„Свети Никола Болнички“

Местоположба и историски контекст

Црквата „Св. Никола Болнички“ е изградена во стариот дел од градот, непосредно до ѕидот од Долна Порта, во близина на брегот на Охридското Езеро. Изградена е во маалото кое се викало Болничко, бидејќи во средниот век тука постоела болница. Веднаш до оваа црква се наоѓа црквата „Св. Богородица Болничка“, и всушност двете ги дели само еден сокак. Околу целиот црковен двор е изградена висока камена ограда, освен од северната и јужната страна, каде што се изградени неколку куќи.

Архитектонска поставеност и доградби

Црквата претставува еднокорабна градба со тристрана апсида од источната страна и со два влеза, од западната и од јужната страна. Над западниот ѕид висински е изградена камбанарија, која се состои од еден ѕид со внатрешни две арки, во кои е поставена камбаната. Според својата форма, камбанаријата е единствена по својата архитектонска појава во Охридското намесништво. Од западната страна е доградена припрата, а од јужната страна е дограден затворен трем, кои меѓусебно се поврзани. На источниот ѕид од јужниот трем се доградени две полукружни ниши, кои претставуваат свет престол и жртвеник, односно оформуваат мал параклис посветен на светите апостоли, кој најверојатно имал и погребална намена. Влезот во црквата е преку вратата од западниот трем.

Живопис, уметничко наследство и состојба

Црквата во најголем дел е градена од камен, со употреба и на парчиња од печена тула. Надворешниот западен и јужен ѕид од црквата се живописани со фрески. Внатрешноста на црквата е фрескоживописана во периодот меѓу 1330 и 1340 година. Јужната фасада била живописана во 1345 година, кога е изграден јужниот трем, од страна на ктиторот, охридскиот архиепископ Никола. Во 1467 година бил доѕидан и оформен јужниот параклис и истиот бил живописан со фрески, а подоцна, во 1480 година, била живописана и западната фасада. Во црквата се наоѓала резбана влезна врата од XIV век, која денес се чува во Археолошкиот музеј во Софија и на која се прикажани 16 одделни сцени. Денес во црквата нема иконостас, а таа е отворена секојдневно за верници и посетители. Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата на Република Македонија за оваа црква има евидентирано седум икони.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК