„Спасителу наш, кога се крсти во Јордан, ги освети водите, прифаќајќи еден слуга да ги положи своите раце врз Тебе, за да го исцелиш светот од страстите. Голема е тајната на Твоето јавување! Човекољупче Господи, слава Ти.“ (хвалитна стихира на Утрена на Свето Богојавление на Господ Исус Христос).
На 19.01.2023 година, денот кога го прославуваме светлиот празник на Светото Богојавление на Господ Бог и Спасител наш Исус Христос, Вистинската Светлина, Кој на сите им дарува просвештение, во храмот „Успение на Пресвета богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Љупчо Бакрачески, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Голем Богојавленски водосвет, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме.