„Како пролет ни засветли - светлото Господово и божествено воскресение, од земната кон небесната Пасха преведувајќи не. Со неа, пак, ни сјае светлозарниот спомен на сеславниот Маченик Георгија, што светло го извршуваме, за да се удостоиме за божествената благодат од Спасителот Христа“ (светилен на Утрена на св. вмч. Георгиј Победоносец).
И покрај сите препреки што ни се испречија годинивие наназад, свечената Струша литија - Еордија, не престана да им светли на стружани и на околните жители, секогаш потсетувајќи ги верните чеда за силата на православието и за силата на Христовото Воскресение, нешта што ги зацврстуваат и засилуваат верата, надежта и љубовта во оние кои веруваат и се надеваат на Христовото Воскресение. Оваа година, свечената еордија се врати во сиот полн сјај, благодарение на пожртвуваната љубов и грижа на струшките свештеници, на братствата и сестринствата од Бигорскиот, Рајчичкиот и Пречистанскиот манастир, а сето ова со благослов на нашиот духовен водач - Митрополитот Тимотеј. Според обичајот, на 07.05.2022 година, ден по прославата на светиот великомаченик Георгиј, во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга, во утринските часови беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодно слово во слава на Христовото Воскресение.