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, нашите души“ и друго. Молитвите изговарај ги пополека, проникни во секој збор и одведи ја мислата на секој збор до своето срце, следејќи го тоа со поклони. Во тоа е целокупното дело на молитвата – пријатно на Бога и плодоносно. Проникни во секој збор и неговата мисла одведи ја до срцето, или поинаку кажано – разбирај го она што го изговараш (или читаш) и тоа што си го разбрал – почувствувај го. Други правила не ти требаат.
Овие две нешта – ,,разбирањето” и ,,чувствувањето” – доколку се исполнат онака како што треба, го украсуваат секое молитвување со целосно достоинство и му придаваат плодотворно дејство. На пример, кога изговараш: ,,прости ни ги нашите долгови, како и ние што им ги простуваме на нашите должници”, во својата душа прости им на сите и со срцето кое на сите им простило проси за себе прошка од Господа. Кога изговараш: ,,да биде волјата Твоја”, и во своето срце целосно предади ја својата судбина на Господа и безусловно изрази подготвеност спокојно да тргнеш кон средба со сѐ што на Господа ќе Му биде угодно да ти испрати. Ако правиш така при секој збор од својата молитва, ќе имаш вистинска молитва.
За да можеш да ја извршуваш молитвата на таков начин, еве што треба да правиш:
- Имај молитвено правило со благослов од својот духовен отец, не многу големо, туку такво што можеш да го исполниш без брзање, покрај своите тековни работи;
- Пред да застанеш да се молиш, во слободно време препрочитувај ги молитвите што влегуваат во твоето молитвено правило, сфати го секој збор и почувствувај го, па, така да се каже, однапред да знаеш што треба кај секој да ти трепери во душата, а уште подобро е ако ги научиш наложените молитви напамет. Кога ќе го правиш тоа, ќе ти биде лесно во времето на молитвување да ги чувствуваш молитвите со разбирање. Ќе преостане само една тешкотија: мислата, која и онака насекаде лета, во секој случај ќе ти се оттургнува кон другите предмети! Еве што треба тука да се прави:
- Треба со сета сила да се напрегнеш за да го сочуваш вниманието, однапред знаејќи дека ќе ти бега мислата. Потоа, кога ќе се случи за време на молитвата таа навистина да побегне – веднаш врати ја, и така секојпат. А секојпат, исто така, она што си го читал во моментот кога мислата ти побегнала, следствено, си го прочитал без разбирање и чувствување, не заборавај повторно да го прочиташ, па макар и мислата да ти бега на истото место неколку пати, читај го тоа место сѐ додека не го прочиташ со разбирање и чувствување. Кога еднаш ќе ја надвладееш таа тешкотија, таа можеби друг пат нема да се повтори, или барем не со толкава сила. Така треба да се постапува кога мислата се оттургнува и расејува.
Но, може да се случи и тоа некој збор толку силно да подејствува врз душата, и таа не сака да оди понатаму на друга молитва, па, иако јазикот ги изговара, мислата во секој случај бега наназад кон она место кое оставило врз душата толку силен впечаток.
Во секој случај, задржи се на него, не читај понатаму, туку застани со внимание и чувство на тоа место, нахрани ја со него својата душа, односно со оние мисли што ти ги предизвикало. И не брзај да се оттургнеш од таа состојба, но ако ти недостига време, подобро е и правилото да оставиш недовршено отколку да ја разбиеш таа душевна состојба. Таа можеби ќе те осенува и низ целиот побожен ден, како некој Ангел чувар. Таквите дејства на Божјата благодат врз душата во времето на молитвата значат дека во душата започнал да се вгнездува молитвениот дух и, согласно тоа, зачувувањето на таа состојба е најсигурното средство за негување и засилување на молитвениот дух во нас.
На крајот, кога ќе завршиш со молитвувањето, не преминувај во истиот момент на каква и да е друга работа, туку, исто така, постои малку и размисли што всушност си правел и на што си се обврзал со тоа, и труди се, доколку ти биде дадено, она што си го почувствувал во времето на молитвата да го сочуваш и по неа. Всушност, оној кој духовно правилно ќе ги извршува своите молитви, ниту самиот нема да има волја брзо да се сврти кон грижите за земните работи. Такво е всушност својството на вистинската молитва! Она што нашите предци го говореле при враќањето од Цариград — ,,оној кој ќе вкуси сладост, не сака горчина” – се случува со секој кој при својата молитва добро се молел. И треба да се знае дека вкусувањето на таа молитвена сладост е и целта на молитвувањето, и доколку тоа го негува молитвениот дух во човекот тоа се случува токму преку тоа вкусување. (Но, факт е дека не смееме да се стремиме кон какви и да се возвишени состојби на молитвата, ниту, пак, не дај Боже, преку автосугестија или подлегнувајќи на демонските замки самите да ги предизвикуваме — духовната сладост секогаш е незаслужен дар на благодатта, до кој се доаѓа преку многу маки на сопствениот дух, кој преку страдањето треба да ја сомеле својата гордост).
Ако човек ги исполнува овие не толку големи правила, наскоро ќе ги согледа плодовите на молитвениот дух… Секое молитвување остава трага на продолжување на молитвата во човековата душа, а неговото непрестајно продолжување на правилен начин ја вкоренува во неа, а трпението, кое човекот притоа го покажува, му го всадува во душата молитвениот дух.
Тој молитвен дух да ви го подари Господ, по молитвите на Пречистата Владичица наша Богородица!
Со ова укажав на првиот, почетен начин на негување на молитвениот дух во себе, на извршувањето на молитвата сообразно со нејзиното назначување, дома, наутро и навечер, и во храмот. Но, тоа сѐ уште не е сѐ.
Извор: Молитвата — средба со Бога, Канео, Охрид 2022, 9 – 16 стр.






