„Света Богородица Болничка“

Местоположба и историски контекст

Црквата „Св. Богородица Болничка“ е изградена во стариот дел од градот Охрид, во близина на брегот на Охридското Езеро. Таа се наоѓа во маалото кое се викало Болничко, бидејќи во средниот век тука постоела болница. Веднаш до оваа црква се наоѓа црквата „Св. Никола Болнички“, а двете цркви ги дели само еден сокак. Според некои научни автори, оваа црква претставувала католикон на единствениот градски женски манастир во Охрид. Црквата е изградена околу 1368–1370 година од страна на ктиторот Јаков, игумен на Светиклиментовиот манастир на Плаошник.

Градба, реконструкции и фрескоживопис

Таа била изградена како еднокорабна градба и во истиот период била фрескоживописана. Од фреските од овој период денес се зачувани само оние на северниот ѕид од наосот и во олтарниот простор. Околу 1400 година црквата била реконструирана со трансепт, поставен над наосот, и била декорирана со нови фрески на сводот, на јужниот ѕид и во олтарот. Во црквата биле извршени интервенции и во XVI и во XVII век, а последната поголема интервенција се случила во 1834 година, кога таа повторно била живописана, при што старите фрески биле покриени со малтер. Во 1959/1960 година биле извршени конзерваторски работи, при што овој подоцнежен живопис бил внимателно отстранет. Денес истиот се наоѓа како експонат во припратата на црквата.

Иконостас, архитектонска форма и црковен двор

Во црквата е поставен резбан иконостас, изработен од ореово дрво во 1833 година од резбарот Никола Дарковски Караџовиќ од Лазарополе. На иконостасот се наоѓаат две престолни икони од XVII век, како и царски и северни двери од 1808 година. Едното место во иконостасот е празно, бидејќи една икона била однесена во Музејот во Скопје, но денес на нејзиното место е поставена нова икона. Над престолните икони се наоѓаат 11 помали икони од XIX век, а над нив Распетие изработено во резба во 1830 година. Денешната црква претставува еднокорабна градба со попречен трансепт и полукружна источна апсида. Во неа се влегува од западната и од јужната страна. Западно и јужно од црквата е изградена затворена припрата, во која може да се влезе само од јужната страна. Целиот црковен двор е ограден со висок ѕид изработен од камен и цигла. Во црковниот двор некогаш постоеле и гробишта.

Богослужбен живот и традиција

Црквата е секојдневно отворена за верници и посетители. Во неа се богослужи на денот на светите маченици Кирик и Јулита, на 28 јули, бидејќи тука се чувале светите мошти на мачениците Кирик и Јулита. Иако светите мошти биле украдени од црквата во 2006 година, оваа традиција и понатаму продолжува да се одржува, со надеж дека тие повторно ќе бидат вратени.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК