„Христе, разумно Сонце на правдата, Ти си засветлил од Дева, и ѕвезда Те покажа сместен во пештера, Тебе - Несместливиот. Мудреците си ги упатил да Ти се поклонат; со нив и ние Те величаме, Животодавче, слава Ти“ (тропар на Вечерна на Рождество Христово).
На 06.01.2023 година, во навечерието на пресветлиот празник на Рождеството Христово, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевчо Тошевски, свештениците Ристе Камбуроски, Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната, беа осветени бадниковите гранчиња, а Митрополитот Тимотеј се обрати во преполниот храм со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.