„Колку што Пресветиот Дух ти даде да претскажуваш, сечесни пророче Илија, си претскажал за доаѓањето на Синот Божји, и не си погрешил, себлажени. Нему ние Му пееме: Боже на нашите татковци, благословен си“ (песна од канонот на Утрена на св. пророк Илија).
Празникот на светиот пророк Илија и на светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, како и на празникот на нашата држава - славниот ден Илинден, и оваа година беше свечено одбележан и прославен во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево. Празнувањето започна на 01.08.2022 година, во вечерните часови, со празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Илија Димитриевски, еромонахот Макариј, свештениците Александар Матески и Роберт Илијевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше отслужен Парастос за покој на душите на сите борци кои ги дале своите животи во одбрана на нашата Црква и Татковина.