На 26.07.2022 година, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Макариј и ѓаконот Марко Спасовски, ги освети новите четири камбани, кои уште повеќе ќе ја украсат торжественоста на овој наш древен манастир. Нивното благочестиво биење да нѐ побудува на молитва и страв Божји, а Пресветата Мајка Божја да направи нивниот звук навек да одекнува за радосни вести.
НАЈНОВО ОД ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКАТА ЕПАРХИЈА
СВ. БЕСРЕБРЕНИЦИ И ЧУДОТВОРЦИ КОЗМА И ДАМЈАН
„Хорот на светите се радува во вековите, зашто го наследија Царството Небесно; земјата, откако ги прими нивните мошти, изпушта блага миризба; откако се вселија во вечниот живот, станаа слуги Христови“ (хвалитна стихира на Утрена на св. бесребреници Козма и Дамјан).
.На 14.07.2022 година, кога го славиме споменот на светите бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан, Римските маченици, во храмот „Св. Козма и Дамјан“ („Св. Врачи“) во Пештани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Ристе Ристевски, свештеникот Атанас Казанџиски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
СВ. АП. ПЕТАР И ПАВЛЕ - ПЕТРОВДЕН

„Сигурните и богогласни проповедници, врвот на апостолите Твои, Господи, си ги примил во наслада и покој на Твоите добра, бидејќи нивните страдања и смрт си ги примил подобро од секоја првина, Ти, Кој единствен знаеш да ги читаш срцата на луѓето“ (кондак на Утрена на св. ап. Петар и Павле).
На 12.07.2022 година, денот кога го прославуваме споменот на светите славни, сефални и првоврховни апостоли Петар и Павле, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
БЕСЕДА НА МОНАШЕЊЕ НА ИВАНДЕН

Во продолжение Ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј, изговорена пред Литургијата на монашењето на празникот Рождество на св. Јован Крстител, во манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски, на 07.07.2022 година.
РОЖДЕСТВО НА СВ. ЈОВАН ПРЕТЕЧА - ИВАНДЕН

„Непрестајно, како гласот на оној кој вика (во пустината), моли Го Избавителот на светот, Крстителу, да ја разреши неплодноста духовна, на оние кои го воспеваат твоето раѓање“ (песна од канонот на Утрена на празникот Рождество на св. Јован Крстител).
На 07.07.2022 година, торжествено беше прославен денот кога го прославуваме Рождеството на славниот пророк, претеча и Крстител Јован - Иванден, во манастирот „Св. Јова Крстител - Бигорски“. Празнувањето започна со пет нови монашења, пет нови подвижници, кои доброволно се откажаа од светот, за да Му служат на Бога. Имено, искушениците Драги Златковски, Џанго Котевски, Филип Гула, Анѓел Јовановски и Глигорчо Пуреовски го примија монашкиот потстриг од нашиот духовен водач, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, и ги добија имињата (според наведениот ред): Јоаникиј, Јоаким, Филип, Ангелариј и Григориј. Откако заврши чинот на монашењето, кон нив и кон верните Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто ќе ви ја пренесеме во посебна објава.